Свет
Владата не отстапува од стартот на пензиските реформи
Софтверот на МАПАС е целосно подготвен и тој функционира, изјави вчера директорката на Агенцијата, Зорица Апостолска.
И покрај забелешките од Светска банка и нападите од опозицијата
Софтверот на МАПАС е целосно подготвен и тој функционира, изјави вчера директорката на Агенцијата, Зорица Апостолска
Владата не отстапува од зацртаниот тајминг за старт на двостолбниот пензиски систем, што значи дека, и покрај забелешките од Светска банка околу можни проблеми за функционирање на софтверот, практичната примена на реформираниот пензиски систем, сепак, ќе стартува од 1 јануари идната година. Високи владини извори уверуваат дека пензиските реформи, договарани со Светската банка, се во позитивен правец и нема какви било потреси. "Кога од почетокот на наредната година ќе започнат практично овие реформи, тогаш нема да има какви било проблеми", уверуваат во Владата. Вчера и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС демантира какви било проблеми во нејзиниот делокруг на работа што би го загрозиле почетокот на реформите Софтверот на МАПАС е целосно подготвен и тој функционира, изјави вчера директорката на Агенцијата, Зорица Апостолска, на средба со новинарите. Таа нагласи дека не може да се занемари фактот дека подготовките на овој проект траат веќе осум години, додавајќи дека Светска банка има целосен увид во софтверот на МАПАС, со оглед дека Агенцијата користи нејзин заем. "Најважниот модул – делот на зачленувањето, не само што е подготвен туку и функционира. Имаме воспоставена електронска поврзаност меѓу друштвата, Агенцијата и Фондот за пензиско осигурување. Овој софтвер требаше да биде готов пред јануари 2006 година, готов е и во практика функционира", истакна директорката на МАПАС, додавајќи дека софтверот се изработувал дел по дел. Притоа, бил ангажиран и експерт од Англија, кој работел паралелно во двете институции инволвирани во пензиските реформи, во МАПАС и во фондот за ПИОМ. Софтверскиот систем го изработи домашната фирма УЛТРА, која беше избрана на меѓународен тендер. Апостолска нагласи дека деловите на софтверот се тестираат постојано, а сите процедури ќе бидат завршени во текот на јануари. Во двете друштва за управување со пензиските фондови досега се зачленети вкупно 40 илјади лица. Изминатиот викенд во Скопје, директорката во Светска банка надлежна за регионот, Орсалија Каранѕопулос, дојде да се увери од прва рака како ќе функционира пензиската реформа. Во Владата, сепак, сметаат дека во јавноста непотребно се кренала голема врева околу нешто што континуирано се следи во надлежните институции. "Треба да им се верува на изјавите на одговорните во Фондот за ПИОМ и на министерот за труд и социјална политика, Стевчо Јакимовски, кои рекоа дека се станува збор за проблеми од техничка природа и дека се непотребни какви било стравувања околу текот на реформите", велат високи владини извори. Сепак, сметаат во Владата, не е добро за институциите кога комуникацијата меѓу нив и Светска банка се злоупотребува од страна на опозисциските партии, бидејќи се добива впечаток дека некои лица од државната администрација или некои луѓе од Светска банка се продолжена рака на одредени бирократи. Со тоа, не само што и се нанесува штета на Владата туку може да се направи штета и на државата. (М. Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ја претстави TrumpRx: Нова платформа за поевтина набавка на лекови во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ја претстави TrumpRx.gov, нова онлајн платформа што ќе им овозможи на американските потрошувачи да купуваат лекови на рецепт по намалени цени, како дел од напорите на неговата администрација да ги ограничи растечките трошоци за лекови во Соединетите Американски Држави.
Трамп ја најави новата веб-страница во Белата куќа заедно со д-р Мехмет Оз, раководител на Центрите за Медикер и Медикејд, и Џо Геби, директор на Националното дизајнерско студио и коосновач на Airbnb. „Луѓето ќе заштедат многу пари и ќе бидат здрави“, рече американскиот претседател.
Американските пациенти моментално плаќаат многу повеќе за лекови на рецепт, честопати речиси три пати повеќе отколку во другите развиени земји, а Трамп врши притисок врз производителите на лекови да ги намалат цените во Соединетите Држави на нивоата што се плаќаат во странство.
Шеснаесет од најголемите светски производители на лекови склучија договори со администрацијата на Трамп за намалување на цените на лековите за Американците во замена за ослободување од американските царини. Според договорите, фармацевтските компании ќе ги намалат цените на лековите за владината програма Медикејд или за потрошувачите кои плаќаат во готово преку TrumpRx.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Свет
Аргентина бара од САД да го екстрадира Мадуро
Аргентински судија во среда побара од Соединетите Американски Држави да го екстрадираат поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој беше заробен во американска воена операција минатиот месец и сега се соочува со федерални обвиненија за наркотероризам и заговор за увоз на кокаин.
Истрагата во Аргентина, чии судии агресивно ги гонат злоупотребите на човековите права надвор од границите на земјата, го товари Мадуро за злосторства против човештвото за бруталното задушување на протестите и политичките противници за време на неговото претседателствување.
„Нарачан е итен превод на меѓународното барање и придружната документација“, се вели во наредбата потпишана од аргентинскиот федерален судија Себастијан Рамос, која ја виде Асошиејтед Прес.
Тужителите вклучуваат Венецуелци кои биле жртви на тортура, произволно притворање и друго малтретирање од страна на венецуелските безбедносни сили и разузнавачки агенти.
Случајот беше поднесен во Буенос Аирес во 2023 година од група организации за човекови права што ги претставуваат жртвите и се заснова на принципот на универзална јурисдикција, правен концепт што ѝ овозможува на Аргентина да ги гони поединците од која било земја за злосторства како што се геноцид или тероризам, без оглед каде се извршени.
Министерството за надворешни работи на Аргентина сега мора да го достави барањето до администрацијата на Трамп, која веројатно нема да го прифати бидејќи Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, чекаат судење во затвор во Бруклин по обвинение дека соработувале со нарко-картели повеќе од 25 години за да го олеснат шверцот на илјадници тони кокаин во Соединетите Држави.
Сепак, една од организациите што ја поднесоа тужбата го поздрави барањето како важна пресвртница „за Аргентина, за правда и, пред сè, за венецуелските жртви кои се осмелија да проговорат“. „Останува задоволувачки што се спротивставивме на моќните и решително ги браневме човековите права“, напиша Аргентинскиот форум за одбрана на демократијата.

