Регион
Почина турскиот обвинител ранет во заложничката драма

Турскиот државен обвинител Мехмет Селим Кираз, кој беше тешко ранет во полициската акција со којашто во вторникот навечер беше завршена повеќечасовната заложничка драма во Палатата на правдата во Истанбул, им подлегна на повредите.
„Државниот обвинител Мехмет Сеим Кираз беше тешко ранет кога беше довезен во болницата и го изгубивме и покрај напорите“, соопшти лекарскиот конзилиум во изјавата за телевизиите.
Заложништвото на државниот обвинител заврши во вторникот вечерта, откако турските специјалци упаднаа на шестиот кат од Палатата на правдата откако од таму слушнале истрели. Притоа беа убиени двајцата активисти на забранетата турска екстремна левичарска група Револуционерен фронт за народно ослободува (DHKP-C), а притоа обвинителот Кираз беше тешко ранет, изјави шефот на безбедносните служби во Истанбул, Селами Алтинок.
„Сторивме сé што беше можно за да овозможиме предавање на напаѓачите“, нагласи Алтинок и потврди дека полицијата тргнала во акцијата откако од зградата се слушнале истрели.
„Преговорите со терористите траеја шест часа. Нашите сили го започнаа нападот во моментот кога се слушнаа истрели од кабинетот во кој го држеа нашиот обвинител… Двајцата терористи се убиени“, изјави Алтинок за турските медиуми.
Напаѓачите во раните претпладневни часови влегоа во зградата на судот во неговиот кабинет на шестиот кат го земаа како заложник обвинителот Мехемет Селим Кираз, Движењето на социјалните мрежи постави фотографија од маскираните напаѓачи со вперен пиштол во главата на обвинителот, заканувајќи се дека ќе го убијат доколку не бидат исполнети нивните услови.
Обвинителот ја водеше истрагата за смртта на 15-годишниот Беркин Елван, кој почина по 269 денови кома во којашто падна откако го погоди патрон за солзавец во текот на антивладините протести летото 2013 година во истанбулскиот парк Гези, а почина на 11-ти марти 2014 година. Момчето не учествувало во протестите, туку отишло да купи леб.
Киднаперите на власта и дадоа рок до 15.36 часот да ги исполни нивните барања, а тоа беа полициски службеници во живо на телевизија да го признаат убиството на Беркин Елван, да им се суди на виновниците на „народен суд“, а да се донесе ослободителна пресуда за сите уапсени на маршот за солидарност за Елван.
DHKP-C на својата интернет страница, исто така, објави дека сака полицаецот кого го сметаат за одговорен за убиството да го признае злосторството пред телевизиски камери, на сите вмешани полицајци да им биде судено на „народните судови“ и да се отфрлат обвиненијата против оние кои учествуваа на протестите по повод смртта на Елван./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека суштината на обоената револуција е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тоа тој да биде неспособен претседател, кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да може да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека, од друга страна, напредува побргу од другите, што никому не му одговара.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател, кој би клекнал на колена пред сите оние што не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се водачи на блокади, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот, како и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви што ја сакаат Србија, но не може да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин