Свет
Бугарски криминалци го убиле Јанкуловски
Битолчанецот Зоран Јанкуловски (43), вработен како личен возач на Петар Илиевски, директор на мелничко-пекарското претпријатие "Жито Битола", пред една година бил убиен, а не извршил самоубиство, како што претходно тврдеше МВР.
МВР ЈА ИСТРАЖУВА МИСТЕРИОЗНАТА СМРТ НА БИТОЛСКИОТ ВОЗАЧ
Жанета Здравковска
Битолчанецот Зоран Јанкуловски (43), вработен како личен возач на Петар Илиевски, директор на мелничко-пекарското претпријатие "Жито Битола", пред една година бил убиен, а не извршил самоубиство, како што претходно тврдеше МВР. Ова се најновите сознанија до кои дојде полицијата, истражувајќи го мистериозниот случај од 5 јануари минатата година. Новите детали за случајот "Јанкуловски" доаѓаат дваесетина дена по пишувањето на "Дневник", кога родителите на Зоран, Ана и Кирил Јанкуловски, побараа обновување на истрагата, тврдејќи дека нивниот син е убиен. Битолската полиција лани го затвори случајот како самоубиство, иако постоеле голем број нелогичности поврзани со смртта на Јанкуловски.
Според сознанијата на повисоките полициски органи, во убиството на битолчанецот биле замешани тројца бугарски мафијаши, кои и се познати на македонската и на бугарската полиција. Бугарите четири дена пред смртта на Јанкуловски престојувале во Битола. Логистика им давал скопјанец, кој им наоѓал "тезги" за работа во Македонија. За нивната "задача" во Битола тие контактирале и со битолчанец, на кого желбата за ликвидација на Јанкуловски му ја пренел близок пријател на нарачателот на смртта на возачот, исто така битолчанец.
Меѓу полициските сознанија се споменува и тоа дека пријателот на нарачателот имал и директни контакти со Скопје, по што следувале неколку средби со убијците и на крајот убиство на Јанкуловски.
Телото на Јанкуловски беше пронајдено на 5 јануари 2005 година во службениот автомобил "мерцедес", оставен покрај патот за битолското село Братиндол.
Родителите на починатиот досега неколкупати јавно реагираа на нелогичностите поврзани со смртта на нивниот син. Дел од нив се однесуваа на тоа дека куршумот од пиштолот марка "црвена застава", со кој било извршено самоубиството, односно убиството, наместо во слепоочницата, завршил во вратот на Зоран.
Задното стакло од службениот автомобил било скршено, биле пронајдени догорчиња од цигари марка "марлборо", иако починатиот пушел цигари "вест лајт". Автомобилот бил полн со кал, под возилото имало локва крв, а од неговиот мобилен телефон биле избришани листинзите од претходните денови.
Тие ја отфрлаа секоја можност дека нивниот син се самоубил оти бил здрав, материјално ситуиран, среќно женет, а и татко на две деца. Според нив, мистериозната смрт на Зоран се случила токму во периодот кога против директорот на "Жито Битола" се водеа судски спорови во Битолскиот суд. Тие велат дека, пред да умре, Зоран бил нападнат од група вработени, потоа му бил украден моторот, а неколкупати непознати сторители му го скршиле стаклото на автомобилот.
Изворите од битолската полиција велат дека имињата на членовите на македонско-бугарската банда ќе останат тајна се до завршување на истрагата.
Според истите извори, бугарските криминалци престојувале во Битола и кон крајот на 1996 година, кога прибирале податоци за потесното семејство на сопственичката на ТАТ, Соња Николовска. Нивната намера била да киднапираат близок член од нејзиното семејство за потоа да изнудат пари за откуп, но полицијата им влезе во трага па криминалците се разбегаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заглавени возила и превртени камиони: Сообраќаен хаос на германските патишта поради студеното време
Студеното време што ја зафати Германија предизвика поледици на патиштата и сообраќаен хаос, пренесува ДПА. Леденото време предизвика неколку несреќи на главните германски патишта во петокот и ноќта.
Камион што превезувал лосос се излизгал и се превртел на автопатот A93 во северниот дел на Баварија, во близина на градот Вернберг-Кеблиц. Несреќата предизвикала приколката на камионот да се отвори и рибите да се истурат по коловозот, соопшти денеска портпарол на полицијата. Возачот не е повреден, а автопатот бил затворен повеќе од 10 часа.
