Македонија
Георгиевски и Џафери нема да присуствуваат на конференцијата во Охрид

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и почесниот претседател на ДПА, Арбен Џафери, двајца од петтемина потписници на Рамковниот договор, нема да присуствуваат на дводневната конференција во Охрид, бидејќи не се во земјава.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и почесниот претседател на ДПА, Арбен Џафери, двајца од петтемина потписници на Рамковниот договор, нема да присуствуваат на дводневната конференција во Охрид, бидејќи не се во земјава.
По повод 10-годишниот јубилеј од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, во петок и во сабота во Охрид ќе се одржи конференција на којашто најавено е присуството на актуелниот државен врв, потписниците на договорот и на меѓународните претставници кои ја имаа улогата на олеснувачи во преговорите со коишто се дојде до Договорот.
Конференцијата е во организација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Организаторите на конференцијата информираа дека со Арбен Џафери разговарале лично и дека тој е надвор од земјава па нема да биде во можност да присуствува во Охрид. На настанот нема да присуствува и Љубчо Георгиевски. Таквата информација била потврдена од неговата ВМРО-Народна партија со образложение дека тој е на подолг одмор и дека ќе се врати наредната недела.
На конференцијата во петок е предвидено да се обратат шефот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор, Муса Џафери, досегашниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер, Џејмс Пердју, олеснувач на Охридскиот договор, Ален Ле Роа, тогашен генерален потсекретар за мировни операции при Обединетите нации, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Во сабота на конференцијата треба да говорат Ралф Брет, раководител на ОБСЕ мисијата во земјава, Питер Соренсен, раководител на Европската делегација во земјава, Брајан Агелер, вршител на должност амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Ивон, амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Македонија, Питер Фејт, Специјален претставник на ЕУ и Меѓународен цивилен претставник за Косово, но неговото присуство сé уште не е потврдено и, Никола Поповски, министер за надворешни работи.
Оваа конференција е дел од одбележувањето на десетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
Охридскиот рамковен договор е спогодба за внатрешното уредување на малцинските права во Република Македонија, потпишан на 13 август 2001 година. меѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии, и специјални претставници на ЕУ и САД.
Охридскиот договор е склучен во текот на ескалацијата на насилства меѓу терористите од албанска националност и македонските бранители во конфликтот во 2001-та.
Преговорите се одвиваа во резиденцијата „Вила Билјана“ во Охрид текот на јули и август 2001, каде што е и парафиран договорот на 10 август 2001, па оттаму името Охридски договор.
Преговорите траеја речиси цел месец и во нив учествуваа тогашниот претседател Борис Трајковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лидерот на ПДП, Имер Имери, лидерот на ДПА, Арбен Џафери потоа претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и Хавиер Солана, претставниците на САД, Питер Фејт и Џејмс Пердју, разни советници и експерти.
По завршувањето на преговорите во Охрид, на 13 август во Скопје договорот го потпишаа: Трајковски, Георгиевски, Црвенковски, Џафери, Имери а како гаранти на договорот се потпишаа специјалните претставници Леотар и Пердју./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Новата грејна сезона официјално почнува на 15 октомври: испораката на топлинска енергија ќе зависи од атмосферските услови

Од 15 октомври, официјално почнува грејната сезона 2025/2026 година за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Преку системот се греат околу 66 000 активни потрошувачи, од кои 65 000 домаќинства и над 1 000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки, велат од таму.
Испораката на топлинска енергија, како што појаснуваат, ќе се одвива секојдневно согласно строго утврдените правила и дијаграми што зависат од атмосферските услови и надворешните температури.
„Според правилата, во месец октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува. При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите.
Воедно ја информираме јавноста дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври“.
Апелираат до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.
Потрошувачите и заедниците на сопственици е потребно да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
„Во делови од градот каде се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб страницата ЕСМ Снабдување. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до ЕСМ Снабдување – центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: РЕК со СДС плаќала двојно повеќе на „Марковски компани“ од година претходно

РЕК со СДС плаќала двојно повеќе на „Марковски компани“ од година претходно, а плаќано е и за еден камион неколку пати, затоа судиите на СДС го штитат газдата, обвини Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, на 22 ноември 2022 година е склучен договор со Марковски компани, во вредност од 20 милиони евра. Само една година претходно, на 24 јуни 2021 година, за истата услуга се платени 13 милиони евра. Разликата е 7 милиони евра народни пари. Разликата во крајната сума не е единствениот проблем. Криминалот се случувал и внатре кога во комбинатот доаѓале камионите за мерење. При испораката на јаглен се користеле лажни фактури, истиот товар се наплаќал повеќепати, а депониите останувале празни. Ова не е грешка, ова е системски криминал. Аздисаноста на власта на СДС и желбата да се испумпаат милиони од РЕК и ЕСМ ги чини граѓаните стотици милиони евра кои очигледно завршиле надвор од Македонија, на фирми во Бугарија и Дубаи“, рече тој.
Заради ова, вели Манасиевски, судиите на СДС се борат газдата на Марковски да не заврши во притвор и да го спасат колку можат од страв дека ќе ги каже шемите и како и каде завршиле стотици милиони евра од тендерите кои неговата фирма ги добивала во РЕК и ЕСМ.
Македонија
Инспектор од Тетово уништувал докази во постапка против неговиот син кој бил уапсен за трговија со дрога

Полицијата поднесе кривична пријава против двајца инспектори од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово за сторено кривично дело „попречување на правдата“.
Според информациите на МВР, пријава е поднесена против Џ.Н. на работно место Виш инспектор за недозволена трговија со оружје и против О.С. на работно место Самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“ по член 368-а од Кривичниот законик.
Првопријавениот, кој бил задолжен да постапува по предмет во кој две лица биле лишени од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215, му овозможил на второпријавениот, кој не бил работно ангажиран и е родител на едно од лицата лишени од слобода, да има целосен увид во службената документација, да располага и да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода, да дава насоки при постапувањето и да биде присутен и да учествува во разговорот со лицата лишени од слобода.
Исто така, овозможил привремено одземениот мобилен телефон од едно од лицата лишени од слобода, кај кого била пронајдена поголема количина на дрога, да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.
Втoропријавениот, иако не бил работно ангажиран, активно се вклучил во преземање на службените дејствија во предметот во кој неговиот син бил лишен од слобода, при што му било овозможено да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Џ.Н. и О.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место.