Македонија
Иванов ќе помилува 53 затвореници

По повод Новата 2014 година како и божиќните празници претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, даде помилување за 53 осудени лица во земјава.
Со оваа иницијатива 11 лица добија потполно ослободување, додека останатите 42 лица се делумно ослободени од натамошното издржување на казната затвор, информираат од кабинетот на претседателот./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес во Дебар Маало настан по повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски

По повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски, денеска, кај спомен-клупата во Дебар Маало ќе се одржи настанот „Горан е тука“.
Како што стои во соопштението на Општина Центар, на одбележувањето ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“ и ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска – Костовска и Трајанка Илиева – Вељиќ.
Со свои настапи, додаваат, ќе се приклучат и пријатели од неговата младост, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, додека неговиот син Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
-Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
Македонија
Денес и утре облачно, од вторник сонце

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Утре времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд, претежно во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11, а максимална од 15 до 22 целзиусови степени.
Од вторник ќе имаме сончево време со мала локална облачност. Максималните температури ќе се движат од 18 до 25 целзиусови степени.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче тргнал по стапките на Заев, на Македонија не ѝ требаат нови предавства

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше на денешното интервју на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое тој зборуваше со гордост за поранешниот премиер Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче покажал „безрезервна лојалност“ кон Заев, кого го нарече пример од кого треба да се учи.
Од партијата обвинуваат дека Филипче го велича човекот кој, според нив, извршил најголемо предавство на националните интереси.
„За какво искуство и учење зборува Филипче? Единственото наследство на Заев е предавството и распродавањето на националните интереси“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со вакви ставови, Филипче покажува дека е „верна сенка и продолжена рака на Заев“, и оти тргнал по истиот пат, барајќи попустливост во односите со Бугарија.
Реакцијата уследи по изјавите на Филипче во кои тој повика на продолжување на преговорите со Бугарија, додека истовремено, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, призна дека во минатото преговарал со Бугарија за етнички прашања со дозвола на СДСМ.
„Дали за Филипче храброст значи прифаќање на сите барања што водат кон распродажба и нарушување на националниот идентитет?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека вистинска храброст и државничко однесување е заштита на етничките, културните, историските и јазичните интереси на Македонија, а не попуштање под странски притисоци.