Свет
Мрачната одредница на Сиудад Хуарез: 6.000 мртви

Секојдневните убиства во мексиканскиот град Сиудад Хуарез, директно наспроти градот Ел Пасо во Тексас, САД, станаа толку нормална појава, што повеќе не шокираат, јавува агенцијата Ројтерс, пренесува Макфакс
Секојдневните убиства во мексиканскиот град Сиудад Хуарез, директно наспроти градот Ел Пасо во Тексас, САД, станаа толку нормална појава, што повеќе не шокираат, јавува агенцијата Ројтерс, пренесува Макфакс.
Доколку овој град не ги отфрли сите претходни индикатори и не спроведе драматичен преврат во сферата на безбедноста, бројот на мртвите од почетокот на нарко–војната во јануари 2008 година овој месец ќе достигне 6.000. Тоа е повеќе отколку сите загинати американски војници во војните во Ирак и во Авганистан заедно. Тоа е исто така трагична одредница, постигната со убиствата на претежно малолетните платени убијци, на полицајци, зависници од дрога, дилери и луѓе кои не успеале да ги „исплукаат“ парите за рекет или за откуп по грабнување.
Мрачната етикета го истакнува силниот пад на Сиудад Хуарез, кој во текот на 1990-те години беше фален како пример на слободната трговија, градот кој преку Северноамериканскиот договор за слободна трговија требаше да донесе просперитет и стабилност за целиот регион со своите фабрики за машини за садови и телевизори, сместени на самата граница. Регионот Сиудад Хуарез – Ел Пасо навистина оствари промет од околу 50 милијарди долари во 2008 година, но многу малку од тоа богатство остана во Сиудад Хуарез.
Федералната полиција за агенцијата Ројтерс минатиот месец изјави дека бројот на убиствата се намалил откако тие ја преземале контролата врз градот во април годинава. Но, се чини дека ништо не може да биде подалеку од вистина од ова тврдење. Според бројките објавени во угледниот дневен весник од Сиудад Хуарез, „Ел Диарио“, јуни бил најкрвавиот месец со 306 убиства, а во јули може и да се надмине таа бројка, бидејќи само во првите 13 дена од месецот се убиени 130 луѓе.
Она што се повеќе станува јасно е дека нарко-војната во градот си добива своја сопствена животна форма и повеќе не е ограничена на борбата за територија помеѓу врвниот шверцер од провинцијата Синалоа, Хоакин „Шорти“ Гузман, најбараниот човек во Мексико и доминантниот картел „Хуарез“. Иако Сиудад Хуарез и натаму останува најстратешката порта кон пазарот на наркотици во САД, борбата се води и за локалниот нарко-пазар, кој збувна на преку 200.000 зависници во град со 1,5 милиони жители. Секој кој продава дрога за десетиците нарко-банди под чадорот на картелите од Синалоа или од Хуарез се наоѓа на линијата на огнот. Активистите за човекови права и експертите за трговија со дрога обвинуваат дека илјадниците федерални полицајци и војници кои беа испратени за да ја потиснат трговијата со дрога се длабоко инволвирани бизнисот со наркотици. Силите за безбедност негираат какви и да било неправилности.
Нештата не изгледаат добро за Сиудад Хуарез. Ветувањата на претседателот Фелипе Калдерон, дадени во февруари, дека ќе создаде работни места, ќе ги намами младите да ги напуштат нарко-бандите и ќе ги регенерира најопасните делови на градот, се уште не донесоа резултати. Наредниот градоначелник на градот, кој треба да ја преземе функцијата во октомври, е обвинет дека е човек на картелот „Хуарез“, иако тој негира какви и да било врски со картелот. Гувернерот на федералната држава Чихуахуа, во која е и Сиудад Хуарез, беше обвинет дека во текот на неговата предизборна кампања користел авион во сопственост на локален бизнисмен, кој беше уапсен од ФБИ во јуни годинава под обвинение дека перел пари за нарко-картелите. Многу неславен почеток и за двајцата. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Затворањето на небото над Украина би значело војна со НАТО

