Македонија
Евроинтеграции и Антикорупциска потпишаа Меморандум за соработка
Вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски и претседателот на Државната комисија за спречување на корупција Илми Селами потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции, во делот на изработка на програми за репресија и превенција на корупција и спречување на судир на интереси
„Овој Меморандум всушност ја одразува поддршката на СЕП, на Министерството за правда, а и целокупната Влада во однос на подготовката на двете нови државни програми кои навистина се значајни стратешки документи за Македонија и нејзиниот систем во борбата против корупцијата за наредниот период од 2011 до 2015 година“, изјави Селами по потпишувањето на Меморандумот. Тој додаде дека Меморандумот значи поддршка и во имплементацијата на мерките и активностите што ќе бидат предвидени во тие програми и акциските планови.Наумовски посочи дека стратешки приоритет на Владата и натаму останува борбата против корупцијата во сите сфери на општеството, поради што се подготвени да дадат целосна поддршка во изготвувањето на програмите. „Потпишувањето на Меморандумот за соработка ја потврди поддршката и соработката што ние веќе ја имаме со ДКСК. Тој ќе преставува и основа за поддршката што СЕП ќе ја даде во имплементацијата на активностите за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Убеден сум дека со потпишувањето на овој Меморандум нашата заедничка работа ќе продолжи во позитивна насока“, рече вице премиерот задолжен за европски прашања. Резултатите што ги постигнале државните институции, вклучително и ДКСК, како што рече Наумовски се нотирани и од Транспарентност Македонија, која ја рангирала Македонија на 62 место, намесо досегашното 71 место, како и од страна на ЕК, која го нотира напредокот во борбата против корупцијата во Извештајот за напредкот на Македонија за 2010 година
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

