Европа
ЕК предлага 1,7 милијарди евра за управување со бегалската криза
Европската комисија во средата го донесе првиот пакет буџетски предлози за управување со бегалската криза во износ од 1,7 милијарди евра од европските средства во следните две години.
За оваа година се предвидени 801,3 милиони евра, а за следната 900 милиони евра. Годинешната сума би требало да се обезбеди со прераспределбата на средствата во рамките на годишниот буџет и придонесот на државите членки. Европската комисија предлага 330,7 милиони евра дополнителни обврски за земјите членки, прераспределби 70,6 милиони евра од другите подрачја и 400 милиони евра првично наменети за хуманитарна помош и финансирање на соседските политики на ЕУ.
Од 800 милиони евра, 100 милиони би биле наменети за итно финансирање на земјите членки коишто се соочени со најголемиот бран бегалци во рамките на фондот за азил и миграции, како и фондот за внатрешна безбедност.
Околу 300 милиони евра се предвидени во рамките на европската соседска политика за помош на трети земји кои ги примаат бегалците од Сирија, како Јордан и Либан.
Кога станува збор за следната година, Европската комисија во октомври ќе предложи 900 милиони евра за управување со бегалската криза да се вклучат во предлогот за буџетот за 2016 година. Комисијата очекува дека Советот и Парламентот да ги потврди овие предлози што поскоро./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

