Свет
Во светот има 774 млн неписмени или 16,1 отсто од населението постаро од 15 години
Меѓународниот ден на писменоста кој се одбележува на 8-ми септември е уште една можност да се предупреди на сé уште големиот проблем со неписменоста во поголем дел од светот во кој според податоците на УНЕСКО има околу 774 милиони неписмени лица, односно околу 16,1 отсто од населението повозрасно од 15 години.
Целта на УНЕСКО е со подобар пристап кон образованието од година во година да се намалува бројот возрасни лица кои не знаат да читаат и да пишуваат, како и под мотото „Мораме да го одржиме ветувањето – образование за сите“ да се овозможи посетување на училиштата сé уште за милиони деца меѓу кои повеќето се девојчиња.
Генералната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова по повод Меѓународниот ден на писменоста порача дека писменоста претставува повеќе од образовен приоритет. „Писменоста е вложување во иднината и прв чекор кон сите нови облици на писменост во 21-от век. Сакаме да доживееме век во кој секое дете ќе знае да чита и да се служи со таа вештина за да стекне целосна самостојност“, порача Бокова.
Од 774-те милиони неписмени, две третини или речиси 500 милиони се жени, а 123 милиони се млади на возраст меѓу 15 и 24 години.
Интересен е податокот дека се намалува бројот неписмени млади лица, но пропорционално не се намалува и бројот неписмени млади жени. Дури 54 милиони од вкупно 76-те милиони живеат само во девет земји во светот. Најмногу ги има во Индија, околу 28 милиони, во Пакистан 7 милиони, а помалку од 5 милиони млади неписмени жени во вкупното население има во Етиопија, Бангладеш. ДР Конго, Танзанија, Египет и Буркина Фасо. Од споменатите земји, единствено во Бангладеш има повеќе неписмени мажи отколку жени.
Во Македонија, истражувањето спроведено од страна на УНИЦЕФ покажа повисоки нивоа на неписменост во руралните населби и семејствата со понизок економски и социјален статус. Затоа во 2008 година, владата на Република Македонија го формира Центарот за образование на возрасни, кој има за цел да ја намали неписменоста кај оваа категорија на граѓани.
Според последните расположливи официјални до коишто може да се дојде, меѓутоа кои датираат уште од пописот во 2002 година, само 3,85 отсто од населението во Македонија немало никакво образование. Таа учебна 2001/2002 година 92,5 отсто од децата на возраст за основно образование биле вклучени во основното образование, меѓутоа анализата на вертикалното напредување на учениците покажува дека само 88,5 отсто од учениците кои пред осум години се запишале во основно училиште успеале да завршат осмо одделение во 2002/03 учебна година со својата генeрација – повеќето од оние 11,5 отсто кои , сосема го напуштиле образованието, покажува една студија од 2007 година под наслов „Училиште по мерка на детето – анализа на ситуацијата“, изработена за УНИЦЕФ од национален експертски тим од Македонија,.
Според споменатата студија за потребите на УНИЦЕФ констатирано е дека „проблемот на опфатот и намалувањето на бројот на учениците во основното образование е најсилно изразен во селските планински средини, како и кај ромската етничка заедница, без оглед на местото на живеење. Статистичките податоци говорат дека нема разлика меѓу момчињата и девојчињата во нивната вклученост во основното образование на национално ниво. Меѓутоа, девојчињата што живеат во рурални средини, кои можеби доаѓаат од семејства со понизок социоекономски статус и/или потекнуваат од определени етнички групи, се изложени на поголема опасност од исклучување од образовниот систем уште во текот на основното образование.
И Европската комисија изразува загриженост со ниското ниво на писменоста во земјите членки во Европската унија. Во државите членки на ЕУ неписменоста е помала од еден отсто, но според податоците на Европската комисија, загрижува податокот дека 20 отсто од населението има ниско ниво на писменост. Според ова истражување, секој петти Европеец помлад од 15 години, а слична е и ситуацијата меѓу возрасните, има тешкотии во текот на читањето и пишувањето, поради што и потешко наоѓаат работа. Оттаму, Европската комисија во 12011 година формираше експертска група којашто започна кампања за искоренување на причините за ниското ниво на писменост. ЕУ постави цел до 2020 година да се намали процентот на ученици со тешкотии во читањето, математиката и науката на помалку од 15 отсто.
Што се однесува до возрасните Европејци, речиси 80 милиони, што претставува третина од вкупно вработените, има многу ниско ниво на способноста за читање и пишување.
Идејата за одбележување на денот на писменоста се јави во септември 1965 година во Техеран, на светската конференција на темата за искоренување на неписменоста во светот, а тогаш е претставена и иницијативата за прогласување еден ден во годината за Меѓународен ден на писменоста.
Писменоста е човеково право, имплицитно содржано во правото на образование. Тоа е препознаено како право во низата меѓународни конвенции и декларации. Со општата декларација за човековите права од 1948 година признаено е правото на образование, а со тоа и правото на писменост. Двете, меѓутоа, декларации одеа и потаму, па така во Декларацијата до Персеполис од 1975 година е содржено дека писменоста е темелно човеково право, а со Декларацијата од Хамбург од 1997 година се нагласува дека писменоста, којашто во поширока смисла опфаќа знаење и вештини кои се потребни на сите во светот без измени, е основно човеково право.
Денес има четири основни сфаќања на писменоста, односно писменоста како автономен систем вештини, писменоста како применета практицирана и ситуирана, писменоста како процес на учење и писменоста како текст.
Меѓутоа, имајќи предвид дека меѓународните концепции за писменоста постојано се развиваат, посочените дефиниции не се и конечни. Во поново време институциите и научниците кои се занимаваат со ова прашање предводени од УНЕСКО, сé повеќе се наклонети на тоа дека постојат повеќе различни видови писменост. Една од таквите видови писменост е и информатичката писменост./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

