Македонија
Во Охрид мирно, во Пештани поплавено
Сите очи се вперени кон езерото, по веста дека нивото на Охридското езеро се искачи за 20 сантиметри. Во центарот на Охрид, како што јави репортерот на Макфакс, попладнето e мирно.
Сите очи се вперени кон езерото, по веста дека нивото на Охридското езеро се искачи за 20 сантиметри.Во центарот на Охрид, како што јави репортерот на Макфакс, попладнето e мирно.
Охриѓани љубопитно гледаат во езерото и проценуваат колку се искачило неговото ниво.
Жителите на Пештани пак се загрижени. Куќите во селото кои се наоѓаат до езерото се поплавени од надојдените води.
„На некои места дури и водата од фекалиите почна да се меша со водата на езерото. Постои страв и од зарази“ ни изјави жителка од Пештани.
Тие се жалат дека во скоро сите куќи подрумите се поплавени. Од надојденото езеро се штитат со вреќи песок и камења.
Жителите на Пештани бараат итно да се зацврсти патот низ селото со камен на критичните места и да се изгради потпорен ѕид на крајбрежјето.
Обилните дождови и подземните води го зголемија нивото на Охридското езеро.
Се излеа реката Грашница, а и коритото на Црн Дрим, што го запре сообраќајот патот Струга -Дебaр кај Луково. Патот се уште се расчистува. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даути поднесе оставка по интерпелацијата
Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, на која ѝ беше изгласана недоверба, денеска поднесе оставка од функцијата во собраниската комисија.
Даути инсистираше да ја образложи оставката, но откако ѝ беше укажано дека тоа не е дозволено со Деловникот, таа одбиваше да ја напушти говорницата, па претседателот на Собранието, Африм Гаши даде пауза. По продолжението на седницата Даути ја образложи својата оставка.
Од Европскиот фронт посочија дека ќе ја почитуваат одлуката на Илире Даути и го осудија потегот на Гаши.
Од „Влен“ попладнево велат дека оставката е признавање на слабост и показател за неодговорност.
„Илире Даути, позната во својот клуб како челичната дама, денеска стана ‘рѓосана заедно со целиот Европски Фронт, прифаќајќи ја нејзината оставка и жалејќи што помогнала да се блокира Законот за бранителите. Иако главниот товар за оваа блокада го понесе претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој доби кривична пријава од Левица за покажаната решителност во блокирањето на овој преполовен закон предложен од опозицискиот партнер на ДУИ, СДСМ. Решиле да ги остават ВЛЕН и Африм Гаши сами во оваа битка. Но, ова воопшто не ја расипува работата, бидејќи, како што ја започнавме оваа битка одделно, така и ќе ја продолжиме на сличен начин“, велат од „Влен“.
Од тука потсетија дека како пратеничка група гласаа против интерпелацијата на Илире Даути, а таа самата ce разрешила за да биде виктимизирана, затоа што тоа е единствената улога што знае најдобро да ја одигра.
„Виктимизацијата не може да ги спаси од каењето по обидот да помогнат во блокирањето на Законот за Бранителите. Таа врескаше во Собранието со зборовите: ‘гонете се’, додека не замина сама. Илире, кога не си способна и немаш потенцијал да ја водиш Комисијата, најдобро е по твојата оставка од Комисијата да следи и оставка од Собранието“, додаде „Влен“.
Македонија
За повеќе oд три пати зголемен бројот на заболени од грип за една недела
За повеќе од три пати е забележано зголемување кај бројот на заболени од грип во споредба првата недела од јануари, според податоците на Институтот за јавно здравје.
Во периодот од Бадник до почетокот на оваа седмица биле пријавени 1.053 случаи на заболени од грип или на заболувања слични на грипот.
Во однос на возраста, 633 лица се на возраст од 15-64 години, 179 кај деца на возраст од 5-14 години, 144 кај деца на возраст од 0-4 години и 97 се регистрирани кај лица на
возраст над 65 години.
Најголем е бројот на заболени во Скопје (305), а потоа во Дебар со 134, Куманово со 118, Тетово и Гостивар по 66, Кавадарци со 62.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи: постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени, и здравствени работници.
Заклучно со втората недела од оваа година, вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
Македонија
Љутков: Градиме стратегија со која Вардарскиот регион и Градско ќе прераснат во бисер на транзитниот туризам
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Акан Махмут, денеска остварија работна посета на Општина Градско, при што со градоначалникот Киро Нацков разговараа за можностите на оваа стратешки поставена општина во насока на развивање на транзитниот туризам и афирмација на културното наследство.
На средбата со градоначалникот беше истакната важноста на транзитниот коридор каде што е Општина Градско и уникатните можности што овој регион ги има за привлекување туристи и промоција на природните убавини, културното богатство, црквите, манастирите, гастрономијата, нашите локални производи и специјалитети.
„Општина Градско ја развива соработката со институциите, бизнис-секторот и со сите заинтересирани страни, а сè со цел да го создаде најдобриот амбиент за развој на туризмот во овој регион“, истакна министерот Љутков кој го посети ранчот со коњи во сопственост на Васко Величковски, кој од неодамна во овој регион го промовира проектот „Шерпа хорс рајдинг“, застапуван од КК „Бистра“ – Галичник. Проектот содржи две планински тури со коњи, а е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка на мали и средни претпријатија – ИМЕ. Атрактивните тури за посетителите се до врвот Клепа, со неверојатен поглед на тиквешките лозја, и турата „Дионис“ која опфаќа посета на познатите винарии.
Во рамките на посетата на овој регион, министерот Љутков и националниот координатор Махмут беа запознаени со можностите што ги нудат винските патеки, долгата традиција во производство на висококвалитетни вина во винариите „Стоби“ и „Лазар“, но и во семејните винарии околу Градско. Стана збор дека тие се гордост на македонската винска индустрија, а туристите сè повеќе покажуваат интерес за вински тури, дегустации и запознавање со процесот на производство.
Посетата на Градско опфати обиколка и на дел од културниот потенцијал на општината, каде што е и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ од 17 век, како и најголемиот и најзначаен археолошки локалитет „Стоби“.
Министерот Љутков истакна дека овој локалитет е од особено значење за развојот на транзитниот туризам и дека од исклучителна важност се поврзаноста, вклучувањето и промоцијата на „Стоби“ во рамките на поширока туристичка презентација во регионот, имајќи го предвид фактот дека локалитетот годишно го посетуваат околу 20 илјади туристи.
„Стоби е во фокусот на Министерството за култура и туризам за финансирање проекти од национален интерес за истражувања, конзервација и презентација. Во таа смисла, ги поддржуваме напорите на стручниот тим на установата во остварување на дејноста, преку реализација на истражувачки проекти, проекти од областа на заштитата на културното наследство, организацијата на меѓународните школи и обуки за заштита на културното наследство, како и во примената на нови технологии и интерактивни пристапи во презентацијата“, рече Љутков, кој додаде дека наскоро ќе биде вратен сјајот на „Стоби“ бидејќи во изминатите седум години не го доби потребното внимание и финансиски средства за програма и за капитални проекти и инвестиции.
Најавувајќи го периодот што следува, Љутков рече дека Вардарскиот регион има потенцијал да стане бисер на транзитниот туризам во земјава, и порача: „Со вистинска стратегија и посветеност, верувам дека Општина Градско и целиот потег на автопатот Е-75 е на добар пат да се претвори во значајна дестинација за транзитните туристи, а Министерството за култура и туризам ќе биде предводник и силен сојузник во остварувањето на оваа цел“.