Регион
Медведев: Србија да „турка" околу Косово, а не Русија

Русија го поддржува ставот на Србија по прашањето на едностраното прогласување на независноста на нејзината поранешна јужна покраина Косово, но смета дека решението на тоа прашање е привилегија на Србите, изјави во средата во руската престолнина Москва, премиерот Дмитриј Медведев на средбата со српскиот колега Ивица Дачиќ.
„Не треба да ние да го ‘туркаме’ тој процес, туку Србија. Вие треба да бидете во најголема можна мерка заинтересирани за доброто решавање на тоа прашање”, го цитира Танјуг рускиот премиер Дмитриј Медведев.
Додал дека тргнува од тоа што политичките нијанси, довиените разговори и суштинскиот интерес по тоа прашање траба да ги иницира српската страна.
Медведев на заедничката прес-конференција со Дачиќ, истакнал дека Русија сфаќа колку косовскиот проблем е важен за „пријателите Срби”, како и дека тоа прашање постојано се покренува во билатералните разговори.
Според Медведев во последно време се создал впечаток дека од „Русија очекува повеќе отколку од самата Србија”. „Тоа не е исправно. Вие треба да одлучите какво став да заземете”, рекол рускиот премиер.
Додал дека таа тема треба да се покренува и пред Обединетите нации и в преговорите со Европската унија. Медведев нагласил дека Русија ќе ја поддржи Србија по тоа прашање. „Секогаш ќе го поддржуваме ставот којшто ќе го формулираат српските челници”, порачал рускиот премиер.
Од своја страна српскиот премиер Дачиќ рекол дека неговата земја има намера да го продолжи дијалогот за косовското прашање и да дојде до одржливо и спроведливо решение.
„Србија не може да ги прифати принципите кои се во основата на таа варијанта од договорот, бидејќи тие не гарантираат целосна безбедност и заштита на права на српското население на Косово”, истакнал Дачиќ додавајќи дека потпишувањето на таквиот документ не би довело до конечно и одржливо решение за проблемот.
„Никогаш нема да се согласиме со едностраното прогласување на независноста на Косово, бидејќи таквите преседани не се во согласност со меѓународното право”, рекол Дачиќ истакнувајќи дека српските власти се заинтересирани да ги заштитат Србите коишто живеат на Косово.
„Токму затоа сме и подготвени да го продолжиме дијалогот”, рекол уште српскиот премиер според кого преговорите треба да се вратат под покровителството на Обединетите нации.
Српскиот премиер апелираше до Русија да помогне овие преговори коишто сега се водат под покровителство на Европската унија, да бидат вратени во рамките на Обединетите нации.
Белград и Приштина досега во осум кругови од преговорите за нормализација на меѓусебните односи под покровителство на Брисел се обидуваа та постигнат договор за статусот на косовските Срби, а косовските власти се согласија на заедница на општини, но не и на извршните овластувања во сферата на полицијата, правосудството, катастарот и образованието, коишто ги бараше Белград.
По осмиот круг разговори Ештон соопшти дека „разговорите се формално завршени”. Договорот со Приштина за Србија е клучниот услов за нејзиниот напредок во евроинтеграцискиот процес и добивање датум за пристапните преговори за членство во ЕУ.
Албанските власти во Косово во 2008 година со поддршка на водечките западни земји прогласија независност од Србија. Белград во осумте рунди преговори со Приштина бараше за заедницата на српските општини на Косово широки овластувања во поглед на правосудството, полицијата образованието итн, додека албанските власти веруваат дека таквите овластувања го загрозуваат уставот на Косово./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Регион
Додик предлага трет ентитет за Хрватите во Босна и Херцеговина

Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, предизвика лавина критики од бошњачката страна со својот предлог за формирање трет ентитет во БиХ со цел заштита на политичките права на Хрватите, јавуваат медиумите во Босна и Херцеговина.
Додик со години се залага за реорганизација на БиХ преку формирање трет ентитет и тврди дека тоа е она што го сакаат повеќето Хрвати и нивните политички претставници, но не се осмелуваат отворено да се залагаат за тоа.
Тој го повтори ова во понеделникот по средбата со претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, во Бања Лука.
„Веруваме дека трајно решение би било Босна и Херцеговина да биде организирана на таков начин што ќе има три ентитети“, рече Додик во име на неговиот Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), партијата што е столб на владејачката коалиција во РС, а е и дел од владата на државно ниво.
Тој рече дека Федерацијата на БиХ треба да се подели на бошњачки и на хрватски ентитет, кои би станале изборни единици, за да не може никој да се меша во изборните одлуки на членовите на еден од двата конститутивни народа.
фото: принтскрин
Регион
Сакаат да го воведат најдолгиот работен ден во Европа, Грците повторно на штрајк

Грчките бродови останаа во пристаништето, а железничкиот сообраќај беше запрен кога работниците утрово ја напуштија работата во знак на протест против планираните реформи на трудовото право, кои вклучуваат продолжување на работното време на 13 часа во приватниот сектор.
Штрајкот, втор овој месец од најголемите синдикати во јавниот и во приватниот сектор во Грција, беше темпиран да се совпадне со парламентарната дебата и гласање оваа недела за законот за реформи на владата.
Се очекува работниците, вклучувајќи болнички лекари и новинари од јавните медиуми, да маршираат до парламентот напладне со други демонстранти.
Контроверзни реформи во трудовото право
Нацрт-законот им овозможува на работодавците да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност во краткорочното вработување и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор.
Владата вели дека законот ќе создаде поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот и ќе ги заштити работниците од отпуштање доколку одбијат да работат прекувремено.
Но, синдикатите велат дека законот ги поткопува правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и им ја одзема преговарачката моќ во земја во која просечните плати се сè уште ниски во споредба со другите земји од ЕУ и покрај зголемувањето на платите и помалата невработеност по осакатувачката должничка криза од 2009 до 2018 година.
Куповната моќ на Грците е меѓу најниските во блокот на Европската Унија, според податоците на Евростат.
„Наместо да ги зголемува приходите на работниците и да ги зајакнува јавните услуги, владата се одлучува за закон што е во корист на работодавците и исцрпувачкото работно време“, се вели во соопштението на главните синдикати во јавниот и во приватниот сектор во Грција – ADEDY и GSEE.
фото: принтскрин