Свет
Повредени повеќе луѓе во касарна во Германија
Припадник на германските оружени сили (Бундесвер) во понеделник со возило се залета во поголема колона војници, при што се повредени најмалку шест лица
Припадник на германските оружени сили (Бундесвер) во понеделник со возило се залета во поголема колона војници, при што се повредени најмалку шест лица.
Полицијата засега не соопштила детали за тешкиот инцидент, што се случи во кругот на касарната на германската војска во Бад Залцунген, додавајќи дека за известување на јавноста е надлежен Бундесверот.
Локалните гласила во првите извештаи јавија дека се повредени петнаесетина лица, а во спасувачката акција учествуваат три хеликоптери и 10 возила.
Бундесверот, според истите извори, засега поаѓа од претпоставката дека се работи за несреќен случај, а не за планиран напад. /крај/бт/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас и Израел постигнаа договор за прекин на огнот, oбјави „Скај њуз“
Претставник на Хамас и уште еден висок функционер изјавиле за „Скај њуз“ дека е постигнат договор за прекин на огнот со Израел.
Катар посредуваше во преговорите, а катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани се сретна со преговарачите на Хамас во неговата канцеларија за конечен договор.
Официјален претставник запознаен со преговорите изјави за „Ројтерс“ дека договорот вклучува првичен шестнеделен прекин на огнот, постепено повлекување на израелските сили, ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас и ослободување на палестинските затвореници кои ги држеше Израел.
Имплементацијата на договорот за прекин на огнот може да потрае и до 48 часа, изјави воениот аналитичар Мајкл Кларк за „Скај њуз“.
Свет
Американскиот претседател во заминување: Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години
Американскиот претседател Џо Бајден им се заблагодари на Американците за нивната „љубов и поддршка“ за време на неговиот мандат, во емотивна изјава пред неговото официјално проштално обраќање.
„Ги дадов срцето и душата на нашата нација“, рече Бајден во писмото објавено од Белата куќа.
„Бев благословен милиони пати за љубовта и поддршката на американскиот народ“.
Бајден (82) во понеделник „ќе му ја предаде штафетата“ на Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во ноември минатата година.
Бајден не само што ќе ја напушти Белата куќа по четири години на чело на најмоќната демократија во светот, туку и ќе ја заврши својата политичка кариера.
„Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години“, напиша Бајден.
„Никаде на друго место на Земјата не би можело дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден да седне на маса во Овалната соба како претседател на Соединетите држави“, рече тој.
Белата куќа, исто така, објави долга листа на достигнувања на Бајден како претседател, вклучително и историското закрепнување од пандемијата на коронавирус и економски раст и намалување на трошоците.
Но, многу Американци ќе го паметат и по неговото инсистирање да се кандидира за втор мандат, иако долго се поставуваше прашањето дали е способен да го стори тоа поради годините.
По катастрофалниот настап во телевизиска дебата, Бајден на крајот се повлече од трката само неколку месеци пред изборите, а демократите ја номинираа потпретседателката Камала Харис за свој претседателски кандидат.
„Историјата е во вашите раце. Моќта е во вашите раце. Идејата за Америка е во вашите раце. Треба само да ја задржиме вербата и да се потсетиме кои сме“, заклучува Бајден во писмото.
Свет
Британка загина на скијање на Алпите, удри во друг скијач
Британка (62) загина на скијање на француските Алпи. Англичанката скијала на една од најпредизвикувачките падини на француската планина кога се судрила со друг скијач, објавија локалните медиуми.
Несреќата се случила вчера околу 10 часот и 30 минути, кога удрила во 35-годишен маж кој во тој момент стоел на истата патека, јавува „Скај њуз“.
Службите за брза помош и спасувачките екипи брзо пристигнале на местото на несреќата, но не успеале да ја оживеат жената која починала од трауматски шок. Човекот со кој таа се судрила, исто така, бил британски државјанин.