Свет
Малики и Алави во мртва трка по изборите во Ирак
																								
												
												
											Ирачкиот премиер Нури ал-Малики и неговиот секуларен противкандидат Ајад Алави се најдоа во мртва трка по објавувањето на резултатите од парламентарните избори по преброени 83 проценти од гласовите
Ирачкиот премиер Нури ал-Малики и неговиот секуларен противкандидат Ајад Алави се најдоа во мртва трка по објавувањето на резултатите од парламентарните избори по преброени 83 проценти од гласовите.
Според последните резултати Малики има предност од околу 40 илјади гласови, пред Алави, кој по преброените 79 отсто гласачки ливчиња, од изборите одржани пред две недели, водеше со 9 илјади.
Според агенциите составувањето на владата во Ирак ќе биде проблематично, бидејќи ниту една партија нема да има јасно мнозинство, а резултатите засега не му влеваат оптимизам на премиерот Нури ал-Малики, кој има добри резултати во Багдад и во шиитските провинции. Од друга страна Алави води во поголемиот број на провинции, што е предност, бидејќи конечниот состав на парламентот со 325 мандати се формира, според резултатите од провинциите, а не по вкупниот број на гласови.
По објавувањето на конечните резултатите, парламентот ќе избере претседател, кој ќе му го довери мандатот за состав на влада на лидерот на коалицијата со најмногу гласови.
Доколку премиерот Малики формира влада тој не може да смета на соработка со исламистичката коалиција предводена од Врховниот исламски совет на Ирак и фракцијата на радикалниот и милитантен шиитски клерик Моктада ал-Садр.
Проблем претставуваат и курдските партии, кои досега имаа пресудна улога во составувањето на било која влада во Ирак. Гласовите на Курдите, кои претставуваат 15 до 20 проценти од населението, досега беа јасно поделени во две партии. Сега покрај Демократската партија на Курдистан, предводена од Масуд Барзани и Патриотската унија на Курдистан на Џалал Талабани се појави новата курдска партија Горан (Промена), со што преговорите со Курдите може да станат попроблематични.
Покрај Малики, на маки е и неговиот противкандидат Алави. Неговите добри резултатите се должат на поддршката на сунитите, кои сочинуваат помал дел од ирачката популација. Нивната поддршка е пречка во составувањето на влада со Курдите, а соработката со исламистичката коалиција на ал-Садр е тешко замислива.
Засега не се изброени гласовите на ирачаните од странство и од безбедносните служби, кои можат да направат пресврт во резултатите, особено во Багдад. /крај/б/хи/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Свет
Гренланд го менува својот облик и се движи кон северозапад
														Додека климата бргу се менува, Гренланд, најголемиот остров во светот, буквално го менува својот облик. Неговата почва се извиткува, се движи и се крева како да дише со планетата.
Новите податоци од научниците покажуваат дека мразот што се насобрал и неговото постојано топење влијае не само на нивото на морето туку и на темелите на островот.
Во свет на кој сè повеќе му снемува мраз овие деформации би можеле да имаат длабоко влијание врз иднината на регионот, пишува „Сајан алерт“.
Според истражувањето спроведено од меѓународен тим научници предводен од Техничкиот универзитет во Данска (DTU), Гренланд физички се менува на начин што би можел да има последици за иднината на навигацијата во околните води. Во текот на 20 години научниците следеле 58 специфични точки на територијата на островот анализирајќи ги сателитските ГПС-мерења, кои откриле дека копнената маса на островот се движи кон северозапад со просечна брзина од два сантиметра годишно. Сепак, движењето не е униформно: на некои места Гренланд се шири, а на други се намалува.
„Севкупно, ова значи дека Гренланд станува малку помал, што би можело да се промени во иднина“, објаснува геофизичарот Данжал Лонгфорс Берг од ДТУ.
Фото: принтскрин
Свет
Систем на пробен период за земјите што во иднина ќе станат членки на ЕУ; ЕК во страв од тројански коњ на Русија во рамките на Унијата
														Европската комисија разгледува воведување систем на пробен период за земјите што во иднина ќе станат членки на Европската Унија, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Според неа, овој механизам би се однесувал и на Украина и на Молдавија, како и на сите други земји што сè уште не се приклучиле на Унијата. Во текот на неколку години по пристапувањето во членството, на новите држави би можеле да им бидат ограничени правата, па дури и суспендирано членството, доколку не ги исполнат стандардите и обврските пропишани од Унијата.
„Новиот систем би овозможил континуирано следење на усогласеноста со европските стандарди за владеење на правото и функционирањето на институциите“, рече Кос нагласувајќи дека целта не е да се создадат двојни членки на ЕУ, туку да се заштитат кредибилитетот и стабилноста на европскиот проект.
Таа додаде дека во Брисел постои страв дека некои нови членки, доколку не поминат низ темелен процес на верификација по влезот, би можеле да станат тројански коњ на Русија во рамките на Унијата. Поради оваа причина, Европската комисија подготвува сет нови правила што би овозможиле привремено ограничување на правото на глас или финансиски средства во случај на сериозни отстапувања од европските вредности и политики.
Предлогот е дел од поширока реформа на процесот на проширување на ЕУ, која има цел да ја балансира геополитичката потреба за прием на нови земји со барањето за зачувување на функционалноста и единството на самата Унија, пренесуваат медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Почина поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни
														Почина Дик Чејни, поранешен шеф на кабинетот на Белата куќа, конгресмен, секретар за одбрана и потпретседател на САД, потврди неговото семејство. Имаше 84 години.
Тој беше помошник во Белата куќа под Ричард Никсон, шеф на кабинетот под Џералд Форд, секретар за одбрана под Џорџ Х. В. Буш и потпретседател за Џорџ В. Буш.
Почина од компликации од пневмонија, соопшти неговото семејство.
Чејни беше еден од најполаризираните потпретседатели во американската историја под Џорџ В. Буш и водечки застапник за инвазијата на Ирак.
Во подоцнежниот живот тој стана цел на Доналд Трамп, особено кога ќерка му Лиз Чејни стана водечки републикански критичар на обидите на Трамп да остане на власт по изборите во 2020 година и нападот врз Капитол.
„Во 246-годишната историја на нашата нација никогаш не постоела поголема закана за нашата република од Доналд Трамп. Тој се обиде да украде избори користејќи лаги и насилство за да остане на власт откога гласачите го отфрлија. Тој е кукавица“, рече Чејни во телевизиска реклама за својата ќерка.
Минатата година тој објави дека ќе гласа за Камала Харис, демократската претседателска кандидатка против Трамп.
Дик Чејни преживеал пет срцеви удари и во 2013 година рече дека се буди секое утро „со насмевка на лицето, благодарен за дарот на уште еден ден“.
Во соопштението од неговото семејство се вели: „Со децении Дик Чејни ѝ служеше на нашата нација, вклучително и како началник на кабинетот на Белата куќа, конгресмен од Вајоминг, секретар за одбрана и потпретседател на Соединетите Американски Држави. Дик Чејни беше голем и добар човек, кој ги научи своите деца и внуци да ја сакаат нашата земја и да живеат живот исполнет со храброст, чест, љубов и љубезност.
Неизмерно сме благодарни за сè што Дик Чејни направи за нашата земја. И неизмерно сме благословени што го сакавме и бевме сакани од овој благороден џин од човек“.
Фото: ЕПА

