Надворешна политика
Груевски го посети медицинскиот центар Хадаса во Ерусалим
Македонскиот премиер Никола Груевски во средата во рамките на својата посета на Израел, го посети медицинскиот центар Хадаса во Ерусалим, каде оствари средба со менаџментот на болничкиот центар.
Хадаса медицинскиот центар е еден од најнапредните кога станува збор за медицинската наука и примена на најсовремените методи. Со годишен буџет од половина милијарда долари, Хадаса центарот е лидер и во медицинските истражувања во целиот регион на земјите од тој регион. Во болничкиот центар работат 5 000 луѓе, а годишно се извршуваат 32 илјади операции од различен карактер. Истовремено се инвестираат дополнителни 40 милиони долари во отворање на најсовремени операциони сали каде што ќе се применуваат современи медицински зафати.
Целта на посетата е воспоставување на соработка во делот на размена на медицински персонал, но и прием на пациенти за одредени области, како и разгледување на можностите за други форми на продлабочена соработка. За таа цел од страна на овластени лица од двете страни беше потпишан и Меморандум за соработка со медицинскиот центар Хадаса.
Премиерот Груевски при средбата со менаџментот истакна дека во областа на јавното здравство Владата е заинтересирана за размена на искуства и споделување на најсовремените техники и знаења од областа на медицината, а Хадаса медицинскиот центар е одличен субјект за таков вид на соработка. Тој посочи дека можни се и остварувања на други продлабочени форми на соработка со цел воведување на позитивните пракси од ваквите напредни центри во македонското здравство.
„Со потпишувањето на денешниот меморандум се договорија неколку работи, наши лекари да доаѓаат тука на тренинзи за третман на болести и за воспоставување дијагнози. Втората работа е праќање на нивни лекари во Македонија на одредено време, да обучат наши лекари за некои сегменти каде тие се понапредни и трето за болести за кои нема експертиза во Македонија да има можност за испраќање тука во Израел“, изјави премиерот Груевски.
Од страна на менаџментот на болницата Хадаса беше посочено дека тие се отворени за разни видови на соработка и позитивно ги оценија заложбите на македонската Влада за размена на искуства меѓу здравствените системи на двете држави, од што корист би имале пациентите, а користа би се огледала и во стекнувањето на дополнително обучен медицински кадар
Директорот Јорам Веис, истакна дека Хадаса медицинскиот центар е еден од лидерите во медицина во Израел и воедно во светот кога станува збор за медицински истражувања и грижа на пациентите.
„Многу сме горди што ќе соработуваме со Република Македонија и отвораме можност за прием на пациенти, и за медицински персонал за обука со цел да ги споделуваме нашите истражувања со нив“, изјави директорот на Хадаса медицинскиот центар, Јорам Веис. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.