Регион
Ердоган не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд за ослободување на новинарите
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека ниту ја почитува, ниту прифаќа уставниот суд според кој притворањето на двајцата новинари поради откривање на афера за шверцување оружје во Сирија биле прекршени нивните права, пренесува Reuters.
Чан Дундар, главниот уредник на опозицискиот дневен весник Cumhuriyet, и Ердем Ѓул, шеф на дописништвото во Анкара, беа ослободени во петокот по 92 дена од затворот во Силивра, на периферијата од Истанбул, со аргументот дека „нивните права на лична слободата и безбедност се прекршени“, турскиот Уставен суд наред во четвртокот кривичниот суд да го прекине тоа „кршење“.
„Ќе молчам за одлуката на судот. Но јас не треба да ја прифатам, сакам тоа јасно да го кажам. Не ја прифаќам, ниту ја почитувам таа одлука. Тоа нема никаква врска со слободата не медиумите. Тоа е шпионирање“, изјавил турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Жестоките противници на турската власт, Дундар и Ѓул, обвинети се за шпионажа, откривање државни тајни и обид за државен удар, и беа затворени кон крајот ноември. Причината за тоа беше написот проследен со видео снимки објавен ланскиот мај за тоа како турската жандармерија во јануари 2014 година на сириската граница пресретнала камиони кои припаѓале на турската тајна служба со оружје наменето за екстремните исламски бунтовници во Сирија, па дури се споменува и терористичката група Исламската држава.
Инкриминираниот напис предизвика гнев кај претседателот Ердоган и владата, кои негираа дека им даваат каква и да е поддршка на радикалните сунитски исламистички групи кои во соседна Сирија се борат за соборува од власт на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад. Ердоган тврди дека камионите содржеле помош за Туркмените, туркофона етничка заедница која живее во Сирија, и дека новинарите биле соучесници во „саботирањето“ на таа помош, со цел да му наштетат на неговиот и на угледот на неговата партија.
Сепак притворањето на новинарите предизвика меѓународни осуди и загриженост за слободата на медиумите во Турција.
И покрај ослободувањето од затворот, на двајцата новинари и натаму им се заканува доживотната затворска казна, најтешката предвидена со турскиот кривичен законик, кој а побара судот и одреди датум за почеток на судењето на 25-ти март, и им е забрането да ја напуштаат земјата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

