Свет
Над 60 жртви во поплавите во Колумбија и Венецуела
Поплавите кои ги погодија Колумбија и Венецуела предизвикаа свлечишта, поради кои се евакуирани илјадници луѓе, а повеќе од 60 лица ги загубија животите. Од свлечиштето кое во неделата го погоди сиромашното предградие на Меделин, во северозападниот дел на Колумбија, досега се извадени тела на најмалку 30 лица, додека уште 90 се водат за исчезнати. Најголем дел од загинатите се деца. Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос повика речиси 500 луѓе да се иселат од едно друго предградие кое би можело да биде погодено од ново свлечиште. Поради обилните врнежи од дожд и поплавите во Колумбија оваа година животот го загубија 199 лица, а своите домови ги напуштиле 1,5 милиони луѓе. Владата проценува дека се работи за една од најголемите природни катастрофи во историјата на земјата. Во Венецуела властите поради поплавите и опасноста од појава на свлечишта евакуираа најмалку 5.000 луѓе. Од моментот кога пред неколку недели започнаа врнежите од дожд во Венецуела се евакуирани над 100.000 лица. Досега во Венецуела во поплавите животите ги загубија 35 лица. крај/ап/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Америка повеќе не ја финансира Украина, туку заработува преку НАТО
Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави промена во пристапот кон финансирањето на Украина и трговските односи со Индија, како и поддршка за новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, за време на редовна средба со новинарите во Белата куќа.
Трамп истакна дека САД повеќе не издвојуваат свои средства за Украина, туку добиваат пари преку НАТО.
„Веќе не трошиме пари. Сега тие се плаќаат преку НАТО“, рече американскиот претседател, проценувајќи дека САД досега претрпеле штета од 350 милијарди долари поради украинскиот конфликт.
Тој нагласи дека конфликтот во Украина повеќе не претставува ризик за избувнување на третата светска војна.
„Да бев претседател, оваа војна никогаш немаше да се случи. А да не бев претседател сега, може да доведе до Трета светска војна. Тоа нема да се случи“, рече Трамп и потсети дека „осум војни завршија, а деветтата е на пат“.
Затоплување на односите со Индија
Трамп ја објави можноста за намалување на царините за индиска стока, откако Њу Делхи го намали увозот на руска нафта.
„Во моментов, царините за Индија се многу високи поради руската нафта. Во одреден момент, планираме да ги намалиме“, рече Трамп, нагласувајќи дека односите со премиерот Нарендра Моди се „одлични“.
„Тој е мој пријател. Тој сака да одам таму“, додаде американскиот претседател, не исклучувајќи ја посетата на Индија во текот на следната година.
Сирија – новиот сојузник на Вашингтон
Американскиот лидер го угости привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, во Белата куќа, кого го нарече „силен лидер и жилав човек“.
„Тој е многу силен лидер. Ми се допаѓа, се согласувам со него“, рече Трамп по средбата, додавајќи дека САД ќе ја поддржат реконструкцијата на Сирија и стабилноста на Блискиот Исток.
Во изјава за „Фокс њуз“, Ел Шара нагласи дека Сирија сака да стане сојузник на САД и очекува американски инвестиции, особено во секторот за производство на гас.
Тој истакна дека врските на сириските власти со терористичките групи се „минато“, како и дека е формирана комисија која ќе го повика на одговорност поранешниот претседател Башар ал-Асад, кој е во Русија по државниот удар во Сирија.
„Правдата мора да победи. Формиравме комисија за правда за да ги повикаме сите вклучени, вклучително и Башар ал-Асад, на одговорност за она што се случи“, рече ал-Шара.
Фото: принтскрин
Свет
Папата Лав ќе биде домаќин на познати актери и режисери од Холивуд
Папата Лав XIV го носи Холивуд во Ватикан. Првиот папа од Соединетите Американски Држави, кој беше избран во мај за наследник на папата Франциск, ќе биде домаќин на голем број познати актери и режисери на 15 ноември. На списокот на гости се наоѓаат добитничката на Оскар Кејт Бланшет, ѕвездата од „Северанс“ Адам Скот, легендарниот режисер Спајк Ли, како и Крис Пајн и режисерот на „Лудиот Макс“ Џорџ Милер, објави USA TODAY.
Меѓу гостите кои се очекува да се сретнат со Папата се и Алисон Бри и Дејв Франко, ѕвездата од „Господарот на прстените“ Виго Мортенсен и режисерите Гас Ван Сант и Тони Кеј. Ватикан на 10 ноември соопшти дека Папата „изразил желба да го продлабочи дијалогот со светот на киното, истражувајќи ги можностите што ги нуди уметничката креативност за мисијата на Црквата и промоцијата на човечките вредности“.
Настанот е организиран од Канцеларијата за култура на Ватикан како дел од тековната Света година на Католичката црква. Ретко е папа да биде домаќин на холивудски ѕвезди. Неговиот претходник, папата Франциск, беше домаќин на комичари, меѓу кои Конан О’Брајан, Стивен Колберт, Џими Фалон, Вупи Голдберг и Крис Рок во јуни 2024 година.
Во јуни оваа година, Ал Пачино стана првата холивудска ѕвезда што имаше приватна аудиенција со папата Лав. Како дел од најавата за новиот настан, Ватикан сподели список на омилените филмови на папата роден во Чикаго: „It’s a Wonderful Life“ (1946), „My Songs, My Dreams“ (1965), „Ordinary People“ (1980) и „Life is Beautiful“ (1997).
Веста доаѓа само неколку дена откако папата Лав се сретна со Роберт Де Ниро и неговите деца, Џулијан и Дрена Де Ниро, во Ватикан на 7 ноември. „Тој е добар човек. Бев многу, многу среќен што го запознав“, изјави актерот за CNN по средбата.
„Мојот внук, кој почина од предозирање пред нешто повеќе од две години, се викаше Лео. Ќерка ми му даде негова слика и тоа беше прекрасен, многу посебен момент“, додаде Де Ниро.
Фото: ЕПА
Свет
Професор од Киев: Нема знаци за мир во Украина
Професор од Институтот за меѓународни односи во Киев, Максим Камењецки, разговараше со Н1 за ситуацијата во Украина.
Максим Камењецки наведува дека настаните на фронтот се загрижувачки: „Со релативно нова тактика кога Русите се обидуваат да го направат она што го прават во Херсон, тие уништуваат град со цивили. Тие се обидуваат да ја пренесат оваа практика во други големи градови што не можат да ги освојат, во близина на фронтот каде што противракетните системи не се ефикасни – зборувам за Харков, Днепар, Запорожје, Одеса. Русите насочуваат балистички крстосувачки ракети кон градовите и таму е исклучително тешко. Изгледа доста драматично.“
„Володимир Зеленски рече дека ова е најтешката зима за Украина. Русите ќе го таргетираат енергетскиот сектор. Кога Русите ќе го погодат преносниот капацитет, дури и нуклеарните централи во западна Украина мора да бидат затворени бидејќи електричната енергија треба да се троши или да престане да се произведува. Русите чекаат температурите да паднат, тие се енормно високи за ова време од годината. Греењето е вклучено. Штом температурите паднат, Русите ќе се префрлат на централите што произведуваат топла вода за централно греење со цел да создадат невозможни услови за живот, тоа е нивната цел“, вели професорот.
На прашањето, дали има знаци за мир во Украина, тој одговори негативно.
„Досега нема. Нема такви знаци“, одговара професорот.

