Регион
Ципрас смета дека Европа има „нервен слом“
Грција ќе бара солидарност кон бегалците и праведна распределба на товарот меѓу државите членки на Европската унија на самитот ЕУ-Турција кој ќе се одржи во понеделник, изјави во неделата грчкиот премиер Алексис Ципрас, критикувајќи го воведувањето на построгите контроли на границите кои доведоа до блокирање на бегалците на грчка територија.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја обвини Австрија и балканските земји дека „ја уништуваат Европа“, забавувајќи ги приливот на имигрантите и бегалците кои сакаат од Грција да се упатат кон северот на континентот.
Според властите во Атина, во Грција се блокирани околу 30.000 мигранти, кои чекаат Македонија да ја отвори границата , но тоа нема да се случи сé додека тоа не го сторат Австрија и другите земји од ткн балканска мигрантска рута. До крајот на март, според процените на Европската комисија, во Грција би можело да влезат 100.000 луѓе.
„Европа има нервен слом. Дали Европа на стравот и расизмот ќе надвладее над Европа на солидарноста?“, изјави Ципрас пред состанокот на челниците на неговата коалиција на радикалната левица Сириза.
Грчкиот премиер смета дека земјите од средна Европа со сериозни демографски проблеми и ниска невработеност може долгорочно да имаат полза од бегалците чиј број на континентот надмина милион, но и оти политиките на штедење создале „крајно десничарско чудовиште коешто се противи на тоа“.
„Европа денес се наоѓа во јазот меѓу штедењето и затворените граници. Ја држи отворена вратата за штедењето, но затворена за луѓето кои бегаат пред војната. Државите членки (на ЕУ – з.р.) предводени од Австрија, сакаат да ја наметнат логиката на тврдината Европа“, рече Ципрас.
„Не покажуваме со прстот кон ниедна земја или народ во Европа. Се противиме на оние кои им подлегнуваат на ксенофобијата и расизмот. Ќе продолжиме да спасуваме животи… и да ја браните хуманоста на Европа“, порача грчкиот премиер./
Ципрас најави дека на самитот меѓу ЕУ и Турција во понеделник ќе бара солидарност кон бегалците, намалување на нивниот прилив од Турција, праведна распределба на товарот и борба против криумчарите со луѓе. Ќе бара, исто така, санкции против државите коишто нема да почитуваат одлуката на ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д.Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на неговата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа, по што избегал. Му е одреден притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски Телеграф.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигоријевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер, Далибор Демировиќ, веднаш беше осомничен за нејзиното убиство.
Во времето на неговото бегство, Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена е четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиткана во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица во кој животот го загубија 11 лица. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост што започнува денес, пишува Кликс.ба.
Голем број луѓе се здобиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти се уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период, јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за Ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на Лукоил во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и Лукоил, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум Медиапул, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата, почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува Ројтерс.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од околу 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
Лукоил веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со Лукоил до 21 ноември.