По изјавите на полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, дека НАТО размислува за затворање на небото над западна Украина поради честите напади со руски беспилотни летала, првата остра реакција дојде од Русија.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, предупреди дека воспоставувањето зона на забрането летање над Украина и овластувањето на земјите од НАТО да соборуваат руски беспилотни летала би значело директен конфликт меѓу НАТО и Русија.
„Сериозно, спроведувањето на провокативната идеја на Киев и другите идиоти за создавање „зона на забрането летање над Украина“ и дозволување на земјите од НАТО да соборуваат наши беспилотни летала значи само едно: војна на НАТО со Русија“, напиша Медведев на својот Телеграм канал, коментирајќи ја изјавата на Сикорски.
Медведев, исто така, забележа дека „моќната европска иницијатива „Источна стража““ повеќе го забавила отколку што го исплашила. „Се чини дека ова е сè што останало од „коалицијата на оние што се подготвени“, истакна тој.
Тој се осврна и на посетата на естонскиот министер за одбрана Хано Певкур на Киев, додавајќи: „Колку е помала земјата, толку нејзините лидери се посклони кон агресија и глупост“.
Оваа изјава претставува прв отворен одговор на Москва на најавите на НАТО за потенцијално затворање на дел од украинскиот воздушен простор и дополнително ги разгорува тензиите во регионот, укажувајќи на можност за директна конфронтација со сојузниците од Алијансата, според написите во светските медиуми.
Фото: принтскрин
Свет
Лукашенко: Имаме сè за да му нанесеме неподнослива штета на агресорот

Одговорот на Белорусија во случај на директна закана ќе биде молскавично брз, Минск има сè што е потребно за да му нанесе незамислива штета на потенцијален агресор, изјави претседателот на земјата, Александар Лукашенко, во интервју за руските медиуми.
„Секако, го следиме развојот на ситуацијата на западните граници.
Во случај на директна закана, ќе одговориме со молскавично брзина на секој што ќе стапне на белоруска земја. Ако преминат од зборови на дела, ќе имаме со што да возвратиме.
Имаме што е потребно за да му нанесеме неприфатлива штета на агресор. Не им советувам да го тестираат тоа“, нагласи белорускиот лидер.
Лукашенко, исто така, оцени дека непријателската политика на Западот кон Русија и Белорусија не се менува, туку прераснува во отворено агресивна.
Според него, ваквите изјави се лицето на општата политика на Западот кон Белорусија и Русија.
„Најтажно е што оваа политика не се промени.
Поминаа 80 години од крајот на Втората светска војна, а таму, на Запад, тие сè уште ги сметаат нашите земји и нашиот братски сојуз за закана.
НАТО брзо ја вооружува Европа, а Полска и балтичките земји измислуваат наводно заштитни мерки за да им угодат на своите господари.
Една од нив е повлекување од Конвенцијата од Отава и деминирање на границата со Белорусија“, нагласи Лукашенко.
Во исто време, според него, сојузот меѓу Белорусија и Русија е тестиран со текот на времето и сè додека двете земји градат заедничка иднина, тие не можат да го прекинат.
Кога станува збор за решавање на ситуацијата во Украина, белорускиот претседател изјави дека нема алтернатива на мировните преговори за конфликтот, мора да се земат предвид интересите на сите страни, пренесува Спутник.
Лукашенко заклучи дека дијалогот мора да биде отворен и почитуван.
Фото: принтскрин
Свет
Беспилотно летало соборено над зградата на полската влада во Варшава

Безбедносните служби неутрализираа беспилотно летало што леташе над владините згради во центарот на Варшава, а двајца белоруски државјани се уапсени, објави вечерва полскиот премиер Доналд Туск.
„Службата за владина безбедност штотуку неутрализираше беспилотно летало што леташе над владината зграда и над палатата Белведер“, објави Туск на Икс. „Белведер“ е една од официјалните резиденции на полскиот претседател.
„Двајца белоруски државјани се уапсени“, додаде Туск. „Полицијата истражува“.
Инцидентот се случи во време кога Полска е во состојба на зголемена готовност откако група руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на земјата минатата недела, анализираат медиумите во регионот.
Туск предупреди тогаш дека тоа е „најблиску што сме дошле до отворен конфликт од Втората светска војна“.
Фото: принтскрин