Наука
Кина со гигантски телескоп ќе трага по вонземски живот

Кина во неделата го вгради последниот дел во својот научен проект кој ќе биде најголемиот радио телескоп на светот за истражување на Вселената и потрага по вонземските облици на живот.
Кинескиот научниците започнаа со изградбата на сферниот телескоп со дијаметар од 500 метри (FAST) пред пет години. Тој е со големина од 30 фудбалски игралишта и издлабен од планина во сиромашната југозападна покраина Гуижу.
Имајќи предвид дека ќе биде најголемиот телескоп, тој ќе биде и најефикасниот во фаќањето на слабите сигнали од Вселената коишто е можно да бидат поврзани со интелигентна форма на живот. Трипати е почувствителен од досега најголемиот Аресибо опсерваторијата во Порторико.
„FAST ќе биде користен за трагање по невообичаени објекти за подобро да го сфатиме потеклото на космосот, а ќе трагаме и по сигналите на вонземјаните“, вели Женг Ксианиан, од Кинеската академија на науките.
Водечкиот научник на проектот Нан Редонг изјави претходно дека „радио телескопот е како чувствително уво коешто се обидува да ги разликува битните радио пораки од буката во Вселената. Тоа е како да се обидете да слушнете штурец во бура“.
Радио телескопот, чие градење чинеше 180 милиони долари, ќе биде во наредните две децении водечки космички уред за оваа намена, тврди Женг.
Телескопот содржи 4.600 триангуларни панели, а е дизајниран како и споменатиот Аресибо, и со тоа што исто така ќе ја користи природната вдлабнатина која ќе ја подржува сателитската антена (чинијата). Активната површина ќе може да се прилагодува во различни насоки, со ефективната чинија со големина од 300 метри, којашто ќе биде во состојба да го покрива ноќното небо во рамките на 40 степени од зенитот. Работната фреквенција ќе биде од 03 до 3.0 GHz.
Изградбата на овој телескоп претставува голем исчекор за кинеската вселенска програма.
Ву Ксианпинг, директор на Кинеското здружение на астрономи, вели дека „поседувањето на почувствителен телескоп овозможува фаќање послаби или пооддалечени радио пораки кои ќе помогнат во потрагата по интелигентен живот надвор од нашата галаксија, но и во истражувањето на почетоците на Вселената“./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Наука
230 милиони луѓе живеат во опасност од топењето на ледените покривки

Ново истражување покажува дека светските ледени покривки на Гренланд и Антарктикот се топат и се поместуваат. Ова може да предизвика пораст на нивото на морето и големи миграции од крајбрежните области.
Научниците сакале да дознаат која е „безбедната граница“ на глобалното затоплување за опстанокот на ледените покривки. Тие ги користеле податоците од сателити, климатски модели и други извори, дури и ДНК од октоподи.
Резултатите се загрижувачки. Дури и ако светот успее да го ограничи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, ледениот покрив може да продолжи да се топи брзо. Тоа ќе доведе до зголемување на нивото на морето, што ќе има сериозни последици.
Ледените покривки на Гренланд и Антарктикот имаат доволно мраз што може да го подигне нивото на морето за околу 65 метри. Топењето на мразот е главната причина за порастот на морската вода. За последните 30 години, порастот на морето се забрзал двојно.
Околу 230 милиони луѓе живеат на помалку од еден метар надморска височина. Зголемувањето на морето ќе ги натера многу да се иселат од крајбрежните области.
Научниците велат дека е тешко точно да се предвиди кога ќе дојде до голем колапс на ледените покривки. Но, знаат дека опасноста постои и дека „безбедните“ температурни прагови сè повеќе се намалуваат.
Првично се мислеше дека покривките ќе се дестабилизираат при зголемување од околу 3 степени, но сега истражувачите сметаат дека не е доволно е ни 1,5 степен.
За да се спречи брз колапс, светот треба да го ограничи затоплувањето на најмногу еден степен над прединдустриското ниво. За тоа е потребно драстично намалување на согорувањето на фосилни горива. Сепак, тоа изгледа тешко, бидејќи многу земји, вклучително и САД, сè уште користат нафта, јаглен и гас.
Наука
Научниците открија на која возраст лошите навики почнуваат сериозно да му штетат на здравјето

