Надворешна политика
Јолевски во Варшава лобира за покана за Македонија во НАТО
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/zoran20jolevski.jpg)
Министерот за одбрана Зоран Јолевски во четврток и петок во Варшава, местото каде во јули идната година ќе се одржи Самитот на НАТО, учествува на Безбедносниот форум и оствари средби со повеќе лидери.
Покрај настапот на Форумот, Јолевски имаше работен ручек со Роберт Копјецки, потсекретарот во полското Министерство за одбрана, задолжен за организација на следниот Самит на НАТО, американскиот амбасадор во Варшава, Пол Џонс и потпретседателот на Атлантскиот совет и поранешен советник во Белата куќа, Дејмон Вилсон. Во петок министерот Јолевски ќе има работна средба и со полскиот министер за одбрана, Томаш Шимоњак.
„Повеќе од две декади Република Македонија функционира како демократска земја во која се почитуваат меѓународните вредности и принципите на еднаквост. Демократијата е базата врз која градиме просперитетна држава чии стратегиски цели се полноправното членство во НАТО-Алијансата и Европската унија. Нашата посветеност кон мирот, демократијата и безбедноста е видлива и преку учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите Нации“, рече Јолевски, во своето обраќање како еден од клучните говорници на „Безбедносниот форум во Варшава“, кој деновиве се одржува во полската престолнина.
Говорејќи за иднината на регионот, Јолевски потенцираше дека НАТО е еден од клучните фактори за безбедност, додека Европската унија е силата за демократски, општествен и економски развој на Европскиот континент. Во тој контекст, министерот посочи дека од круцијално значење е Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина да направат чекор напред во нивните евро-атлантски интегративни процеси. „Приемот на Македонија позитивно ќе се одрази врз НАТО, но и врз безбедноста и стабилноста на регионот на Југоисточна Европа“, заклучи министерот.
За време на панелот посветен на новиот безбедносен бран и геополитичките промени во Европа, соговорниците, меѓу кои и заменик премиерот и министер за надворешни работи на Црна Гора, Игор Лукшиќ, Директорот за безбедносна политика во шведското Министерство за надворешни работи, Ефраим Гомез и други, разговараа за новите европски предизвици, главно заканите од тероризмот и мигрантската криза.
Во таа насока Јолевски потенцираше дека Република Македонија ги прави сите напори за хуман третман и непречен транзит на мигрантите низ територијата на Македонија кон нивните крајни дестинации. „Клучно за успех во оваа криза е колективниот одговор и сеопфатниот пристап од страна на сите земји, во и вон Европската Унија“, рече министерот Јолевски на панелот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/02/mucunski-viena.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mucunski-varheji.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Ukraina-1.jpg)
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.