Македонија
Швајцарија со парична помош за Македонија, Србија и БиХ за мигрантите

Швајцарија во недела соопшти дека планира да испрати финансиска помош за Македонија, Србија и БиХ за да се реши ситуација со големиот број бегалци кои минуваат низ територијата на овие земји за да стигнат до Европската унија.
Швајцарското министерство за надворешни работи ја потврди информацијата објавена во весникот “NŽ am Zontag” дека Швајцарија планира да им прати помош на балканските земји, пренесува АФП.
Според она што е објавено во швајцарскиот весник, Берн планира да испрати 93.000 евра, но портпаролката на министерството за надворешни работи на Швајцарија, Силвија Милер за агенцијата изјавила дека сумата ќе биде дополнително утврдена.
Таа додала дека за ова прашање ќе се разговара на билатералниот состанок меѓу властите на Швајцарија и Србија, којшто ќе се одржи наредната недела.
Одлуката на Берн се совпаѓа со мислењето на мнозинството на Швајцарците за начинот на кој треба да се реши мигрантската криза во анкета којашто беше објавена во недела.
Швајцарската влада инаку предвидува дека оваа земја со осум милиони жители ќе прими околу 30.000 барања за азил во текот на оваа и наредната година./крај/тј
Извор: Фото (america.aljazeera)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Илинден ќе донира 500.000 денари финансиска помош за настраданите во пожарот во Кочани

Општина Илинден ќе донира 500.000 денари за настраданите во пожарот во Кочани. По трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, при што загинаа најмалку 59 лица, а над 190 се повредени, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изрази длабоко сочувство и солидарност за погодените семејства и предложи до Советот на општината, Општина Илинден да донира 500.000 денари од општинскиот буџет за помош на настраданите семејства.
Во знак на поддршка, Општината одлучи да ги донира овие финансиски средства во Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Македонија, со цел да се обезбеди директна помош на погодените семејства.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека оваа донација е мал гест на солидарност кој има за цел да им помогне на семејствата погодени од оваа тешка трагедија. Тој изрази надеж дека овие средства ќе придонесат за пребродување на тешката ситуација во којашто се наоѓаат семејствата погодени од оваа катастрофа.
Оваа најнова донација е само еден од многуте примери за посветеноста на општината кон заедницата и солидарноста во време на криза. Општина Илинден продолжува да ги поддржува хуманитарните активности, редовно учествувајќи во донации и помош за оние на кои им е најпотребно.
Македонија
Медиумите да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди: АВМУ за информирањето за погребите на жртвите од несреќата во Кочани

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува медиумите, при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани, да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.
“Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во оваа насока се и барањата од жителите од Кочани кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.
Генерално, деновиве медиумите покажаа висок степен на професионалност. Имаше неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина, за што се доставени и претставки до Агенцијата, поради што посочуваме радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема. Истовремено, важно е и класичната музика која се емитува да биде соодветна на деновите на жалост£.
Aпелирaaт до медиумите да им ја пружат потребната поддршка на нивните медиумски работници кои изминативе деновиве при извршувањето на нивните работни обврски се изложени на исклучителен стрес и, со тоа, на здравствени ризици.
Македонија
Побаран нов притвор за несреќата во Кочани: вкупниот број се искачува на 18 лица

Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд доставил предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот.
На уште две лица, по предлог на обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден и тој се уште трае.
До овој момент мерката краткотраен притвор е побарана за 18 лица, соопшти обвинителството.