Друг камион се лизнал на автопатот A1 во близина на северниот град Бремен и удрил во знак и заштитна ограда. Возачот не е бил повреден. Полициските службеници на местото на настанот привремено го затвориле автопатот и во тек е операција за расчистување на коловозот од мраз и снег.
Десетици камиони и автомобили останаа заглавени на заледениот мост Келбранд во северниот германски град Хамбург. Возилата не можеа да се искачат по мостот поради замрзнатиот коловоз.
Властите предупредуваат дека студениот бран со снег и мраз ќе продолжи и во наредните 24 часа.
Свет
Најмалку седум силни експлозии и звуци на авиони рано утрово во главниот град на Венецуела, Каракас
Најмалку седум силни експлозии и звуци на авиони со ниски прелети биле слушнати рано утрово во главниот град на Венецуела, Каракас, околу 2:00 часот по локално време, јавуваат повеќе меѓународни медиуми, вклучувајќи АП, Ројтерс, и Ци-Би-Ес Њуз.
Очевидци забележале и столбови на чад на неколку локации, а делови од јужниот дел од градот, вклучувајќи област близу голема воена база, останале без струја.Сè уште не е јасно што точно ги предизвикало експлозиите и дали тие се резултат на напад, внатрешен инцидент или некоја воена операција — официјални потврди од владата на Венецуела или од Министерството за одбрана сѐ уште нема. Ројтерс наведува дека видеа на социјалните мрежи покажуваат детонации на различни локации во градот, но не може веднаш да ја потврди точноста на тие снимки.
Нема официјален коментар од владата на Венецуела, ниту од Белата куќа за тоа дали САД биле директно вклучени. Пентагон претходно не одговорил на барањата за коментар.
Овој развој на настаните доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Венецуела и САД, откако американската администрација ги засили воените активности во регионот под оправдување на борба против илегалниот превоз на дрога, а Доналд Трамп најави дека е отворен за разговори со претседателот Николас Мадуро, додека истовремено не исклучи можност за поинтензивни воени операции.
Критичари и политички аналитичари предупредуваат дека потенцијалниот конфликт има подлабоки корени во долгогодишните напнатости околу нафтените резерви и геополитичките интереси на САД во регионот.
Свет
Крадци испразниле 3.000 сефови од трезорот на Шпаркасе банка во Гелзенкирхен
Крадците кои ја ограбија банката Шпаркасе во Гелзенкирхен, на западот од Германија, за време на грабежот испразниле 3.000 сефови, од кои биле украдени злато, пари и накит во вредност од 90 милиони евра, објави полицијата.
Портпаролот на полицијата во Гелзенкирхен изјави за Шпигел дека кражбата била „долгорочно планирана операција“ и дека полицијата сè уште нема цврсти траги и дека сторителите се во бегство.
Германската полиција објави дека сака да ги засили напорите во истрагата, поради што е формирана специјална единица наречена „Вежба“.
Портпаролот на полицијата изјави дека целта е единицата да се справи со „поплавата од информации и траги“, односно пријави за грабежи од граѓани, како и да може да се повика на ресурси од други полициски оддели.
Грабежот се случил минатиот викенд, а крадците влегле во банката преку подземна гаража и користеле специјална дупчалка за да го пробијат дебелиот армиран бетонски ѕид до трезорот, каде што скршиле околу 95 проценти од вкупно 3.250 сефови.
Грабежот бил откриен во понеделникот рано утрината кога било забележено дека непознати лица користеле дупчалка за да го издупчат ѕидот на трезорот на Шпаркасе банка во округот Буер за време или кратко по божиќните празници.
Некои луѓе пријавиле дека чуваат вреден златен накит или заштеди во своите сефови.
Според прелиминарните информации, грабежот можеби бил извршен во текот на неколку дена, а сведоци пријавиле дека виделе неколку луѓе како носат големи торби на скалите од паркинг гаражата до филијалата во округот Буер во Гелзенкирхен во саботата навечер.
По прегледувањето на видеата од паркинг гаражата, полицијата соопшти дека прикажала автомобил со маскирани лица како во понеделникот рано наутро ја напушта гаражата, а неговите регистарски таблички наводно биле украдени од Хановер.
Портпаролот на банката изјави дека досега биле во контакт со околу 1.000 засегнати клиенти и дека банката се обидува да утврди што точно се чувало во сефовите.

