Економија
Еврото на ново најниско ниво спрема доларот

Еврото во петокот на меѓународните пазари се спушти на новото најниско ниво во седум седмици во однос на американскиот долар и е на пат на дополнителни загуби, откако несогласувањата во врска со решавањето на должничката криза доведе до скок на трошоците на задолжување на Италија
Еврото во петокот на меѓународните пазари се спушти на новото најниско ниво во седум седмици во однос на американскиот долар и е на пат на дополнителни загуби, откако несогласувањата во врска со решавањето на должничката криза доведе до скок на трошоците на задолжување на Италија на ново рекордно ниво и до раст на побарувачката на ликвиден имот. Во текот на петокот, еврото спрема доларот беше во минус од еден отсто и со него се тргуваше по курс од 1,3223 долари, откако претходно накусо се спушти на само 1,3211 долари. Новото најниско ниво во последните седум седмици заедничката европска валута го забележа и спрема јапонскиот јен, спуштајќи се на околу 102,49 јени. Доларот, пак, зајакна спрема јенот, скокнувајќи за 0,8 отсто на 77,66 јени. Скокот на трошоците на задолжувањето на Италија на новите рекордни нивоа од воведувањето на еврото ги зголеми притисоците врз единствената европска валута. Владата на Италија во петокот беше принудена да се задолжи по пат на обврзници со рок на отплаќање од две години со каматна стапка над 8 отсто, додека 10-годишните обврзници ги продаде со приноси поголеми од 7 отсто, што се нивоа кој се сметаат неодржливи. Стравовите на инвеститорите во врска со големиот долг на Италија, дополнителни ги поттикнаа приносите на трезорските записи со рок на отплата од шест месеци на 6,604 отсто, што е речиси двојно поголем трошок на задолжувањето во споредба со 3,535 отсто од крајот на октомври и најголем од 1999 година. Решителното спротиставување на германската канцеларка Ангела Меркел за воведување заедничка обврзница за еврозоната и поголемата улог ана Европската централна банка (ECB) во надминувањето на кризата, ги стави во втор план вчерашните средби на лидерите на Германија, Франција и Италија.„Се чини дека еврозоната е на работ од амбисот, или можеби веќе понира. Додека не видиме решителни потези на европските власти, пазарите го очекуваат најлошото и ликвидниот долар затоа добива на привлечност“, вели за Reuters Џејн Фоли, валутен аналитичар во компанијата „Rabobank“.Доларот зајакна на највисокото ниво во седум седмици спрема шесте водечки светски валути, бидејќи инвеститорите се свртија кон него поради ликвидноста и статусот на безбедно засолниште за капиталот. Еврото, пак, ослаби речиси два отсто од почетокот на седмицата, доаѓајќи под зголемен притисок откако слабата побарувачка на германската аукција на државни обврзници во средата ги поттикна стравувањата дека должничката криза којашто влегува во својата трета година може да и’ се закани дури и на Германија, најголемото стопанство во Европа./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.