Економија
Дигитализацијата закана за локалните медиуми?

Локалните електронски медиуми изразија стравување дека законската обврска за дигитализација може да го доведе во прашање нивниот опстанок и обвинија дека се нерамноправни во однос со националните медиуми.
Локалните електронски медиуми изразија стравување дека законската обврска за дигитализација може да го доведе во прашање нивниот опстанок и обвинија дека се нерамноправни во однос со националните медиуми.Ваквото сомневање, претставниците на локалните медиуми го темелат на податокот што надлежни власти имаат донесено правила и доделени три мултиплекси за дигитализација на националните и регионалните медиуми, но не и за локалните медиуми.Сопственикот на скопската телевизија МТМ, Стојан Давчев јавно ги запраша претставниците на Советот за радиодифузија (СРД) и на Агенцијата на електронски комуникации (АЕК) зошто на локалните станици им се ускратува правото да се дигитализираат, кога од наредната година, аналогното емитување на програмата ќе биде укинато. „Бараме да имаме ист статус како и националните телевизии и да емитуваме програма исто како и останатите“, рече Давчев.Запрашувајќи зошто на националните телевизии им се дава предност, Давчев рече дека и локалните станици имаа своја функција и се од голема важност за локалните градови.Претставникот на АЕК истакна дека бројот на френкфенции за мултиплекси е ограничен, поради што предност за дигитализацијата имаат националните и регионалните телевизии, додавајќи дека интересот за дигитализација на локалните телевизии кај операторите е мал, освен за територијата на Скопје.Надлежните појаснуваат дека локалните телевизии за да се дигитализираат имаат можност да прераснат во регионални телевизии или да се поврзат со некој кабелски оператор, кој би им ја емитувал програмата дигитализирана.Од ресорното министерство за транспорт и врски уверуваат дека целта на новиот закон за дигитализација не е да се ограничи слободата на медиумите, ниту пак некој медиум да згасне, туку да се подобри квалитетот на сликата и тонот.Притоа се наведува дека доколку локалните медиуми не успеат да најдат начин за дигитализација преку постоечки можност, ќе се изнајде некое друго решение за да им се даде таква можност. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.
Економија
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.
МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “