Регион
Грабар-Китаровиќ: Хрватска ќе мора да постави ограда за да се заштити

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека Хрватска ќе мора да постави ограда на својата граница, за да се заштити од огромниот прилив бегалци.
„Не сакам Хрватска да се најде во позиција кoга ќе влезат голем број на луѓе (бегалци и имигранти), а да ги затвори границите кон соседните земји. Мислам дека во иднина ќе биде потребна некаква ограда или, пак, физичка бариера. Но немојте тоа да го нарекувате жица. Немојте тоа да го споредувате со Сребреница или, пак, со концентрационите логори“, вели Грабар-Китаровиќ во интервју за Jutarnji list.
На прашањето дали Хрватска сака да постави ограда на својата граница, таа одговара дека „би сакала тоа да се избегне“, но дека не гледа како во иднина земјата би можела поинаку да се заштити. Грабар-Китаровиќ додава дека е противник на затворањето на официјалните гранични премини и дека Хрватска не може „да се грижи за поголем број луѓе“.
„Од самиот почеток говорев дека потребна е апсолутна контрола и контрола на границите, нешто за што Вооружените сили и полицијата имаат можност и опрема“, повтори Грабар-Китаровиќ, која поради оваа изјава претходно се најде на удар на владата на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
Владата на Милановиќ се противи на поставувањето на огради и ангажирањето на војска на границата со Србија поради влегувањето голем број бегалци. На забелешката дека Унгарија на својата граница поставила бодликава жица, хрватската претседателка одговори дека „треба да се биде коректен кон соседите“ и дека не треба со нив „беспотребно да се создаваат судири“.
Грабар-Китаровиќ, исто така, остро ја критикува изјавата на Милановиќ на сметка на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради политиката кон бегалците и поставувањето на ограда на границите со Србија и Хрватска, додавајќи дека „се работи за една вербална војна која би можела да им наштети на меѓудржавните односи“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.