Македонија
ОН: Се очекува во Македонија да пристигаат по 3.000 бегалци дневно
Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште во Германија, Шведска и други земји членки на Европската Унија, соопштуваат од Обединетите нации кои очекуваат во Македонија дневно да пристигаат по 3.000 бегалци.
Повеќе од 50.000 вакви патници се регистрираа во полициската станица во Гевгелија, откако на 18 јуни 2015 година стапија на сила новите измени на Законот за азил и привремена заштита. Со оглед на тоа што многумина се движат на север без да се регистрираат, реалната бројка на пристигнати лица се проценува на над 70.000 за само нешто повеќе од два месеца. Преку 80% од оние кои влегуваат во земјата бегаат од војната во Сирија, фактор што автоматски ги квалификува за меѓународна заштита.
„Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен, како за националните и за локалните власти, така и за Црвениот крст и другите граѓански организации. Товарот ќе станува сè потежок: врз основа на трендовите во Турција и Грција, Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) сега предвидува дека бројот на новопристигнати во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно“, се вели во соопштението на Обединетите нации.
Од самиот почеток, агенциите на Обединетите нации со седиште во Скопје им помогаат на националните партнери во грижата за бегалците и мигрантите, со посебен фокус на ранливите лица. Иако најголем дел од оние кои патуваат се мажи, жените и децата сега изнесуваат речиси една третина. Дополнително, Фондот на Обединетите нации за население (УНФПА) проценува дека 12 отсто од жените се бремени.
„Системот на Обединетите нации ја поздравува неодамнешната потврда на земјата за заложба за справување со приливот и транзитот на илјадниците бегалци и мигранти во согласност со меѓународните човекови права и Конвенцијата на Обединетите нации за бегалци од 1951 година. Иако државите имаат суверено право да ги утврдат условите за влез и престој на нивните територии, државите исто така имаат обврска да ги почитуваат, заштитуваат и исполнуваат човековите права на сите поединци кои се под нивната јурисдикација, без оглед на нивниот правен статус“, се вели во соопштението на Обединетите нации.
Системот на Обединетите нации го поддржува повикот на Владата до Европската унија и до останатата меѓународната заедница итно да се постигне договор за целисходни решенија со кои ќе се олесни страдањето на луѓето во транзит и порамноправно ќе се подели одговорноста за кризата чии корени се далеку од Западниот Балкан.
„Македонија не треба да се соочува со оваа криза сама, ниту пак да биде принудена да зависи само од сопствените ограничени ресурси. Системот на Обединетите нации е подготвен да даде натамошна поддршка на овие напори“, пишува во заедничкото соопштение на Обединетите нации за јавноста. /крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.