Свет
Милионската отштета на УПА била незаконска, потврди Врховниот суд
Основниот суд не ги зел предвид претходните пресуди на Врховниот суд, кој се произнел дека Палевски нема право да бара отштета
Основниот суд не ги зел предвид претходните пресуди на Врховниот суд, кој се произнел дека Палевски нема право да бара отштета
Врховниот суд на Македонија вчера ги потврди сомневањата на Антикорупциската комисија дека незаконски се исплатени над милион евра отштета на фирмата „УПА Ентерпрајс", сопственост на Љупчо Палевски. Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Македонија утврдил повеќе нерегуларности во водењето на судската постапка и во постапувањето на Јавното правобранителство кое не поднело жалба до повисокиот суд. Како што се наведува во вчерашното соопштение до јавноста, Основниот суд – Скопје 1 ја засновал пресудата исклучиво на наодот и мислењето на вештаците, без да изврши критичка оцена на вештачењето и без да ги земе предвид веќе донесените пресуди на Врховниот суд, кој утврдил дека двата спорни објекта се изградени без дозвола. Сопственикот Љупчо Палевски ја тужеше државата за бесправно уривање на потпокривите во два станбени објекта во скопско Дебар Маало на улиците „Пиринска" и „Железничка" во 2000 година. Пресудата, со која државата се задолжи да му исплати на Палевски отштета во висина од 1.149.203 евра, вклучувајќи ја и каматата, беше донесена во ноември 2005 година.
Што констатираше Врховниот суд во случајот со „УПА Ентерпрајс", постапувајќи по барањето на Антикорупциската комисија?
Највисокиот суд во државата утврдил дека се направени пропусти уште во самиот почеток на процесот, бидејќи тужбата на Палевски била неуредна и во неа не било конкретно наведено по која основа и за каква штета се бара отштета од 192.046.917 денари. Иако тужбата била неуредна, на првото рочиште одржано на 18 јуни 2003 година судот определил вештачење, на што се согласиле адвокатот на тужителот и претставникот на Јавното правобранителство. Судот донел наредба за вештачење, смета Врховниот суд, која не е во согласност со Законот за парнична постапка. На вештакот му била дадена задача да ја утврди само висината на штетата, без да се наведе која штета и за кои објекти. Вештачењето го спровеле вештите лица – економистот Есад Тафил и архитектот Василка Каевска, а на вештачењето не присуствувал претставник од тужената страна на Македонија. Во завршеното вештачење, вештаците направиле процена дека штетата изнесува 149.058.505 денари.
На судската расправа што се одржала на 14 јули 2004 година, на која тужената страна ја застапувал заменик-јавниот правобранител Миодраг Стефановиќ (н.з истиот човек кој се појавува и во „случајот Бачило") тогашниот судија Дејан Костовски донел пресуда со која делумно го уважил тужбеното барање на тужителот и ја задолжил државата, поточно Министерството за транспорт и врски, да му исплати на Палевски надомест во висина од 51.571.324 денари со камата сметана од денот на доставување на тужбата.
Одделот за кривични дела констатира дека донесената пресуда не содржи одговор на повеќе изнесени приговори, вложени од претходниот застапник на државата, Емилија Радојкова. Судот не ги зел предвид ни пресудите на Врховниот суд, кој веќе се произнел дека објектите се изградени без дозвола за градба, што значи не постоела одговорност кај тужената страна – државата. На ваквата спорна пресуда Јавното правобранителство не поднело жалба како редовен правен лек до Апелациониот суд во Скопје.
Случајот со незаконски исплатената отштета од над милион евра прва го отвори Државната комисија за спречување на корупцијата, а врз основа на направениот ревизорски извештај во Министерството за транспорт и врски. Откако случајот беше оквалификуван како ново „бачило", со кое незаконски се испумпани над милион евра буџетски пари, предизвика лавина реакции, по што реагираше и Јавното правобранителство. Откако парите легнаа на сметката на адвокатот на Палевски, чија фирма во меѓувреме отиде во стечај, Јавното правобранителство во средината на минатиот месец побара повторување на постапката. Сопственикот на УПА, Љупчо Палевски кусо време беше прв човек на градската организација на СДСМ. (Г.Д.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија прогласија воздушна тревога и пријавија прекини на струја и греење поради украински напади со дронови и ракети
Неколку региони во Русија прогласија воздушна тревога и пријавија прекини на струја и греење поради украински напади со дронови и ракети.
Во Белгородската област, која се граничи со Украина на запад, гувернерот Вјачеслав Гладков денеска на Телеграм напиша дека еден напад ја оштетил енергетската и грејната инфраструктура на градот. Тој додаде дека се вршат поправки, а пријавени се и оштетувања на објекти и возила.
Во соседната Воронежка област, која се граничи со Белгород на исток, гувернерот Александар Гусев исто така пријави ракетни и напади со дронови, наведувајќи дека противвоздушната одбрана пресретнала дел од дроновите.
Пожар во едно општинска постројка бил брзо изгаснат, иако непотврдени извештаи на социјалните мрежи тврдат дека била погодена градската комбинирана термоелектрана.
Гусев предупреди дека делови од Воронеж би можеле привремено да останат без струја и да имаат прекини во греењето. Тој исто така пријави оштетувања на објекти на една градежна компанија и неколку возила. На жителите им беше препорачано да се засолнат во бункери како мерка на претпазливост.
Во градот Таганрог во Ростовската област исто така имаше извештаи на социјалните мрежи за експлозии и прекини на електрична енергија.
Во меѓувреме, Украина соопшти дека претрпела десетици напади, нарекувајќи ги едни од најжестоките руски ракетни и напади со дронови врз нејзината енергетска инфраструктура од почетокот на војната.
Од 69 напади со дронови, 34 биле одбиени, според украинските власти. Ден претходно, Русија изврши напади со 458 дронови, 45 ракети и крстосувачки проектили.
Народот на Украина и понатаму е сериозно погоден од прекини на струја, греење и топла вода, пренесе ДПА.
Свет
Три лица загинаа, а 15 се повредени откако Тенерифе го погодија џиновски бранови
Џиновски бранови однесоа десетина луѓе во морето кај Тенерифе, вклучувајќи многу туристи, при што три лица загинаа, а 15 се повредени, соопштија регионалните власти на шпанскиот туристички остров, пренесе ДПА.
Весникот „Диарио де Ависос“ денеска објави дека три лица загинале вчера „трагичен ден“ покрај брегот на Тенерифе.
Една од жртвите била 79-годишна холандска државјанка, според медиумските извештаи. Властите ја потврдиле нејзината националност, но нејзината точна возраст сè уште не е потврдена.
Инцидентот се случи вчера попладне во Пуерто де ла Крус, град на северниот брег на Канарскиот Остров, кога силата на брановите ја однеле неа и уште девет лица во водата.
Полицајците и случајните минувачи успеале да ги извлечат сите на брегот. За жал, Холанѓанката доживеала срцев удар и починала и покрај обидите за реанимација од страна на болничарите на местото на настанот.
Останатите девет лица, меѓу кои и тројца француски туристи, се пренесени во болница со различни повреди, од кои некои се сериозни.
Втора жртва е пријавена во Чарко дел Виенто, на околу 15 километри западно од Пуерто Ла Крус. 43-годишен Шпанец паднал во морето додека ловел риба.
Тој бил брзо спасен со хеликоптер, но болничарите можеле само да ја констатираат неговата смрт, според весникот „Ел Дија“. Властите веруваат дека најверојатно бил удрен од џиновски бран, иако немало очевидци.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.

