Македонија
Македонија земја со умерен ризик од тероризам и политичко насилство

Македонија се наоѓа во категоријата земји со умерен ризик од тероризам и политичко насилство во 2011 година, проценува Аон Риск Солушнс (Aon Risk Solutions), водечка глобална компанија за управување со ризици и посредување во осигурување.
Македонија се наоѓа во категоријата земји со умерен ризик од тероризам и политичко насилство во 2011 година, проценува Аон Риск Солушнс (Aon Risk Solutions), водечка глобална компанија за управување со ризици и посредување во осигурување. Според Аон Риск Солушнс, политичкото насилство, штрајковите, востанија, граѓанската војна и војната му се закануваат на одржливиот развој, континуитетот и профитабилноста на претпријатијата исто колку и тероризмот.Поради тоа, годишната Карта на закана од тероризам и политичко насилство за прв пат во десетгодишната историја на проценка на тежината на опасностите со кои се соочуваат претпријатијата ширум светот, ги зема предвид и тие фактори. Картата на тероризмот и политичко насилство за 2011 година покажува зголемен ризик од политичко насилство на Средниот исток и во Северна Африка, што е одраз на големите немири во регионот во текот на „арапската пролет“. На картата се одразуваат и граѓанските немири и работничките штрајкови што произлегле од мерките за штедење во западноевропските држави како што се Грција, Франција, Шпанија и Обединетото Кралство. Македонија, заедно со Србија и БиХ, спаѓа во категоријата земји со умерен ризик, додека Хрватска, Словенија и Црна Гора се наоѓаат во категоријата земји со занемарлив ризик. “Иако картата на закана од тероризам на АОН почна да се прави како последица од нападот од 11 -ти септември, проблемите што би требало најмногу да ги загрижуваат луѓето и претпријатијата силно се проширија во десетгодишниот период што уследи. Тероризмот и натаму е многу реална опасност во целиот свет, но факт е и дека опасност за континуитетот во работењето исто така доаѓа и од политичкото насилство во сите негови бројни форми. Претпријатијата би требало прво да утврдат со кои опасности се соочуваат и да воведат сеопфатна програма за управување со ризиците за да ги заштитат своите вработени, материјалниот имот и, секако, бизнис резултатите. Бидејќи пазарот за осигурување од ризикот од тероризмот е добро развиен и може да се справи со сложените меѓународни ризици, осигурувањето треба да се смета како дел од добрата програма за управување со ризици“, вели директорот за прашања за тероризмот во службата за кризен менаџмент на Аон Риск Солушн, Неил Хендерсон. /крај/хи/мв
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.