Свет
Проблемот со системите за аплицирање „паклитаксел" и натаму не е решен
Болните од рак и натаму не можат да се лекуваат со цитостатикот „паклитаксел" зашто Клинички центар не набавува специјални системи за инфузија за аплицирање на овој лек.
Надлежните се препукуваат, болните од рак без цитостатик
Болните од рак и натаму не можат да се лекуваат со цитостатикот „паклитаксел" зашто Клинички центар не набавува специјални системи за инфузија за аплицирање на овој лек. Директорот на Клиничкиот центар, д-р Андреја Арсовски, вели дека реагирал до Фондот за здравствено осигурување лекот да се испорачува заедно со системот, но оттаму тврдат дека обезбедувањето на инфузионите системи не е нивна обврска, туку на Клиничкиот центар, каде што и се користи овој лек. Од клиничката управа и од клиничката аптека, пак, како што се дознава, засега немаат намера да купат од овие системи. Постојано се вели дека тендерот ќе се распише, но од него засега нема ништо. Клиничката аптека бара начини како да се снабди со неопходните системи за аплицирање, дури се размислува и за донација. Во меѓувреме, нарачките за цитостатикот течат без застој и се создаваат залихи, зашто тој нема со што да им се даде на пациентите.
Дека набавката на системите е во надлежност на Клиничкиот центар од клиничката управа велат дознале откако овој проблем беше изнесен во јавноста. Иако за „Утрински весник" од Фондот тврдеа дека му одговориле на Клиничкиот центар на неговите реакции со тоа што сами да ги набават системите, во клиничката управа велат дека не знаат за тој одговор и не знаат до каде е работата со нивната набавка. За тендерот, велат во клиничката управа, ќе се консултираат во клиничката аптека. Оттаму во текот на вчерашниот ден немаше никој да ни објасни дали и кога ќе се распише тендер за системите за цитостатикот, кој веќе трет месец болните не го примаат зашто нема со што да им се аплицира лекот.
До ваквата збрка да има лек, а со него да не може да се лекуваат болните од рак зашто нема специјални системи за нив, според добрите познавачи на клничките услови дошло бидејќи досега на тендерите обично се избирал „паклитаксел", кој е во пакет со системот за аплицирање. Како на последниот тендер од лани можела да помине како најповолна понуда без да има и системи за аплицирање никој не сака да објасни. Според клиничката управа, пропустот е на Фондот, додека според Фондот системите се обврска на здравствената установа каде што се дава, а тоа е Клиничкиот центар. (Ј.Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

