Регион
Света Гора со официјално писмо против легализација на истополовите „заедници“
Претставниците на сите атонски манастири во Грција едногласно истапија против легализацијата на истополовите бракови, а по тој повод, до пратениците беше испратено итно писмо од страна на Свештениот Кинот на Света Гора Атон.
Претставниците на сите атонски манастири во Грција едногласно истапија против легализацијата на истополовите бракови, а по тој повод, до пратениците беше испратено итно писмо од страна на Свештениот Кинот на Света Гора Атон.
Обраќајќи се кон пратениците, светогорците побараа да се одложи гласањето „со цел најсоодветно да се земе во предвид волјата на целиот грчки народ“.
Во документот е искажана „вознемиреноста на Света Гора Атон поради отклонување (сега и на законско ниво) од началата и вредностите коишто го градат темелот на православниот идентитет и грчката култура“
„Како православни христијани ние искажуваме длабока почит кон личниот избор на секој човек и неговото право да пребива во Црквата или да се дистанцира од неа. Ние поаѓаме од тоа што никој нема право да ја одземе дадената од Бога човечка слобода.
Во ова време ставот којшто ги става на исто рамниште ’еднополовите парови‘ и семејствата со сите правни и социјални последици што произлегуваат од тоа (меѓу другото и посвојувањето на деца), отворено застанува против менталитетот на нашиот народ и изгледа како намерна провокација и предизвик за грчкиот народ“, се вели во писмото.
Светогорците ја молат Владата и пратениците на коишто ’грчкиот народ им ја доверил својата судбина‘, да обрнат внимание на ова писмо исполнето со немир и искрена грижа за иднината на земјата.
„Ве молиме да го тргнете од гласање овој предлог закон, особено сега во пресрет на големиот празник Рождество Христово. Можеби привременото одложување на законот ќе даде можност за негово детално разгледување и ќе му остави можност на грчкиот народ да го изрази својот став во врска со институцијата брак“, се наведува во писмото.
Претходно во 2013 година исто така поради жестокиот отпор на црквата грчкиот парламент не расправаше за предлог законот за легализација на заедницата меѓу истополни двојки. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплавени куќи, затворени училишта: поројните дождови предизвикаа колапс на грчкиот остров Лезбос
Ноќните поројни дождови на грчкиот остров Лезбос ги поплавија куќите и другите објекти на западниот дел од егејскиот остров и ги принудија локалните власти да затворат неколку училишта за инспекции и поправки, објави „Екатимерини“.
Најтешко погодени беа областите Калони и Скала, а жителите ја опишаа количината вода што падна на островот како невидена.
Одлуката за затворање сите училишта во западен Лезбос беше донесена како превентивна мерка поради интензивните и продолжени поројни дождови, кои зафатија значителен дел од островот предизвикувајќи прекини во сообраќајот и зголемувајќи го ризикот од патување за учениците и наставниците, наведоа локалните власти во соопштението.
Тие исто така им советуваа на жителите да се воздржат од непотребни патувања додека не се изврши целосна процена на штетите на патот.
Фото: принтскрин
Регион
Студентите во Србија пред Генералштабот: „Ќе го браниме со нашите тела“
Студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот ќе се соберат денес во 11 часот пред зградата на Генералштабот под слоганот „Ние сме жив ѕид“. Како што најавија, ќе упатат усно предупредување до властите на Александар Вучиќ поради нивната намера да го урнат комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО, објавува Nova.rs.
Организаторите нагласуваат дека денешниот собир ќе биде само најава за идните протести.
„Маршот од центарот на Земун започнува во девет часот наутро, а од Студентскиот плоштад во 10 часот, па сите се собираме во 11 часот пред Генералштабот. Подготвивме две претстави, по што во 11:52 часот ќе има 16-минутен молк“, објави Валентина Морачевиќ, студентка на Факултетот за применети уметности.
По оддавањето почит на жртвите, студентите ќе упатат јасно предупредување до Владата. „Кога ќе заврши оддавањето почит на жртвите во Нови Сад, ќе имаме усно предупредување за властите. Доколку не престанат со уривањето на Генералштабот, односно ако не ја заштитат зградата, ние ќе ја браниме со нашите тела“, нагласува Валентина.
Фото: ЕПА
Регион
Италија покренува истрага за „воени туристи“ кои пукале во цивили во Сараево
Обвинителството во Милано покрена истрага за италијански државјани кои наводно платиле огромни суми пари на српските паравоени сили за да пукаат во цивили за забава за време на опсадата на Сараево од 1993 до 1995 година. Таканаречените „викенд снајперисти“ учествувале во брутален „лов на луѓе“ во градот во кој биле убиени 11.000 граѓани, објавија италијанските дневни весници „Ил Џорно“ и „Ла Република“, пренесува „Анса“.
Според италијанските медиуми, станува збор главно за крајно десничарски фанатици и ентузијасти за оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“, во Милано е покрената истрага за утврдување на нивниот идентитет.
Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за убиство со умисла со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата моментално се води против непознати лица, а е покрената врз основа на жалба поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.
Според сведоштва собрани низ цела северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле однесени во ридовите околу Сараево. Таму, откако им платиле на паравоените сили на босанските Срби предводени од Радован Караџиќ, можеле да пукаат врз жителите на опколениот град. Досието вклучува и извештај за „богати странци кои се занимавале со нехумани активности“, кој до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.
Гавацени во својот извештај наведува дека досега има само „траги“, но дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, отколку мажите (по можност во униформа и вооружени), а старите лица би можеле да бидат убиени бесплатно“. Тој, исто така, се повикува на документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од режисерот Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.
Во наредните недели, се очекува обвинителот Гобис да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата именувани од авторот во извештајот.
Иако истрагата се фокусира на Италијанците, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да „играат војна“. Поранешен босански разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „можеле да си дозволат таков адреналински наплив“.
Босанското разузнавање веруваше дека зад сето тоа стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија „Авиогенекс“. Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се споменува како клучна фигура во операцијата.
Фото: ЕПА

