Македонија
Фондот за здравство со новини поволни за пациентите и лекарите

Фондот за здравство ги обнови договорите со матичните лекари и гинеколози, најави воведување на електронски лекарски рецепт и обврска на лекарите да обезбедат ампуларна терапија, а контролата во здравствените установи ќе се врши еднаш годишно.
Ова се дел од новините за кои информираше денеска директорката на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова, по завршените преговори со Лекарската комора.
Новите договори меѓу матичните лекари и гинеколозите и ФЗОМ ќе се обноват на 1.април.
Со договорот, меѓудругото, задолжителната ампуларна терапија избраниот лекар мора да ја поседува и аплицира во целост без да бара осигуреникот да ја набави со сопствени средства.
Воведувањето на електронските лекарски рецепти, кое ќе стартува од 1.јули годинава, претставува обврска матичните лекари да ги печатат лекарските рецепти по што пациентот оди во аптека и го подигнува лекот.„Следниот чекор е електронско поврзување меѓу матичните лекари и аптеките и обврската на самиот пациент само да се појави во аптеката и да го подигне лекот, а тоа е нешто што ќе се случи во наредниот период“, информираше Парнаџиева – Змејкова.
Новина е и измената во вршењето на задолжителните контроли на матичните лекари кои досега се вршеа квартално, а отсега како што кажа директорката на Фондот, ќе се вршат еднаш годишно при што ќе бидат опфатени сите претходни квартали.
Што се однесува до боледувањата на лекарите за оправдани отсуства од работа на лекар поради боледувања над 21 ден, породилно отсуство, специјализација и други случаи, ПЗУ е должно во рок од 35 дена да вработи лекар како замена. По истекот од 35-те дена ФЗОМ го затвора факсимилот и не исплатува капитација, но еднострано не го раскинува договорот со ПЗУ најмногу до 60 дена од настанување на случајот.„Ова е подобрување за лекарите кои што имаат таква судбина да се разболат да се снајдат и да им се овозможи да не се затвори здравствената установа“, појасни др.Стоје Стојменовски од Лекарската комора.
ФЗОМ се согласи и да ги преполови договорните казни на здравствените установи и е извршено нивно прегрупирање, односно една капитација во фиксен дел е намалена на половина капитација во фиксен дел, додека половина капитација во фиксниот дел е намалена на една четвртина капитација во фиксен дел. Исто така, постигната е согласност за зголемување на капитацискиот бод кај избраните лекари од општа пракса и гинеколозите од 45 на 50 денари./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Меџити: Дали Османи двапати бил во Будимпешта кај Груевски?

Првиот вицепремиер и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска јавно побара од неговиот противкандидат Бујар Османи да ја разјасни информацијата дека најмалку двапати бил во Будимпешта на директна посета со поранешниот премиер Никола Груевски. Информацијата е објавена во соопштението на партијата Вреди.
Меџити најави дека откако Османи ќе одговори на ова прашање, тој ќе открие детали за тоа кога и како се случиле посетите.
„Ќе поставам прашање, дали е вистина дека најмалку двапати бил во директна посета со Груевски, ќе почекам да видам како ќе одговори, па потоа ќе му кажеме кога било и како било“, изјави Меџити пред медиумите.
Ова прашање го става Османи под јавен притисок да ја објасни својата врска со поранешниот премиер, што може да има влијание на изборната кампања во Општина Чаир.
Скопје
(Фото) Гори на неколку места во Скопје, невремето предизвика пожари

По силното невреме проследено со интензивни ветрови, во повеќе делови од Скопје се предизвикани материјални штети и регистрирани пожари.
Надлежните служби внимателно ја следат состојбата, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во постојана координација со сите релевантни теренски служби.
Директорот на ЦУК, Мухамед Алу, заедно со дежурните служби, ги координира активностите и ги информира институциите со цел навремено постапување. Според досегашните информации, нема повредени лица.
ЦУК апелира до граѓаните кои имаат претрпено материјални штети или забележале дополнителни ризици веднаш да се јават на бројот за итни повици 112.
Според информациите поради искрење на жиците за електрична енергија, гори кај селото Крушопек на планината Водно. Пожар е забележан и во близина на спорската сала „Борис Трајковски“, во скопското село Волково. Паднати кровови од згради има во Чаир, во Ѓорче Петров, на булеварот Партизански одреди во близина на бензинската пумпа на Окта, како и паднати дрвја, гранки од дрвја и контејнери.
Скопје
(Фото) Скопје на удар на невреме, силен ветер, паднати дрва, пожари во делови од градот

Скопје се соочува со нестабилни временски услови во текот на денешниот ден. Во моментов, во градот дува многу силен ветер, небото е облачно, а во некои делови, како Волково и Крушопек, се јавува пороен дожд.
Скопјани пријавуваат дека поради искрења на жиците за електрична енергија настанале пожари, а во некои населени места и прекини во електричната енергија. Засега нема официјални информации од ЦУК или ДЗС, но се очекуваат во текот на денот.
Скопјани на социјалните мрежи пријавуваат дека во повеќе населби има паднато големи дрва од силниот ветер. Едно во Капиштец го има дури комплетно стопирано сообраќајот во близина на поранешна Нова Македонија.
Утрово, Управата за хидрометеоролошки работи најави дека попладне и во текот на ноќта во Скопје ќе се развие нестабилност со пороен дожд и грмежи. На одредени делови од котлината можна е појава на невреме. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, а температурата ќе се движи од 12 степени во најстудените делови од денот до максимални 36 степени.
Граѓаните се советуваат да бидат внимателни, да избегнуваат движење во отворени простори за време на силни грмежи и да ги следат официјалните информации за евентуални последици од невремето.