Политика
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да се одлучат дали се е под контрола или се нема контрола
Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, сета дека со денешните монтирани, прилепувани и сечени разговори СДСМ покажува дека нема ниту грам чувство на одговорност спрема државата, но и спрема бранителите и сите останати граѓани.
„СДСМ толку навлезе во манипулации што се самите контрадикторни, секоја лага е спротивна на претходната и секоја нивна наредна теза е понеиздржана. Со монтираните и сечени разговори СДСМ сака еднаш да ја прикаже ВМРО-ДПМНЕ како лесен преговарач, веќе наредниот пат тие обвинуваат за непопусливост. СДСМ еднаш вика дека во државата се се контролирало партиски, а веднаш потоа обвинуваат дека се немало контрола. Тоа покажува дека и СДСМ веќе не знае како да излаже“, се вели во реакцијата.
Потсетија на некои настани од времето кога СДСМ беше на власт: расформирањето на единицата Лавови, дека СДСМ ќе се памети по по прогонството на бранителите, нивното јавно понижување, по меѓусебното конфронтирање на безбедносните структури, СДСМ ќе се памети по единствениот случај во кој што македонската полиција ја принудија да впери оружје кон сопствените колеги, кои во месноста Стенковец си ги бараа своите права, што само ја покажува неразбрливата страст на СДСМ помеѓу себе да се закрвуваат македонците.
Потоа, додаваат, СДСМ ќе се памети по сцените од пред собранието и пред министерството за внатрешни работи кога жени бранителки кои мирно протестираа беа влечени за коса, а мажите бранители тепани, на тоа што СДСМ нечовечки јавно ги исмејуваше и ги понижуваше припадниците на безбедносните сили нарекувајќи ги животинско царство.
„Са се потсетиме на бруталното убиство на Диме Ицковски Поштарот, на стотиците деградирања на работните места, на заканите од Верушевски дека ќе ги беси жените на припадниците на безбедносните сили, на монтираните апсењата на припадниците на безбедносните сили чија што режија ја правеа кадрите на СДСМ Зоран Верушевски и Бранко Бојчески при што на малолетните деца на бранителите им беа вперувани пиштоли, на бркањето од работа на над 1.600 припадници на безбедносните сили, на опструкциите и блокадите на безбедносните сили со цел да се жртвуваат војниците и полицајците во критичните региони како на пример Радуша, на скандалите од деведесеттите- на чудното самоубиство со два куршуми на полицајката, на нерасветлените и сомнителни убиства на телохранителите на Глигоров и многу други случаи’, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, тоа што СДСМ прибегнува кон вакви манипулации е показател дека нема никаква поддршка од граѓаните, деструктивните политики не се начин на водење политика и дека така на власт без програма, проекти и конкретни предлози не се доаѓа./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мециновиќ: На носителите на ЗНАМ, на личните профили им стојат слики со Заев и Пендаровски
– На носителите на ЗНАМ, уште на личните профили им стојат слики за поддршка на Заев и Пендаровски. Тоа се поддршки што јавно им ги дадоа, така што сегашното нивно делување е малку повеќе лицемерно од нивна страна – истакна Носителот на ИЕ2 и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во дебатата на ,,24 Вести”.
Според Мециновиќ, СДСМ ако ја примеа пораката, немаше Оливер Спасовски да биде носител во ИЕ2, после скандалите со пасошите за белосветски криминалци, за голготата за македонските граѓани со пасошите и за бегството на Груевски:
– Од друга страна, за СДС имам конкретна порака, но СДС не ја прима пораката! Пораката не е примена, затоа што нивниот носител во Двојка имаше страшни резултати. Имаше: од бегството на Груевски до оваа голгота што им се случи со пасошите на граѓаните и во меѓувреме – издавањето на пасоши за белосветски криминалци.
Говорејќи за Францускиот предлог и за ненаситноста кон бизнис – интересите од страна на СДСМ, Мециновиќ рече:
– Исто така, не ја примија ни пораката кога народот го отфрли Францускиот предлог. Не ја примија ни пораката кога Заев го изгуби легитимитетот, така што на сила се одржаа на власт до 2024 год. Практично, за да ги задржат нивните бизнис – интереси.
Мециновиќ постојано става акцент и на неоспорниот факт дека челниците од ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот:
,,ЗНАМ го избришаа АСНОМ од Уставот кога го носеа Преспанскиот, со оглед на фактот дека тогаш беа дел од раководството на тогашното СДС. Затоа, целата нивна сегашна реторика е лицемерна”.
Левица е единствена искрена, чесна, неподмитлива опција, која се бори за нулта – корупција, радикални промени во системот и нуди решенија за сите целни групи граѓани во Македонија:
,,На 8 мај, заокружете го број 5! Искористете го своето право на глас и гласајте за Левица! Со повеќе пратеници во Парламентот, борбата ќе биде посилна!”
Македонија
Аваја: Треба да се искористи потенцијалот на ромската заедница
Ромската заедница има најмлада популација во државата и тој потенцијал треба да се искористи, порача Ќемал Сулејманов, носител на листа во Изборна единица 3 на средба со жителите на Криволак.
„Нашата заедница е најмладата популација во државата. И нашите млади бегаат надвор од државата, барајќи решенија, а ние увезуваме работници од азиските држави. Мора да најдеме решение како нашите млади да останат во државата. Заеднички да ги направиме промените иво нашите инситтуции да имаме наши луѓе. Ветуваме дека промените почнуваат со Аваја. Вашиот глас го давате за подобра иднина и соединети да покажеме дека сме тука“ порача Сулејманов.
Според него, доволно е ромската заедница да биде третирана само како чистачи и амалџии „Драги браќа и сестри, ги знам вашите проблеми со кои се соочувате, тие се мои проблеми и мора да засукаме ракави по избори и заедно да ги решаваме. Мора да се сооединиме и да почнеме со промени. Мора да имаме наши луѓе во сите институции и тоа на раководни позиции. Доста не гледаа само како чистачи и нивни амалџии“, рече Сулејманов.
Претседателот на Аваја, Акиф Кариман, рече дека одлучил да ја жртвува индивидуалната кариера за да придонесе кон напредокот на народот. Тој говореше за тоа како другите политичари ги гледаат и вреднуваат Ромите.
„Зошто? Затоа што секогаш не потценуваат. Велат ние знаеме лесно да се справиме со вас. Малку ќе ве преплашиме и вие ќе се повлечете. Ќе ви дадеме под рака и вие ќе бидете на наша страна. Или ако тоа не функционира, ќе почнат со притисоци. И тоа досега функционираше. Но, сега ја имаме Аваја, формирана да биде рамо до рамо со сите нас. Ние сме тука да направиме голема промена и да го предизвикаме статус квото“, порача Кариман.
Македонија
Џафери за Велигден: Обединети да продолжиме и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
„Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата. Особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија“, стои во честитката од премиерот Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.