Европа
Русија уапси седум членови на IS кои планирале напади во Москва и Петербург
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во неделата во градот Екатерибнург уапсила седум припадници на екстремната сунитска групација Исламска држава (IS) коишто планирале напади во Москва, Санкт Петербург и во Свердловската област каде што се уапсени, објавија во понеделникот руските медиуми повикувајќи се на безбедносни извори.
„Федералната служба за безбедност на Русија на 7-ми февруари во Екатеринбург уапси седум членови на злосторничка група припадници на забранетата во Русија меѓународна терористичка организација Исламска држава, меѓу кои државјани на Русија и на земји од централна Азија, коишто подготвувале терористички напади со импровизирани експлозивни средства во областите на Москва, Санкт Петербург и Свердловск“, се наведува во соопштението на ФСБ кое го цитира агенцијата ТАСС.
Во текот на претресите на објектите коишто ги користеле уапсените, откриена е лабораторија за изработка на експлозивни средства, како и детонатори, пушки, гранати и екстремна литература.
Утврдено е дека уапсените планирале по извршувањето на терористичките напади во Русија, да заминат во Сирија и таму да учествуваат во судирите во редовите на Исламската држава, се додава во соопштението на ФСБ.
Против уапсената група, којашто ја води борец на Исламската држава кој на руска територија дошол од Турција, подигнато е обвинение за тероризам и нелегално поседување оружје и експлозиви.
Според руските разузнавачки служи во рамките на Исламската држава постои цел специјален „оддел“ за планирање и подготовка на напади во Русија и во Европа, во која главна улога има единицата којашто ја предводел Ахмед Четаев, наречен „едноракиот“, а во нејзиниот состав претежно се исламски екстремисти од областа на Северен Кавказ.
На крајот од јануари рускиот Национален антитерористички комитет (НАК), објави дека во текот на мината 2051 година руските безбедносни служби спречиле активности на три групи кои се занимавале со префрлување лица во Русија кои имале терористички намери.
Според главниот советник во НАК, Андреј Пржездомски „пред извесно време „Сирија ја напуштила четиричлена група искусни борци чија цел била да извршат терористички напад во еден од градовите“. За таа цел таа групата изнајмила стан која ја претворила во база каде што собирале компоненти за производство експлозивни направи. Биле откриени уште на самиот почеток на своите активности, уапсени и ги очекува судење.
Покрај тоа, на 27-ми јануари во областа Карачаево-Черкезија била поведена постапка против девет члена на локална екстремна група, којашто изразила лојалност на Исламската држава од која добиле задачи да извршат напади во Русија. Во текот на апсењето, тројца од милитантите биле убиени, а шестмина уапсени./крај/мф/сн
Извор: TACC
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

