Македонија
Хирург „закрпил“ две осигурителни компании
Полицијата денеска поднесе кривична пријава против хирург во Градска болница во Скопје поради злоупотреба на службена положба, како и против други
Полицијата денеска поднесе кривична пријава против хирург во Градска болница во Скопје поради злоупотреба на службена положба, како и против други девет лица за измама.
Како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, хирургот Ѕ.Н. се товари дека во периодот од јули до ноември 2004 година во својство на лекар – специјалист хирург во Градска Општа Болница – Скопје, на лицата С.В.(58), К.К.(49), З.К.(24), С.Ч.(37), С.Ј.(55), Ј.Ј.(29), Ќ.К.(47), З.А.(26) и М.З.(26) сите од Скопје, им издал невистинити лекарски уверенија – отпусни писма во кои лесните телесни повреди во сообраќајна незгода ги преиначил во тешки телесни повреди.
Со тоа, тој на деветмината им овозможил незаконски да се стекнат со противправна имотна корист по основ на нематеријална штета во вкупен износ од 4.839.557,00 денари за која сума се оштетени АД Осигурување ВАРДАР и АД за Осигурување КЈУБИ.
Пријавениот хирург и досега и бил познат на полицијата бидејќи во повеќе наврати е осомничен за кривични дела „Примање поткуп“, „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „Измами“, а од страна на надлежните судови му била изречена казна затвор и парична казна за делата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Спасовски: Власта ја укинува дебатата во Собранието, штанца закони по итна постапка
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, денес реагираше во собраниската седница откако власта најгрубо ја крши демократијата, не дозволува дебата и носи закони по итна и скратена постапка.
– Она што ни се случува денес во Собранието и ваквиот начин на функционирање, каде што во моментот ги добиваме точките на дневен ред и не известуваат во собраниските служби, и во ист тој момент се става на дневен ред, тоа го нема во ниту едно слово во деловникот, ниту пак може да се оправдаат ваквите постапки. Мислам дека и потпретседателот и претседателот на Собранието, или кој се учествуваат во креирањето на ваквите седници се однесуваат како целосно суспендирање на парламентот и на дебатата во парламентот. И ова е неприфатливо, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.
Тој потенцираше дека најголемиот дел од законските текстови се однесуваат на усогласувањето со законот на организацијата и работа на органите на државната управа и станува нејасно, како може, министрите, замениците министри, службите, да не знаат дека тоа усогласување треба да го направат до 31. декември.
– И денес по итна постапка, по скратена постапка, сите закони треба да се донесат. Баш денес ли гори, и сега ќе мораме да ги донесеме. Мислам дека ваквото однесување не треба да се толерира посебно од оние коишто доаѓаат овде ни делат лекции во парламентот за демократија, а на ваков начин се однесуваат и не ставаат сите во позиција во којашто целосно го рушиме нашиот систем на парламентарна демократија. Доколку власта смета дека не треба да има никаква дебата или парламент, дајте тогаш да не трошиме ниту пари на граѓаните, ниту ресурси, ниту време. Нека си измислат некој друг начин во кој ќе ги носат законите, повикувајќи се на тоа дека имаат парламентарно мнозинство и дека тоа треба така да се прави, рече Спасовски.
Македонија
Сообраќајка кај Младо Нагоричане, сообраќајот во прекин
Поради сообраќајна несреќа, патот Куманово – Крива Паланка, кај Младо Нагоричане е во прекин за секаков вид на сообраќај, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Никој не е над законот – правдата е бавна, но секогаш победува, порача Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, по презентација на резултатите од работата на МВР, упати охрабрување до припадниците на Министерството за внатрешни работи.
Тој им порача да продолжат да ја спроведуваат правдата насекаде.
„Она што е важна порака е дека никој не треба да биде над законот и Уставот и не смее да биде над законот и Уставот. Поминаа времињата како досега. Треба да се бориме против сите оние корумпирани елементи во општеството и ќе се бориме. Можеби правдата е бавна, но секој оној што мисли дека ја изиграл правдата се лаже, таа на крајот секогаш доаѓа и секогаш победува. Така што јас можам само да ги охрабрам сите оние припадници на Министерството за внатрешни работи дека никому ништо никој не му должи, освен на македонските граѓани и на државата, се разбира“, вели тој и додава:
„Ако некој мисли дека некому е должен и треба да биде привилегиран и да има одредени отстапки, се лаже. Ќе повторам, правдата е бавна, но таа секогаш на крајот победува. Мораме да покажеме и докажеме дека криминалот е неисплатлив и дека сите оние што мислат дека со криминал може да направат нешто се лажат и дека тие ќе бидат одговорни пред законот и пред Уставот. Така што еве уште еднаш да изразам благодарност до министерот, од сите вработени во Министерството за внатрешни работи за сето она што го прават изминатиот период и да ги охрабрам во периодот што следува да продолжат да ја спроведуваат правдата насекаде, на целата територија на Македонија како држава“, вели Мицкоски.