Македонија
Шефот на мисијата на ММФ во Македонија се обрати пред членките на АмЧам
Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија) во понеделникот организираше деловен појадок на кој како главен гостин говорник се обрати Патрик Житон, Шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Скопје.
На настанот присуствуваа претставници на компаниите членки на АмЧам Македонија,а во текот на своето обраќање, Житон се осврна на мисијата, функционирањето и главните предизвици со кои се соочува оваа глобална институција. Тој нагласи дека ММФ во изминатите години го унапреди своето работење со цел подобро да одговори на потребите на своите членки и да биде поефикасен.
Житон ги информираше присутните за работата на ММФ во Македонија од отворањето на локалната канцеларија во средината на ’90-тите години, вклучувајќи ја значителната техничка помош овозможена на различни национални институции. Тој исто така ги објасни условите на тековниот дијалог за макроекономијата и финансиите кој се води со државните власти како дел од мониторингот по завршувањето на програма.
Презентирајќи ја визијата на институција која ја претставува, за состојбата и перспективата на македонската економија, Житон рече дека поттикнувачките макроекономски политики помогнаа земјата релативно добро да ги поднесе ефектите од кризата и дека сега главен предизвик е да се стимулира растот и вработеноста, но во истовреме да се задржи одржлива траекторија на јавни финасии. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Грин Машинс на БРАКО на клучен европски саем за зелена и циркуларна економија во Италија
Електричните и водородните возила на Грин Машинс на БРАКО учествуваа на еден од најзначајните европски настани, ECOMONDO во Римини, Италија, кој претставува еден од најзначајните саеми и конференции во Европа, и кој ги обединува и системизира клучните елементи кои ги дефинираат развојните стратегии на политиката за животна средина на Европската унија.
На овогодинешниот настан, Грин Машис го претстави 500H2, најсовремен чистач на улици со погон на водород, заедно со целосно електричните 500ze и 400ze.
Дилерот на Грин Машинс во Италија, Грин Форсес, известува за голема заинтересираност за македонските возила не само на саемот, туку и на италијанскиот пазар воопшто, во конкуренција со производители на возила за чистење од Европа, САД и други делови на светот.
Македонските возила имаат предност на светскиот пазар поради нивниот квалитет, ефикасност и современ дизајн, како и различите модели, кои се достапни на електричен, хидрогенски и класичен погон.
(ПР)
Економија
Доделени наградите по повод Конкурсот за Денот на штедењето
Финансиската писменост е основа за успешна иднина и клучен фактор за личен развој. Во светот во кој живееме, каде што економските услови постојано се менуваат, за младите генерации е особено важно да бидат добро подготвени и информирани. Кога поединците разбираат како функционираат финансиските инструменти и концепти, тие можат подобро да управуваат со своите ресурси. Ова се пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовни и литературни творби за основното и средното образование, по повод Меѓународниот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Општо е познато дека без штедење нема инвестиции. Тоа значи вложување во подобро здравство, образование, патишта, безбедност, односно вложување во сето она што е важно за подобра иднина на поединецот, но и на целата економија. Задоволство е да се види дека младите кои учествуваа на Конкурсот веќе имаат свои согледувања за потребите од штедење, свесност за брзиот развој на финансиите, особено дигиталните услуги, како и за ризиците коишто ги носат тие. Новите генерации живеат во едно ново дигитално време, во кое имаат пристап до бројни информации, но и бројни можности за измами. Најдобар начин за да се заштитат од овие ризици е преку соодветна едукација“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Имаше навистина квалитетни творби. Пристигнаа околу 700 од целата земја. Настанот преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план, за да можеме заедно да изградиме подобра финансиска иднина за нас и за нашите идни генерации. Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и за да ги постигнеме нашите финансиски цели, а притоа да се заштитиме од финансиските ризици. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи и уште од најрана возраст да овозможиме стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Тоа е долготраен процес чии ефекти не се видливи веднаш, затоа, да бидеме свесни за нашиот финансиски потенцијал и да го искористиме со мудрост “, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
На Конкурсот пристигнаа околу 700 труда коишто се одликуваат со квалитет, креативност и автентичен стил на изразување, како и познавање на темата за штедењето, значењето на финансиската писменост, предностите и ризиците кај дигиталните финансиски услуги.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.