Регион
Ѓукановиќ: Во Црна Гора се води стратешка борба `за` и `против` ширењето на НАТО на Балканот

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ оцени дека преку последните случувања во Црна Гора се води сериозна стратешка борба „за“ и „против“ ширењето на НАТО на Балканот.
Во интервју за Федералната телевизија на Босна и Херцеговина (БиХ), црногорскиот премиер оценил дека „сите напори на оние кои се против ширењето на НАТО, сега се насочени на просторот на Црна Гора“.
„Тука всушност се води една сериозна стратешка борба, а тоа е борбата на НАТО, кој има амбиции своите вредности да ги шири и натаму на просторот на Балканот, на просторот на Европа, и онаа политика која всушност се противи на натамошното ширење на НАТО и која во ширењето на НАТО гледа опасност по себе“, смета Ѓукановиќ.
Тој додаде дека целта на протестите на опозицискиот Демократски фронт (ДФ) е да се запре патот на Црна Гора кон членството во НАТО и навел дека во тоа тие имаа поддршка од „поблиското и подалечното меѓународно опкружување“.
Во овој контекст, Ѓукановиќ, исто така, ги спомена и „големосрпските кругови од Белград“, кои се собрани околу, како што вели, „одредени општествени центри на моќ, како што е Српската православна црква“.
Црногорскиот премиер наведува дека тие „центри на моќ некогаш биле против независноста на Црна Гора“, а денес „отворено ги поддржуваат протестите во Црна Гора со намера да дојде до смена на власта, потоа преиспитување на државно-правниот статус на Црна Гора, и доколку е можно, Црна Гора да се врати во сферата на влијание и управување на тие големосрпски кругови од Белград“.
Меѓутоа, сепак, додаде дека организаторите на протестите на нападите против сувереноста на Црна Гора, немаат поддршка од официјалната политика на Србија. Црногорскиот премиер оцени и дека официјална Москва, преку соопштението за поддршка на „организаторитен а протестот, ги идентификувала своите цели, а тоа се сопирањето на Црна Гора на патот кон членството во НАТО“. Црна Гора на почетокот на декември очекува и официјална покана за членство во Алијансата.
Ѓукановиќ, исто така, спомена дека секој „кој мисли дека може Балканот да го препушти на некоја алтернатива вон процесот на европските и евроатлански интеграции, го потценува капацитетот за дестабилизација, која никогаш не е само дестабилизација на една држава од Балканот, и тоа претставува дестабилизација на Европа“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.