Свет
Почна отворањето на мавзолејот на Арафат
Во вторникот почнаа работите на отворањето на мавзолејот на починатиот палестински водач Јасер Арафат за да биде ексхумирано неговото тело во рамките на истрагата за наводното негово труење со радиоактивна материја, јави AFP повикувајќи се на извор близок до семејството Арафат.
Претходно палестинските власти ги забранија посетите на мавзолејот на Јасер Арафат во Рамалах, во палестинската енклава на Западниот брег од брегот на реката Јордан, поради започнување на подготовките за ексхумација на неговите посмртни останки за утврдување на точната причина за смртта. По отворањето на гробницата, коешто според локалните медиуми е планирано за 26-ти ноември, Палестинците се подготвени да им дозволат на експертите од Швајцарија, Франција и Русија да започнат со експертизата.
„Денес (работниците) почнаа да го отвораат цементниот под и да ги отстрануваат камењата од мавзолејот на Арафат, а работата ќе продолжи најмалку 15 дена“, го цитира агенцијата својот извор.
Јасер Арафат, лидерот на Палестинската ослободителна организација (PLO), беше основач и прв претседател на Палестинската национална администрација, ја доби Нобеловата награда за неговата улога во мировните преговори со Израел.
Јасер Арафат во октомври 2004 година од разурнатото седиште во Рамалах поради нагло влошување на неговото здравје беше префрлен во Франција. Тој во Рамалах две ипол години беше во своевидно заточеништво на Израел.
Еден месец подоцна Арафат почина во една париска воена болница, а сомневањата дека нешто не било во ред се појавија многу бргу по неговата смрт, бидејќи неговите лекари не можеа точно да ја востановат точната причина за неговата смрт.
Сопругата Суха и 17-годишната ќерка на Арафат, Захва, пред судот во париското предградие Нантиер во јуни 2012 година поднесоа тужба против непознат сторител за убиство со предумисла. „Изненадена сум што суверена земја како што е Франција, не ја знае причината за смртта на еден шеф на држава кој е лекуван во француска болница“, изјави тогаш Суха Арафат за парискиот дневен весник Le Figaro.
Тужбата беше поднесена откако швајцарскиот Институт за радијациска физика во Лозана, Швајцарија на облеката што ја носел Арафат најде необично високо ниво на полониум 210. Швајцарскиот институт соопшти дека сомнежите дали Арафат бил отруен не може да се потврдат или демантираат без да се анализираат и посмртните остатоци на Арафат.
Поради тоа претседателот на Палестина, Махмуд Абас одобри на 9-ти јули 2012 година, ексхумација на посмртните остатоци на неговиот претходник, со цел да се утврди дали тој бил отруен, потпишувајќи го одобрението за ексхумација побарано од Суха Арафат и ги повика швајцарските експерти да извршат аутопсија врз остатоците на Јасер Арафат.
Суха Арафат ја побара ексхумација на телото на својот сопруг, откако телевизиската мрежа Al Jazeera обелодени докази за траги од радиоактивен полониум 210 на облеката што ја носел во последните денови од својот живот.
Истрагата претставена во документарниот филм „Што го уби Арафат?“ која беше емитувана на почетокот од јули годинава на мрежата на Al Jazeera обелоденува детали околу смртта на Арафат, по мистериозната болест што ја доби во 2004 година. Филмот открива дека примероците земени од неговите лични предмети, како на пример четката за заби, капата и долната облека, содржат високо ниво на полониум 210, радиоактивна супстанца која може да се создаде само во нуклеарен реактор./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Египетската полиција приведе туристи кои се соблекле за фотографија кај пирамидите
Тројца млади шпански туристи беа приведени во Египет поради снимање „непримерени фотографии“ кај пирамидите во Гиза.
Според „Еџипт индепендент“, тие делумно се соблекле за време на фотографирањето, по што биле приведени од полицијата и испитани.
За време на истрагата, туристите изјавиле дека немале намера да го прекршат јавниот морал. Тие објасниле дека само сакале да направат смешни фотографии за спомен, не сфаќајќи дека ги кршат египетските закони.
