Македонија
Бергант: Пристапни преговори паралелно со разговорите за името
Извештајот на Европската Комисија беше реален и ги нагласува подрачјата во кои Македонија навистина не направила толку голем напредок, изјави словенечкиот амбасадор во Македонија Ален Бергант во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Извештајот на Европската Комисија беше реален и ги нагласува подрачјата во кои Македонија навистина не направила толку голем напредок, а сигурно главна забелешка беше слободата на изразување, значи медиумите, изјави словенечкиот амбасадор во Македонија Ален Бергант во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Но, вели тој, веќе гледаме дека беше формирана посебна работна група со која претседава вицепремиерката Теута Арифи и веќе се направени некои тркалезни маси, значи дека има напредок и на тој план. Но, ЕУ и другите организации како ОБСЕ ќе го следат тоа, бидејќи тоа беше една забелешка , а други полиња на кои уште треба да се работи се и корупцијата, јавната администрација, правосудството.
„Има држави, не само Словенија, кои размислуваат за тоа Македонија од една страна да ги почне преговорите со ЕУ, а од друга страна спорот за името да се решава, бидејќи ние не гледаме никаков проблем зошто Македонија не би можела да ги почне порано преговорите и можеби на крајот ќе биде исто како што беше и за НАТО, додека не се реши спорот да не добие покана“, вели Бергант.
„Мислам дека тоа позитивно би влијаело на процесот на реформи во Македонија и исто така би бил поголем притисокот околу тоа дека името треба да се реши бидејќи Европската Унија сега има исто нови идеи, државите уште кога би почнале со претпристапните преговори да ги отворат поглавјата 23 и 24, односно правосудство и основни права и правда, слобода и безбедност, поглавја кои всушност се најтешки“, објаснува Бергант.
„Работа на владата е да ги продолжи реформите, бидејќи реформите не ги правите за Брисел, туку за себе, смета амбасадорот. Значи ова темпо на реформи треба да продолжи, а во меѓувреме јас сум убеден дека ќе се најде решение за името, бидејќи ова е неиздржливо со оглед на тоа колку долго веќе трае овој спор, и да се најде некоја друга формула за Македонија да почне со преговорите. Значи би било добро да се најде некоја формула што не би била ниту на штета на Атина, ниту на Скопје за паралелно да се решава прашањето за името, а Македонија да почне со преговорите“, изјави словенечкиот амбасадор Ален Бергант за Радио Слободна Европа. /крај/рсе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Уставен експеримент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

