Економија
На Волстрит цените на акциите паѓаат петти ден по ред

Во вторникот на Волстрит цените на акциите паднаа петти ден по ред, што е последица на стравот кај инвеститорите од продлабочување на должничката криза во еврозоната, откако приносите на шпанските обврзници достигнаа ново рекордно ниво.
Во вторникот на Волстрит цените на акциите паднаа петти ден по ред, што е последица на стравот кај инвеститорите од продлабочување на должничката криза во еврозоната, откако приносите на шпанските обврзници достигнаа ново рекордно ниво. Индексот Dow Jones ослаби за 0,46 отсто на 11.493 поени, S&P 500 се лизна за 0,41 отсто на 1.188 поени, додека индексот Nasdaq за 0,7 отсто на 2.521 поени.Пазарот и натаму е под притисок на европската должничка криза, поради што изминатите пет дена S&P 500 потона за вкупно 5,5 отсто. Иако на парламентарните избори во неделата во Шпанија победи опозицијата којашто се смета за посклона кон спроведувањето на острите мерки за штедење отколку што беше претходната влада, приносите на десетгодишните шпански државни обврзници достигнаа на аукцијата во вторникот ново највисоко ниво во последните 14 години, од 6,58 отсто.Приближувањето на приносите на критичното ниво од 7 отсто, коешто се смета долгорочно неодржлив трошок на финансирањето на задолжувањето, покажува дека инвеститорите не се сигурни дека новата влада на десниот центар во Мадрид ќе го стави буџетот под контрола. Бидејќи Грција, Португалија и Ирска побараа меѓународна помош кога приносите на нивните долгови достигнаа 7 отсто, инвеститорите стравуваат дека Шпанија ќе биде следната земја членка на еврозоната на којашто ќе и’ биде потребна помошта од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за да се извлече од кризата. Информациите дека ММФ би можел да понуди краткорочни кредити за презадолжените членки од еврозоната , за да им помогне да ги надминат финансиските проблеми, малку ги охрабри вложувачите, но ентузијазмот многу брзо спласна.На пазарите негативно влијаеше и ревидираниот податок за растот на Бруто домашниот производ на САД во третиот квартал од 2 отсто, што е помалку од очекуваното и значително помалку од првичната процена од 2,5 отсто. И на европските берзи во вторникот цените на акциите забележаа пад. Така лондонскиот FTSE 100 се намали за 0,30 отсто на 5.206 поени, франкфуртскиот DAX падна за 1,22 отсто на 5.537 поени, а парискиот CAC 40 падна за 0,84 отсто на 2.870 поени./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на годишниот дијалог со ЕУ: Макроекономската стабилност е зајакната, но потребни се структурни реформи за одржлив раст

На редовниот економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите партнерки од Западен Балкан, којшто се одржа во Брисел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на клучните монетарни и финансиски аспекти поврзани со макроекономската состојба и реформските процеси во нашата економија. Таа нагласи дека, и покрај серијата економски и геополитички шокови во последните неколку години, успешно се зачува, па дури и зајакна макроекономската стабилност, којашто претставува темел за одржлив економски раст и постепено приближување на доходот кон просекот на Европската Унија. На дијалогот учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Гувернерката нагласи дека иако процесот на конвергенција се засилува, тој сè уште се одвива бавно, при што доходот во нашата економија изнесува околу 43% од просекот на ЕУ. Како најотворена економија во регионот и економија со највисока енергетска зависност, инфлацискиот шок од светските пазари се пренесе со голема сила, по што инфлацијата се искачи до 20%. Сепак, благодарение на соодветната монетарна политика и стабилизацијата на цените на светските суровини, инфлацијата повторно е сведена блиску до историскиот просек од 2,6%, што е поддржано и од високата доверба на јавноста во централната банка – потврдено и во истражувањата на меѓународните финансиски институции. „Важен столб на стабилноста е одржувањето стабилен девизен курс, за што е потребно соодветно ниво на девизни резерви. И покрај силните притисоци и интервенции на девизниот пазар, резервите сега се повисоки за околу 40% во однос на претпандемичниот период, што е силна заштита од идни потенцијални шокови“, посочи гувернерката.
Покрај ова, финансиската стабилност е зајакната преку значителното зголемување на стапката на адекватност на капиталот, којашто е меѓу највисоките во регионот и ЕУ, како и преку целосната регулативна рамка за управување со кризи. Приклучувањето кон СЕПА претставува историски исчекор за банкарскиот систем и за целата економија.
Сепак, Ангеловска-Бежоска предупреди дека макроекономската стабилност не може да биде замена за суштинските структурни реформи, особено во сегашниот контекст на висока неизвесност и сѐ поголеми геополитички тензии. „Глобализацијата беше двигател на конвергенцијата на доходот и за нашиот регион. Нашите процени покажуваат дека деглобализацијата би можела да го намали растот и до 5 процентни поени, зависно од сценариото“, истакна таа. Во исто време, овие промени во светот отвораат и нови можности. Иако досега не се забележани значителни негативни ефекти, а странските директни инвестиции се зголемуваат и достигнуваат рекордно високо ниво, гувернерката посочи дека мора и натаму особено да се внимава на структурните слабости. „Во последните 15 години, растот на продуктивноста на Западен Балкан беше под 2% и главно не потекнуваше од иновациите, туку од прераспределбата на ресурсите. Тоа ја истакна потребата од повеќе иновации, технолошки напредок, но и зајакнување на институциите и деловната клима“, рече таа додавајќи дека и сега, и во иднина најважна ќе биде поддршката од европските и меѓународните финансиски институции.
Економија
Лоши прогнози за германската економија

Германската економија ќе падне за 0,2 проценти оваа година оставајќи ја земјата во рецесија, според новите прогнози на Германскиот економски институт (IW). Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни IW.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа и големите купувања, како што се нови машини и возила. Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
IW заклучува дека Германија, со домашен бруто-производ (БДП) кој се намалува за 0,2 проценти во 2024 година ќе остане во рецесија.
Најголемиот ризик за глобалната економија оваа година, според IW, е трговската политика на САД. Без царинските политики на САД, глобалното економско производство во 2025 година можеше да биде повисоко за 0,8 проценти, соопшти институтот.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор остануваат мрачни. Се очекува индустриските компании да генерираат помала додадена вредност оваа година по падот од 3 проценти во 2024 година. Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и зголемената регулатива вршат дополнителен притисок врз бизнисите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања оваа година, при што високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
IW исто така забележа дека овие трендови сега влијаат на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото бројот на невработени би можел да достигне три милиони, бројка што не е евидентирана од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на одделот за макроекономски истражувања на IW, Михаел Гремлинг, изјави дека новата германска влада има можност да го промени трендот посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирањето на економијата.
Економија
Димитриеска – Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.
„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .
Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.