Лошите навики како што се пушењето, консумирањето алкохол и физичката неактивност почнуваат сериозно да го оштетуваат здравјето од 36-годишна возраст, според новата студија на фински истражувачи од Универзитетот Лауреа.
Во студија која ги следела учесниците родени во 1959 година до нивната 61 година, било утврдено дека оние кои пушеле, пиеле и воделе пасивен начин на живот подолго време почесто завршувале со сериозни физички и ментални заболувања, пишува Net.hr.
„Колку порано престанеме со ризичните навики, толку се поголеми шансите за здрава и исполнета старост“, вели д-р Тија Кекелаинен. Иако, како што наведува тој, никогаш не е предоцна да се премине на поздрави навики – придобивките се забележуваат и кога промените се случуваат во средната возраст.
Студијата, исто така, откри дека:
– Физичката неактивност има најголемо влијание врз лошото физичко здравје,
– Пушењето генерално е поврзано со влошување на менталното здравје,
– Алкохолот има негативен ефект и врз физичката и врз менталната состојба.
Научниците забележуваат дека лошите навики и лошото здравје честопати се поврзани во двата правци – депресијата и болестите можат да доведат до пушење и алкохол, а истите навики можат да ги продлабочат здравствените проблеми.
Иако истражувањето се однесувало на генерацијата родена кон крајот на педесеттите години, резултатите даваат важни предупредувања за денешните помлади генерации, чии ризични навики вклучуваат феномени како што е вејпирањето.
Наука
Седум милиони луѓе во светот годишно умираат како последица на загадениот воздух – што не смее да правите?

Дури седум милиони луѓе во светот, односно двојно повеќе од алкохолизам и пет пати повеќе од сообраќајни несреќи, годишно умираат како последица на загадениот воздух, покажуваат проценките на Светската здравствена организација (СЗО).
Загадениот воздух буквално го напаѓа целото човечко тело
Лекарите укажуваат дека загадениот воздух ги загрозува речиси сите витални системи на човечкото тело и буквално го „напаѓа“ секој орган. Околу една петтина од смртните случаи од мозочен удар, срцев удар и коронарна артериска болест се предизвикани од загаден воздух, а исто така предизвикува аритмија, конгестивна срцева слабост и покачен крвен притисок.
Во извештаите на СЗО се наведува и дека е поврзан со рак на белите дробови, мочниот меур, дебелото црево, бубрезите и желудникот, како и со леукемија кај децата. Тоа му штети на когнитивниот развој на децата, а кај постарите луѓе го зголемува ризикот од деменција или смрт од Паркинсонова болест.
Зошто се толку штетни ПМ честичките?
ПМ честичките се мешавина од прашина, чад и саѓи, создадени од комбинираното влијание на греењето, индустријата и сообраќајот и содржат тешки метали како никел и арсен.
Што не смеете да правите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. Не отворајте ги прозорците од домот кога квалитетот на воздухот е оценет како „загаден“ или „многу загаден“, што е во утринските, доцните попладневни и раните вечерни часови.
2. Во оние периоди од денот и воопшто во периоди кога воздухот е претерано загаден, не носете надвор доенчиња, мали деца и деца кои веќе имаат респираторна инфекција.
3. Излегувањето надвор со висока загаденост на воздухот треба да избегнуваат и бремени жени, пациенти со хронична астма и хронична опструктивна белодробна болест.
4. Не вежбајте на отворено и воопшто избегнувајте ги сите спортски или рекреативни активности, од пешачење до трчање, бидејќи за време на вежбањето бројот на вдишувања се зголемува меѓу 40 и 60 во минута, па затоа поголеми количини загаден воздух влегуваат во респираторниот тракт.
5. Не применувајте физичка активност во области со многу сообраќај и во области од секторот за топлинска енергија.
Што да направите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. За почеток, пред да излезете надвор или да планирате да излезете надвор, дознајте го моменталниот квалитет на воздухот. За овие цели, на вашиот телефон можете да инсталирате голем број апликации кои го мерат загадувањето на воздухот во реално време.
2. Проветрувајте ги просториите на домот неколку пати во текот на денот и за тоа изберете ги периодите кога се очекува концентрацијата на загадувачи во воздухот да биде најмала, што е приближно помеѓу 11 и 15 часот.
3. Користете домашни прочистувачи на воздух.
4. Користете климатизери кои имаат соодветни филтри или се дизајнирани да не го вовлекуваат надворешниот воздух во дневната соба.
5. Користете природни средства за прочистување на воздухот во домаќинството, како што се растенијата.
6. Доколку навистина останувате надвор во периодот на зголемено загаденост на воздухот, правете почести паузи во движењето и дишете плитко.
7. Избегнувајте прометни улици и патишта каде што концентрацијата на загадувачи во воздухот е поголема поради издувните гасови од возилата.
8. Користете специјални маски за филтрирање за ПМ честичките, бидејќи обичните хируршки маски не помагаат.
9. Што се однесува до исхраната, лекарската препорака е во областите со прекумерно загадено воздух да се јаде храна богата со витамини Б, витамини Ц и Е и омега-3 масни киселини, што е поврзано со антиоксидантните и антиинфламаторните својства на овие состојки.