Берзи
На Волстрит цените паднаа по минатонеделниот подем
На Волстрит цените на акциите во понеделникот забележаа пад, по силниот раст минатата седмица, бидејќи инвеститорите се претпазливи додека го проценуваат влијанието на осцилациите на курсот на американскиот долар на пазарите, особено на нафтениот.
Така, во понеделникот индексот Dow Jones ослаби за 0,06 отсто, на 18.116 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,17 отсто, на 2.104 поени, а индексот Nasdaq забележа пад од 0,31 отсто, на 5.010 индексни поени.
На пазарите во понеделникот преовладуваше претпазливост, откако минатата седмица цените акции силно пораснаа, првпат по три дена пад.
Пораките на американската централна банка Federal Reserve (Fed), дека нема да брза со зголемувањето на каматите предизвика минатата седмица пад на курсот на доларот и раст на цените на нафтата. Таквите движење продолжија и на почетокот од седмицава. Така, во понеделникот индексот на доларот кој ја прикажува вредноста на американската валути во однос на кошницата од шесте водечки светски валути на најголемите трговски партнери на САД, падна за натамошни 0,9 отсто, откако минатата седмица потона за повеќе од 3,5 проценти.
Тоа делумно ги ублажи стравувањата дека високиот курс на доларот ќе и’ наштети на американската економија/ Силниот долар, имено, претставува голем проблем за американските мултинационални компании бидејќи поради тоа нивните производи на светските пазари стануваат помалку конкурентни, па им паѓаат приходите и заработките.
„Инвеститорите полека се подготвуваат за сезоната на објавување на кварталните деловни резултати којашто започнува за неколку седмици, а тогаш ќе се види како силниот долар влијаел врз работењето. Дотогаш очекувам претпазливо тргување“, вели за Reuters Кен Полкари, директор во компанијата „O’Neil Securities“.
Доларот изминатите години кон кошницата од шест валути зајакна околу 20 отсто, поради што педесетина американски компании ги намалија процените за заработка во првиот годинешен квартал, а ќе ги има и повеќе, па очекувањата на аналитичарите во анкетата на Thomson Reuters за првото тримесечје се значително намалени. На секоја компанија којашто досега најавуваше зголемени процени на заработката доаѓаат во просек 5,5 кои ги намалиле процените, покажува извештајот на Thomson Reuters. Тоа е најлошиот однос н апозитивните и негативните најави од првиот квартал од минатата 2014 година.
„Инвеститорите се свесни дека силниот долар ќе им наштети на заработките на компаниите, но сé уште не знаат колку“, вели Полкари.
Инвеститорите најмногу загрижува енергетскиот центар, кој изнесува околу 8 отсто од заработката на компанијата од секторот S&P 500. Минатата седмица цената на нафтата порасна, но не поради намалените разлики меѓу понудата и побарувачката, туку поради падот на курсот на доларот, поради што поскапе сите суровини чии цени се изразуваат во американската валута.
На претпазливоста на вложувачите укажува и слабиот обем на тргувањето. На американските берзи сопствениците во понеделникот ги заменија 5,4 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во март изнесува 6,8 милијарди акции./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.