Надворешна политика
Јолевски: Во моментов САД не се подготвени со нивни ставови да влезат во решавање на спорот за името
САД го поддржуваат процесот за решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција, но во моментов не се подготвени и со нивни ставови да влезат во процесот, изјави поранешниот македонски амбасадор во САД, сега актуелен министер за одбрана, Зоран Јолевски во својот отчет во Собранието за сработеното на функцијата како амбасадор од 2007-та до 2014-та година.
„Досега САД искажувале јавно дека го поддржуваат процесот под покровителство на ОН и се залагаат за што побрзо да се најде заемно прифатливо решение. Во овој момент не гледам дека тие се подготвени да влезат во овој процес и со некои нивни ставови или барања да наметнат вакво или онакво решение. Моето чувство е дека засега таква позиција не постои, меѓутоа се разбира притисокот, според мене, се врши подеднакво и на Македонија и на Грција“, рече Јолевски.
Тој исто така потенцираше дека во поглед на Македонија и на регионот, ставот на САД е оти Европа нема да биде целосно обединета сè додека западен Балкан не биде дел од ЕУ и од НАТО.
Запрашан околу процедурата за безвизен режим на Македонија со САД, тој појасни дека Амбасадата имала голем број состаноци, но за да се добие тоа потребно е да бидат исполнети два вида услови. Првиот услов е да се намали бројот на одбиени лица кои побарале виза за САД во Скопје, како и да се намали бројот на лицата кои откако дошле во САД останале повеќе од дозволеното.
„Во овој момент стапката што е пропишана во Конгресот е 3 проценти. Последните податоци што ги имам е дека за Македонија е дека под 17 проценти одбиени барања во Амбасадата во Скопје, треба да се има предвид дека во 2007 година Конгресот донесе краткорочна одлука во период од две години оние земји кои имаат под 10 проценти одбиени барања, можат да бидат вклучени во оваа програма“, изјави Јолевски.
Во однос на економската соработка, трговијата далеку заостанува зад потенцијалите и можностите на двете економии, а според Јолевски таквата состојба е поради тоа што пазарот во Македонија за големите американски компании е многу мал за да инвестираат, а американскиот пазар е многу отворен и истовремено многу конкурентен./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.