Македонија
Шврговски: Нормално е власта да предложи обвинител во кој има доверба
Досегашниот државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски кој во петок му ја предаде својата функција на новоизбраниот обвинител Марко Зврлевски, тврди дека обвинителството не е продолжена рака на политика, но секоја власт сака да предложи јавен обвинител во кој има доверба.
Негира дека имал какви и да се притисоци од страна на власта, за време на неговиот шестгодишен мандат, иако признава дека понекогаш не се согласувал со одредена политика, со којашто со борел со став и аргументи.
„Кога се менува власта нормално е дека секоја власт сака да си предложи свој обвинител, притоа кога велам ’свој’ не мислам лично нејзин, туку обвинител во кој има доверба. Обвинителството треба, како самостоен орган, нормално да ја спроведува политиката на органот, а не политиката на владата. Политиката на владата може да биде креирана во контекст на криминалното милје кое треба да се опфати со таа политика. За тоа е тука органот кој треба да ја спроведува таа политика, значи борбата против организираниот криминал и корупција. Тоа е политика на влада, и ние таа политика мора да ја спроведуваме во крајна линија. Јас тука не гледам дека обвинителството е продолжена рака на политиката. Продолжена рака да, во контекст на она што е владината политика за борба против корупцијата, треба да ја реализира овој орган“, рече Шврговски.
И неговиот наследник Зврлевски, кој и досега беше во јавното обвинителство, тврди дека досега немале притисоци од власта.
„Со главниот обвинител на државата, Шврговски, јас како главен обвинител на Скопското обвинителство во коешто работам веќе четири години, имавме многу добра соработка и навистина сме немале никаков притисок, ниту од главниот обвинител, а тоа автоматски значи дека истиот немал притисок од владата по постапување по одредени предмети“, изјави Зврлевски.
Иако за време на неговиот мандат паднаа на Апелација големи судски предмети кои беа најавувани спектакуларно, Шврговски ова не го смета за неуспех.
„Јас мислам дека нема суд во светот каде што на обвинителна клупа ќе седнат 70 обвинети, дека нема да направи, ако ништо повеќе, барем некоја процедурална грешка. За жал, ние не можевме да најдеме начин како технички да го раздвоиме обвинението и да формираме помали целни групи коишто би биле предмет на обвинение за да можеме предметот да го реализираме брзо и ефикасно. Едноставно, тоа беше невозможно поради надлежноста и други причини. Не можете никој да обвините тука, затоа што се работи за премногу обвинети и епилогот се знае каков е. Ќе се потрудиме тие процедурални грешки да бидат отстранети во повторната постапка за да можеме на крај да добиеме правосилна пресуда“, вели Шврговски.
Според него, единствено доколку има ослободителна пресуда, може да се тврди дека обвинителството било неуспешно.
За досието „Телеком“ обвинителството во Македонија поднесе обвинение против тројца странски државјани, но не обезбеди докази за наши функционери вмешани во аферата.
„Кривичната и граѓанската постапка се различни постапки. Во САД за „Телкеком“ не е поведена кривична постапка, туку граѓанска постапка. Јавното обвинителство е овластен орган за гонење сторители од областа на кривичните дела, ние не сме овластени да водиме граѓанска постапка. Обвинителството во Македонија поднесе обвинение против тројца странски државјани а не беа опфатени наши државјани. Доколку не сме обезбедиле докази, нормално дека не сме можеле да опфатиме и наши државјани, меѓутоа факт е дека ние сме поднеле обвинение, со тоа ние сме ја завршиле нашата работа“, рече Шврговски.
На својот наследник му порачал дека треба да се труди да се измени Законот за јавно обвинителство во делот на креирањето на политиката на Јавното обвинителство за гонење сторители од областа на организираниот криминал и Државниот јавен обвинител да се бира исклучиво од редот на јавните обвинители. /крај/фф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

