Македонија
Амди Бајрам поткупен во 2004 година да работи за Црвенковски?
На втор ден од расправата за измените на Изборниот законик пратениците сè уште не искристализираа што не чини во предлог текстот, но пратеникот Амди Бајрам, обелодени дека СДСМ го поткупувал во 2004 година.
Бајрам рече дека додека бил во притвор му било понудено да излезе од таму со цел на изборите да работи во корист на Бранко Црвенковски, кој тогаш бил кандидат за претседател.
„Девет илјади евра за мојата партија ми даде Бузлевски за да работат моите ограноци. Работевме низ цела Македонија за Бранко Црвенковски, мојата партија, партијата на Неждет Мустафа и на Самка Ибраимовски. Тоа го направивме и во Шутка, каде излегоа 11.200 гласачи“, рече Бајрам.
Пратеничката од СДСМ, Весна Бендевска очекува сериозна реакција од јавниот обвинител Љупчо Шврговски, за ваквите тврдења на Бајрам, а очекува да го повика него и да го испраша за наводното учество во изборна манипулација.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи рече дека има многу што да се каже по јавното признание на Амди Бајрам, кој го штити пратеничкиот имунитет и кој првпат кажува како бил уценуван.
„Тоа јасно зборува за принципот на работа на СДСМ. Тоа е јавно признание. Граѓаните на Република Македонија треба да бидат охрабрени да ги пријавуваат сите злоупотребувачи на избирачкото право. Сите оние кои ги третираат граѓаните како стока која треба да се купува и продава“, рече Бонева.
Бајрам не остана само на обвинувањата за учество во изборна манипулација, туку дополни дека добил смртни закани на мобилниот телефон, по што опозицијата обвини дека тој се искористува со цел да се сврти дискусијата во друга насока.
Инаку, во вторник втор ден се расправа за измените и дополнувањата на Изборниот законик, во кој треба да се вметнат препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Иако и опозицијата најави дека ќе ги гласа измените, тие не се задоволни од текстот со измени поделен на пратениците. Повторно рекоа дека нема вметнато ниту една препорака од ОБСЕ и ОДИХР./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани
Американската амбасадорка Ангела Агелер ѝ се обрати на јавноста со отворено писмо по повод завршувањето на нејзиниот тригодишен мандат во земјава, истакнувајќи ја силната поддршка на Соединети Американски Држави и вербата во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија.
Агелер потсетува дека пристигнала во Скопје пред три години како десетта амбасадорка на САД и дека била, и останува, длабоко почестена од можноста да ја претставува својата земја. Таа наведува дека уште на почетокот на мандатот изразила силна вера во македонските граѓани и дека таа вера со текот на времето била потврдена и зајакната.
Во писмото, амбасадорката посочи дека во одредени сегменти е постигнат напредок, а во други останува уште работа.
Агелер потсетува дека 2025 година ја одбележала 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија и наведува дека заедничката работа донела конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, судска реформа, инфраструктура, образование, културна заштита и евроатлантска интеграција.
Агелер посебно ја нагласува личната димензија на мандатот, наведувајќи дека низ земјата била примена во училишта, цркви, судници и домови, и дека со граѓаните водела отворени и искрени разговори, дури и кога постоеле несогласувања.
„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината неверојатна убавина, нејзината историја, традиции и култури; нејзините противречности и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе наспроти големите предизвици и длабоките загуби. Сето тоа го споделивте со мене, и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашата љубезност, за вашата несебична дарежливост и за силата за која знам дека ја имате за да ја надминете секоја пречка што ќе се најде на вашиот пат“, порача.
Во завршната порака, амбасадорката нагласува дека САД секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија и ја повторува својата верба во визијата за посилна, побезбедна и попросперитетна земја, целосно интегрирана како евроатлантски партнер и сојузник.
Македонија
Променливо oблачно време до сабота, а потоа врнежи од дожд и снег
Следниве денови ќе носат променливо време со постепено покачување на температурите, проследено со врнежи кон крајот на неделта.
Според прогнозата на Хидрометеоролошката служба, утре на територијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно со подолги сончеви периоди. Претпладнево се очекува магла во поедин котлини. Ветрот ќе биде слаб и од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од -2 до 2 °C, додека максималните ќе достигнат од 6 до 10 °C.
За главниот град се предвидува променливо облачно со сончеви периоди и можност за магла претпладне. Температурите во Скопје ќе варираат од -1 °C минимална до 7 °C максимална.
Во наредните денови, до сабота времето ќе остане променливо облачно со пораст на дневните температури и појава на магла по одделни котлини. Забележителна промена се очекува од сабота кон крајот на денот, кога ќе започнат локални врнежи од дожд, а на планините од снег.
Неделата врнежите ќе се интензивираат, особено во попладневните и ноќните часови. Во тој период се очекуваат пообилни врнежи, кои на повисоките места ќе преминуваат во снег. Врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во понеделник.
Македонија
(Видео) Филипче: Искрено верувам во ова што го правам, сакам да бидеме европско општество без корупција
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција потенцираше дека неговата работа е искрена, се темели на чесни намери и верува доколку граѓаните дадат доверба на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на некој следен циклус на избори да ја предводи владата, Македонија може да биде европска држава без корупција.
„Искрено верувам во ова што го правам. Јас сум човек што работи милиметарски прецизна работа и добро сум пресметал пред да се нафатам да го правам ова, што сакам, која е позадината и што сакам да постигнам. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите да влеземе во Европската Унија затоа што тоа е стратешката цел“, рече Филипче.

