Македонија
„Зора“ потсетува на нерешениот статус на раселените лица од Арачиново
Здружението на раселените лица од Арачиново „Зора“ упати порака до меѓународната јавност, властите и граѓаните на Македонија, потсетувајќи на нереализираниот дел од Рамковниот договор и состојбата со внатрешно раселените лица.
Здружението на раселените лица од Арачиново „Зора“ упати порака до меѓународната јавност, властите и граѓаните на Македонија, потсетувајќи на нереализираниот дел од Рамковниот договор и состојбата со внатрешно раселените лица.
Тие бараат забрзување на судските постапки пред сите судови, РСС и сите надлежни институции, со цел да им се реши статусот и да бидат соодветно обештетени за загубениот имот.
Потсетуваат дека сè уште постојат 766 внатрешно раселени лица , Македонци, Срби и Роми, сместени во колективните центри „Сениќ“ , „Партенија Зографски, „Ранка Милановиќ“, „Здравко Цветковски“ и „Стив Наумов“.
Велат дека единствена неимплементирана точка е точката во која индиректно се третираат раселените Македонци, протерани во кризата во 2001 година.
„Бидејќи судската власт не ги почитува законите и донесува незаконски пресуди (само за раселените), бидејќи нашиот спор е на пат да се решава пред судот за човекови права во Стразбург , соопштуваме дека досудените средства како милосрдие, повеќето од раселените нема да ги подигаат. Бараме државата да ги прекине сите грижи за раселените за да не ни ги наплаќа со кинење на законската камата и на нематеријалниот дел . Ние од 2003 година бараме забрзување на судската постапка пред сите судови , РСС и сите надлежни институции“, се наведува во соопштението на „Зора““.
Посочуваат дека во недостаток на слух за решавање на проблемите во институциите на државата осма година водат маратонска судска постапка и оти 15 – те предмети на внатрешно раселените лица од Арачиново и понатаму се во ќорсокак .
Информираат дека по задржување на предметите по повеќе месеци во писарницата на Основниот Суд , дефинитивно сите 15 предмети излегоа од Основниот и се во процедура пред Апелациониот суд.
„Наспроти донесените мизерни пресуди (во просек по 20 000 евра по семејство), куќите на Македонците во Арачиново или се продадени за никакви пари или се опожарени или се доразрушени. Имотите на раселените се узурпирани, а бројот на починатите ја достигна бројката од 55, од кои две убиства во Арачиново и едно самоубиство“, се наведува во соопштението на „Зора“.
Прашуваат дали на раселените лица не им се решава судскиот спор само за да се држат како заложници во колективните центри или намерата е по природен пат, со смрт на раселените, проблемот да се реши сам по себе.
„Она што раселените го изгубија од материјален аспект, се наоѓа во Арачиново , она што го изгубија од нематеријален аспект ги носат со себе десетта година, или го однесоа напуштајќи го овој свет. По речиси една деценија ако ги посетите поранешните кризни региони капитулацијата ќе ви биде сосема јасна(да не се лажеме) – етничкото чистење наречено ’соживот’ е имплементирано пред Рамковниот договор“, велат од „Зора“.
Утре се навршуваат девет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на воениот конфликтот во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Техничката влада треба да замине во минатото, но ако СДСМ мислат дека е потребна за следните избори, во ред, прифаќаме
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по завршување на лидерската средба извести дека сите присутни се согласиле дека техничката влада треба да замине во минатото.
„Сите денеска присутни се согласивме. Имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но, генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално во рамките на пратеничките групи одлука којашто ќе се донесе. Денеска видовте дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори. Тој закон се менува со просто мнозинство во парламентот, со 61 глас „за“. Сепак мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на Законот, по следните избори тогаш да не важи техничката влада. Ако толку тие инсистираат да важи за овие избори техничката влада, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ако нема согласност за следните избори од сите да се избрише техничката влада, барем да се избрише за тие потоа.
„За да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис. Ако СДСМ мислат дека е потребно за следните избори да има техничка влада, во ред. Но кој и да победи на следните избори, да нема повеќе техничка влада“, кажа премиерот.
На новинарско прашање, Мицкоски одговори дека на лидерската средба не се отворила темата за предвремени парламентарни избори.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.

