Македонија
Се проширува „Илинденска“ во Скопје

Започна проширувањето на булеварот „Илинден“ во Скопје што според надлежните треба да стане алтернатива на паралелниот булевар „Партизански одреди“
Популарно наречената улица Илинденска во првата фаза ќе се проширува на потегот од улицата Наум Наумовски – Борче до улицата Рузвелтова, во должина од 640 метри, а потоа ќе се продолжи со проширување на булеварот до булеварот 8 Септември, во должина од 800 метри. „Ми претставува особена чест што денеска ги почнуваме градежните работи за проширување на булеварот Илинден, една од главните сообраќајни артерии во Скопје и значајна алтернатива на булеварот Партизански одреди. Но, проектот за проширување на оваа сообраќајница очекуваме да даде долгорочни позитивни резултати, за растоварување на сообраќајот, за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и за заштита на средината“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски на денешното започнување на градежните работи.
Булеварот нема да биде затворен за сообраќај додека се работи на неговото проширување, но ќе биде воведен привремен сообраќаен режим, па градоначалникот ги замоли возачите колку можат повеќе да ја избегнуваат Илинденска додека траат градежните работи.
Булеварот Илинден со проширувањето ќе добие по две коловозни ленти во секоја насока. На делот од улицата Наум Наумовски Борче до Рузвелтова, булеварот ќе биде без средишно зеленило. По завршувањето на овој дел, булеварот ќе продолжи да се проширува на потегот од крстосницата со улицата Рузвелтова до крстосницата со булеварот 8 Септември. На овој потег, булеварот ќе добие по две коловозни ленти во двете насоки, со ширина од 3,5 метри, и централно зеленило (жардиниера) со ширина од 5 метри. По должината на булеварот ќе се гради и пешачка и велосипедска патека од двете страни. Ќе се постави и ново осветлување со штедливи светилки кое ќе чини околу 8 милиони денари, а предвидена е и нова семафоризација на булеварот со улицата Никола Тесла /кај Машинскиот факултет/ која ќе чини 2 милиони денари.
На терен ќе работат екипите на Гранит А.Д. За целосното проширување на булеварот Илинден од градскиот буџет ќе се одвојат 80 милиони денари. Според планот, проширувањето на булеварот Илинден од крстосницата со Наум Наумовски – Борче до булеварот 8 Септември треба да заврши до септември.
На денешното започнување на работите присуствуваа градоначалниците на Скопје и Општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ, како и премиерот Никола Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.