Македонија
Началникот на ГШ на Албанската војска во посета на Македонија

Началникот на ГШ на Вооружените Сили (ВС) на Република Албанија, генерал-мајор Џемал Ѓункши од четврток престојува во дводневна официјална посета на АРМ, а домаќин му е началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Ѓункши оствари средба и со министерот за одбрана, Талат Џафери.
На разговорите во ГШ на АРМ, гостите беа запознаени со реформските процеси во одбраната, трансформацијата на АРМ, со новата организациско-формациска структура и учеството на АРМ во меѓународните мировни мисии.
На средбата, беше истакната одличната билатерална воена соработка, како и придонесот кој двете армии го даваат во интегративните процеси во регионот преку Јадранската група (А5) и долгогодишното учество во Бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG).
Покрај продолжување со активното учество во заедничките проекти, на средбата од страна на двајцата армиски лидери беше искажана подготвеност за проширување на билатералната соработка помеѓу двете армии во делот на военото образование, користењето на капацитетите на регионалните центри за обука, како и можноста за идно заедничко ангажирање во мисијата ИСАФ по 2014 година.
По средбата во ГШ на АРМ, генералот Ѓункши го посети Воено-медицинскиот центар на АРМ, каде беше запознаен со мисијата, задачите и капацитетите на центарот и неговите можности за изведување на воено-медицинска обука. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)