Свет
Џон Ален нов командант на НАТО во Авганистан
Американскиот генерал Џон Ален во понеделникот во Кабул свечено го презема командувањето со силите на НАТО во Авганистан од генералот Дејвид Петраус.
Американскиот генерал Џон Ален во понеделникот во Кабул свечено го презема командувањето со силите на НАТО во Авганистан од генералот Дејвид Петраус.Американскиот генерал Дејвид Петраус командуваше со силите на НАТО во Авганистан една година, а пред извесно време беше назначен за директор на Централната американска разузнавачка агенција (ЦИА). Досегашниот директор на ЦИА, пак, Лион Панета, ја презема функцијата прв човек на американското министерство за одбрана. Замената во командата со НАТО во Авганистан доаѓа во клучен момент, еден ден откако официјално почна предавањето на одговорноста за безбедноста во земјата во којашто НАТО постепено треба да ја пренесе на авганистанските безбедносни сили. До 2014 година странските сили би требале да го напуштат Авганистан.Минатиот петок командантот на американскиот контигент во Авганистан, мајорот Мајкл Вун објави дека САД започнаа со повлекувањето на своите војници од земјата. Минатата среда од Авганистан полетаа околу 650 војници претходно стационирани во провинцијата Парван. Американскиот претседател Барак Обама на 22 јуни годинава изјави дека САД има намера да повлече во 2011 година од Авганистан – 10 илјади војници и да го намали американското воено присуство во земјата почнувајќи од јули. До летото 2012 година од Авганистан треба да бидат повлечени 33 илјади американски војници, или околу една третина од вкупниот број американски војници во оваа земја. Контролата над безбедноста во Авганистан, конечно ќе им биде предадена на локалните власти во 2014 година.Претходно, претставниците на американската воена команда соопштија дека во јули од Авганистан ќе бидат повлечени околу 800 членови на вооружените сили на САД.Во операциите во Авганистан учествуваа мултинационалните контингент на анти-терористичката коалиција, која е предводена од претставници на командата на американските сили, како и контингент од мисијата ИСАФ под команда на НАТО. Главните цели на двата контингента е, борба и уништување на припадниците на милитантното екстремистичко исламско движење „талибани“ и на глобалната терористичка организација Ал Каеда.Повод за почетокот на инвазијата и натамошните операции на САД и неговите сојузници меѓу кои и Република Македонија, во Авганистан беа терористичките напад врз САД извршени од припадници на Ал Каеда на 11-ти септември 2001 година, кога со киднапирани патнички авиони беа извршени неколку терористички акти од кои најголемо беше уривањето на ткн Кули близначки од њујоршкиот Светски трговски центар, во кои загинаа повеќе од три илјади луѓе.Според западните медиуми, од почетокот на операциите во Авганистан загинаа најмалку 2.589 странски војници, од кои 1.664 се Американци./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лекот за третман на рак веќе почна да се користи во болниците во Русија
Рускиот лек „Ракурс 223Ра“ за третман на рак веќе се појави во болниците, објави денес Руската федерална медицинска и биолошка агенција.
Како што е наведено, лекот веќе е регистриран и одобрен за употреба во клиничката онкологија, а првата серија е доставена до медицинските установи, пренесува РИА Новости.
Лекот е развиен во Димитровград и е базиран на радионуклидот радиум-223, кој првенствено се користи за контрола на коскените метастази.
Се вели дека неговото зрачење влијае на метастазите со намалување на болката кај пациентите, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.

