Македонија
Македонија во медиумски „делумно слободни“-те држави
Во недела се одбележува Светскиот дена на слободата во медиумите, па вообичаено Фридом Хаус го објави рангирањето на државите во однос на слободата на медиумите. Македонија е на 98-то место со вкупна оценка 47
Во 2008 г. новинарите секаде во светот беа соочени со зголемени тешкотии во извршувањето на нивните професионални задачи. Според истражувањето на Freedom House, минатата година е одбележана со опаѓање на слободата на медиумите во светот и е седма година по ред, а првпат е забележано влошување во сите региони.Забележливо е што скратувањето на слободата на медиумите не е веќе поврзано само со авторитарните режими. Така Израел, Кина, Италија и Хонконг кои досега беа вбројувани во категоријата „слободни“ сега се поместени во категоријата „делумно слободни“. Во 195 држави и региони во кои се врши истражувањето на Фридом Хаус, 70 земји или 36 отсто се категоризирани како „слободни“, 61 или 31 отсто како „делумно слободни“ и 64 или 33 проценти како „неслободни“.Регионот на средна и источна Европа и поранешниот Советски сојуз, претпреле поголем пад на медиумските слободи од кој и да е друг регион во светот, при што се наведуваат убиствата на новинари во Хрватска и во Бугарија, и нападите на новинари во Босна и Херцеговина. Состојбата во Русија е влошена заради правосудниот систем кој не ги штити новинарите од напади, како и загрозување на независните медиуми од страна на носителите на законските прописи од оваа област, се вели во извештајот.Во комбинираниот регион на источна и средна Европа и државите од поранешен СССР, во кој спаѓа и Македонија, осум држави се во категоријата „слободни“, десет се „делумно слободни“ и десет се „неслободни“, категорија во која се сите поранешни советски републики без трите балтички. Белорусија, Узбекистан и Туркменистан се меѓу десетте земји со најлош однос кон медиумските слободи. Од регионот на Балканот, Бугарија е на 76. место со оценка 36, Црна Гора е на 78. место со оценка 37, Хрватска е на 81. место со оценка 38, Србија на 83. место со оценка 39, Македонија и Босна и Херцеговина го делат 98-то место со оценка 47, а зад нас е само Албанија на 101. место со оценка 50. Сите се во групата „делумно слободни“ држави според медиумските слободи што владеат во нив.„Неколку држави од југоисточна Европа, како што се БиХ, Бугарија и Хрватска, покажале негативни трендови заради зголемените физички закани и вознемирување на новинарите, во Хрватска и Бугарија се случија дрски убиства на медиумски работници, додека општото ниво на застрашувања и насилства пораснало во трите држави“, се истакнува во извештајот на американската организација Фридом Хаус. Притоа се изразува загриженост заради несанкционирање на порано сторени злосторства кон новинари во Бугарија, додека за БиХ, односно за Република Српска се забележуива се’ поголемо политичко влијание во работата на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

