Македонија
Укината одредба од упатството на Ставрески за распределба на пари на партиите
Уставниот суд укина одредба од упатството на министерот за финансии, Зоран Ставрески со која сите политички партии кои учествуваа на изборите добиваа процент од Буџетот за финансирање на партиите.
Уставниот суд укина одредба од упатството на министерот за финансии, Зоран Ставрески со која сите политички партии кои учествуваа на изборите добиваа процент од Буџетот за финансирање на партиите.
Судот утврдил дека со овие одредби, министерот за финансии воспоставил поинакви правила на распределба на средствата од Буџетот за финансирање на политичките партии од правилата пропишани во Законот за финансирање на партиите.
„Определено е дека сите политички партии кои учествувале на последните избори да добијат определен соодветен процент од средствата од Буџетот наменети за финансирање на политичките партии, а не како што определува Законот, само оние политички партии кои имаат повеќе од еден процент од гласовите на излезените граѓани, без оглед на тоа дали се парламентарни или вонпарламентарни“, велат од Уставен.
Според нив, упатството излегло надвор од правилата за финансирање на политичките партии и излегло надвор за организацијата на работата на органите за државната управа, со кој се определени надлежностите на министерот.
„Се навлегло во законодавната сфера од страна на органите на државната управа или орган на извршната власт, со што се повредила темелната вредност на поделба на власта и се повредила темелната вредност владеење на правото“ велат во судот./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поголем дел од Карпош без струја поради испад на трафостаница
Општина Карпош информира дека поради испад на трафостаница без електрична енергија е поголем дел од општина Карпош и тоа населбите Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе, како и делови од Влае и Злокуќани.
„Од ЕВН не информираа дека нивните екипи се веќе на терен и работат на поправка на дефектот“, велат од Општина Карпош.
Се огласија и од ЕВН. Оттаму велат:
„Поради испад на 100/35/10 кВ трафостаница „Запад”, дел од Карпош остана без снабдувањето со електрична енергија. Екипите на Електродистрибуција веднаш излегоа на терен и го вратија снабдувањето со електрична енергија во поголемиот дел од општината. Се продолжува со работа се до потполно отстранување на дефектот и нормализирање на снабдувањето за сите засегнати корисници“, ни одговорија од ЕВН.
Македонија
Еуроњуз: Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загадувањето
Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
Македонија
На Попова Шапка повеќе од половина метар снег
До крајот на денот нè очекува облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Поради ниските температуре и северниот ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Како што информираат од УХМР, највисока снежна покривка измерена е во Попова Шапка со 64 сантиметри снег, Маврови Анови 50 сантиметри, Штип 30 сантиметри, Тетово 26 сантиметри, додека во Крушево 24 сантиметри.
Најниски температури измерени се во Маврови Анови и Попова Шапка -7 степени Целзиусови, во Крушево -6 степени Целзиусови, додека во Берово и Прилеп измерени се -3 степени Целзиусови.
Од УХМР велат дека утре времето ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени Целзиусови.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени Целзиусови.
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.