Свет
Советот за безбедност не ја прифати резолуцијата за Сирија, Русија и Кина ставија вето
Русија и Кина во четвртокот ставија вето на резолуцијата предложена од западните земји во Советот за безбедност на Обединетите нации, со којашто на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад му се закануваа уште пожестоки санкции.
Станува збор за трето по ред одбивање на Москва и Пекинг да прифатат резолуција со којашто Обединетите нации ќе извршат притисок врз официјален Дамаск поради 16-месечните судири коишто избувнаа по протестите со коишто се бараше заминување на претседателот Башар ал-Асад, иницирани со Арапската пролет која доведе до соборување на режимите во Египет, Тунис, Либија … Русија и Кина првото вето го вложија во октомври 2011 година, а вторпат таа можност ја искористија во февруари 2012 година, со образложение дека со таквиот документ се врши притисок само врз официјалната власт во Сирија а не и врз вооружената опозиција, дека наметнува политичко решение однадвор, како и дека отвора пат за ткн либиско сценарио, односно можност за странска воена интервенција во Сирија.
„Велика Британија е запрепастена од ветото на Русија и Кина“, изјави британскиот амбасадор во ОН, Марк Лиол Грант, обвинувајќи ги двете земји дека „своите национални интереси ги ставаат пред животите на милиони Сиријци“, пренесува AFP.
Новото блокирање во ОН за вршење притисок врз сирискиот режим доаѓа во моментите кога се разгоруваат судирите меѓу регуларните безбедносни сили и вооружената опозиција којашто по нападот од средата врз седиштето на сириските безбедносни сили во кој загинаа тројца високи воени функционери во неколку преградија на главниот град Дамаск презема операции против војската.
Во нацрт резолуцијата поднесена од страна на западните земји во Советот за безбедност, Франција, САД, Германија, Португалија и Велика Британија, на властите во Дамаск им се заканува со зголемени економски санкции, доколку сириските сили за десет дена не престанат да употребуваат тешко вооружување против опозицијата.
Покрај тоа, мисијата на 300-те воени невооружени набљудувачи со мандат на Обединетите нации во Сирија (UNSMIS), коишто во земјата се распоредени уште од средината на април но во јуни ја прекинаа работата поради продолжувањето на борбените дејствија, се продолжува за 45 дена. Советот треба да донесе одлука за судбината на мисијата UNSMIS, до петок навечер, кога истекува мандатот на оваа деведесетдневна мисија.
Русија, исто така, ја повлече својата предлог-резолуција од гласањетп во Советот за безбедност поради одбивањето на западните претставници да соработуваат на неа. Ова го изјави по состанокот во Советот за безбедност, рускиот постојан претставник во ОН Виталиј Чуркин.
„Натамошната конфронтација во Советот за безбедност е беспредметна и контрапродуктивна. Во оваа смисла, ние нема да ја предложиме за гласање предлог-резолуција“, изјави Чуркин, пренесува ИТАР-ТАСС.
Русија предложи документ со кој за три месеца се продолжува мандатот на набљудувачка мисија во Сирија, кој истекува на ноќта на 21 јули.
Од друга страна Reuters повикувајќи се на дипломатски извори пренесува дека Велика Британија ќе се разработи нова нацрт-резолуција за продолжување на набљудувачката мисија во Сирија за 30 дена./крај/мф.сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Meлони го прослави роденденот во Јапонија и објави аниме-селфи со јапонската премиерка
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го прослави својот 49. роденден во Токио, за време на средбата со јапонската премиерка Санае Такаичи. Такаичи ѝ приреди торта и подароци, а двете лидерки направија заедничко селфи, чија „аниме“ верзија Мелони подоцна ја објави на социјалните мрежи, пренесе Скај њуз.
Due Nazioni lontane, ma sempre più vicine.
Amicizia e sintonia con @takaichi_sanae 🇮🇹🇯🇵 pic.twitter.com/LbRlnoeQcZ— Giorgia Meloni (@GiorgiaMeloni) January 16, 2026
На средбата беше најавено продлабочување на соработката меѓу Италија и Јапонија во областа на безбедноста, економијата и технологијата. Двете се први жени премиерки во своите држави и најавија унапредување на односите во „посебно стратешко партнерство“.
Фото: ЕПА
Свет
Исчезна авион во Индонезија
Авион ATR 400 на лет од Џогјакарта кон Макасар го изгубил контактот во индонезиската провинција Јужен Сулавеси, јавија денеска локалните медиуми.
Леталото на компанијата Indonesia Air Transport требало да слета на Меѓународниот аеродром Султан Хасанудин во Макасар. Контактот наводно бил изгубен околу 13:17 часот по локално време, додека авионот летал над подрачјето на Марос, пренесе Синхуа.
Индонезиската агенција за пребарување и спасување Basarnas во Макасар соопшти дека тимови се упатени на сомнителна локација, откако од AirNav Indonesia добиле податоци со координати.
Според информациите, потрагата се спроведува во областа Леанг-Леанг во регентството Марос.
Шефот на операции на Basarnas во Макасар, Анди Султан, изјави дека првичните информации укажуваат оти авионот бил на пат кон Макасар кога е изгубен контактот.
Во заедничката операција за пребарување и спасување учествуваат три тима со околу 25 лица.
Началникот на полицијата во регентството Марос, Даглас Махендраџаја, изјави дека полицијата ги проверува наводите за губење на контактот со авионот, додавајќи дека информацијата сè уште не е официјално потврдена.
Свет
Иранскиот врховен лидер го обвини Трамп за немирите и жртвите
Протестите што со недели го потресуваа Иран се смирија, но зад себе оставија илјадници жртви и тешки обвинувања. Иранскиот врховен водач Али Хамнеи го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за „жртвите и штетите“ настанати за време на немирите, пренесува Скај њуз.
Во својата прва објава на социјалната мрежа „Икс“ по 12 јануари, иранскиот врховен водач Али Хамнеи изјави дека Доналд Трамп го смета за одговорен за жртвите, штетите и клеветите што ги изнел против иранскиот народ.
Хамнеи претходно ги обвини демонстрантите дека дејствуваат во име на Трамп и други „странски терористи“, нарекувајќи ги „вандали и“ кои „ги уништуваат сопствените улици за да го израдуваат претседателот на друга земја“.
За време на немирите, дел од демонстрантите ги палеа фотографиите на Хамнеи, што стана симбол на пркос и отпор против режимот.
Според организациите за човекови права, во насилното задушување на протестите биле убиени над 3.000 луѓе, додека иранските власти признаваат околу 300 жртви. Демонстрациите избувнаа кон крајот на декември поради економската криза, а прераснаа во протести против клерикалната власт.
Иако животот во Техеран и другите градови постепено се нормализира, властите спроведуваат процена на штетите, додека интернетот бил речиси целосно блокиран повеќе од една недела, што ја отежнало независната проверка на настаните.
Фото: ЕПА