По плаќање на парична гаранција од 5000 египетски фунти (околу 90 евра), тие се пуштени на слобода до завршување на истрагата.
Фото: Рипато / Freepik
Свет
Кина ги ублажува трговските тензии со Европа со ново одобрение за извоз на чипови
Кинеското Министерство за трговија одобрило продолжување на испораките на чипови на компанијата „Некспериа“, која е од клучно значење за европската автомобилска индустрија. Одлуката следи по договор меѓу Европската комисија и Пекинг за повторно активирање на трговијата со полупроводници, објави комесарот Марош Шефчович.
Портпаролот на кинеското министерство изјави дека Кина презела практични мерки за извоз во цивилни цели и ја повика холандската страна да ги исправи своите погрешни практики. Потегот дојде по тензиите предизвикани од холандската одлука да воведе вето врз управувањето со „Нексерија“ поради национална безбедност. Поради тоа Кина претходно го замрзна извозот на чипови, што ја загрози европската автомобилска индустрија.
По обновувањето на дел од извозот, автомобилските компании како „Волксваген“ веќе почнале да добиваат нови пратки, а акциите на „Вингтек технолоџи“ на берзата во Шангај пораснаа за повеќе од 3 отсто.
Паралелно, Кина привремено ја укина и забраната за извоз на некои стратешки суровини во САД, меѓу кои галиум и германум, што дополнително ги намали ризиците во глобалните синџири на снабдување.
Свет
Столтенберг: „Војната во Украина можеше да се избегне“
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека руската инвазија на Украина можеше да се спречи, но дека поддршката на алијансата дојде како „премногу мала, предоцна“.
Зборувајќи во интервју за РСЕ/РЛ на 7 ноември, тој исто така вели дека за време на мандатот се плашел дека НАТО може да се распадне.
Столтенберг се присети на напнатиот телефонски повик што го добил од украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари 2022 година додека руските тенкови се приближуваа кон Киев.
„Зеленски ми се јави од бункерот. Побара НАТО да го затвори небото и да ги запре руските авиони, беспилотните летала и хеликоптерите. Ми рече: ‘Знам дека НАТО може да го направи тоа, вие веќе го направивте тоа’“, рече Столтенберг.
Како што истакна, ако го стореа тоа, ќе почнаа целосна војна меѓу НАТО и Русија.
„Ќе моравме да ги уништиме руските системи за воздушна одбрана во Белорусија и Русија и да собориме руски авиони. Како што рече тогаш претседателот Бајден – „нема да ризикуваме трета светска војна поради Украина“, додаде Столтенберг.
Столтенберг, кој го водеше НАТО од 2014 до 2024 година, ги опиша раните реакции на алијансата на инвазијата како длабоко конфликтни.
„На 24 февруари 2022 година донесовме две одлуки: да ја зголемиме поддршката за Украина и да спречиме ширење на војната надвор од нејзините граници. Овие цели беа фундаментално контрадикторни. Ако нашата единствена цел беше победата на Украина, ќе испраќавме војници и авиони. Не го направивме ова за да избегнеме директна војна меѓу НАТО и Русија“, рече Столтенберг.
Столтенберг верува дека посилната воена поддршка за Украина по руската анексија на Крим во 2014 година би можела да го одврати Путин од почнување инвазија од големи размери.
„Нашата поддршка дојде предоцна и беше премногу слаба. Се плашевме да ја провоцираме Русија, но Русија сепак изврши инвазија“, додаде тој.
Сега, како норвешки министер за финансии, Столтенберг истакнува дека Русија може да се согласи на преговори само со зајакнување на Украина на фронтот.
„Не можеме да го предомислиме Путин, тој сака контрола врз Украина. Но, можеме да ја промениме неговата пресметка. Ако цената стане превисока, тој би можел да седне на преговарачка маса. Зеленски понуди разговори за прекин на огнот, но Путин ги отфрли. Мораме да ја направиме Украина посилна на бојното поле“, додаде Столтенберг.

