Европа
Дијслеблом: Грција со ‘не’ го рескира местото во еврозоната
За Грција најверојатно „нема да има место во еврозоната“ доколку мнозинството на неделниот референдум за условите за продолжување на меѓународната финансиска помош се одлучи за „не“, предупреди претседателот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии, Јероен Дијселблом.
Пред членовите на комисијата на холандскиот парламент, Јероен Дијселблом, во четвртокот навечер изјави дека грчките гласачи не би требало да очекуваат подобри услови од кредиторите, доколку на референдумот на 5-ти јули се одлучат за „не“, пренесува Reuters.
Иако понудата за којашто ќе гласаат Грците веќе истече, референдумот ќе покаже дали се подготвени да поднесат тешки жртви за останување во еврозоната, додаде челникот на министрите за финансии на 19-члената еврозона.
„Од една илузија мора да се ослободат, а тоа е дека, доколку резултатот биде негативен, за сé може повторно да се преговара и дека ќе добијат полесен и поатрактивен пакет“, истакна Дијселблом.
Во меѓувреме Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави извештај според кој на Грција ѝ се потребни дополнителни 50 милијарди евра во следните три години за да ги стабилизира јавните финансии според актуелниот, спорен план на доверителите.
Како што пренесе BBC, ММФ во извештајот ја намалил прогнозата за економскиот раст за Грција во 2015 година од 2,5 на 0 отсто, со оцена дека промените во грчката политика и финансиските показатели од почетокот на 2015-та „резултирале со значително поголеми потреби од финансирање“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Босфор затворен, се насука украински брод
Теснецот Босфор, кој го поврзува Црното Море со Средоземното Море, е затворен за бродови откако денеска таму се насука товарен брод од Украина, соопштија турските власти за дпа.
Бродот Алексис превезува прехранбени производи од Украина до Египет. Дефект на моторот се случил во близина на излезот од пловниот пат, изјави портпаролот на Управата за безбедност на крајбрежјето за дпа.
Спасувачките напори се веќе во тек, додаде изворот. Босфорот служи како излез за украинското жито на светските пазари во екот на руската инвазија. Речиси 40.000 бродови поминале низ Босфорот во 2023 година, според турското Министерство за транспорт.
Европа
Руски хеликоптери уништија дронови на украинската морнарица, следуваше одговор, пишува „Форбс“
Украински експлозивни автономни пловни објекти или поморски беспилотни летала напаѓаат и потонуваат руски воени бродови во Црното Море од минатата есен, а сега руската Црноморска флота одлучи да возврати, и тоа од воздух, пишува „Форбс“.
Руски бомбардери, летечки бродови и хеликоптери патролираа на рутите до пристаништата, каде што е закотвена Црноморската флота, барајќи знаци за приближување на автономните бродови, кои ги гаѓаа со ракети и куршуми. Меѓутоа, во војната – како и во физиката – секоја акција има своја реакција. И, така, сега украинските автономни бродови добија проектили „земја-воздух“, кои можеби веќе ги лансираат руските авиони.
Снимките од Црното Море направени во неделата или понеделникот покажуваат како хеликоптер „камов Ка-29“ кружи околу украинскиот брод и пука во него. Можно е овој напад да е поврзан со украинскиот напад на Црноморската флота на Крим овој викенд. Пловилата наводно потопиле руски патролен брод.
Ова не е првпат руско летало да уништи украински автономен брод (УСВ). Но, тој конкретен УСВ се издвојуваше затоа што беше опремен со ракетни фрлачи и инфрацрвена ракета „Р-73“. Се чини дека некои украински бродови сега имаат свои противвоздушни ракети.
Рускиот канал Fighterbomber на „Телеграм“ беше изненаден од ова: „Украинците некако успеаја да ја поврзат ракетата со системите за далечинско управување на УСВ“.
Проектилот „Р-73“ е чувствителен на извори на топлина како што се моторите на леталата. Не бара телеметрија за водење. Сепак, каналот Fighterbomber не греши кога се прашува како војниците што управуваат со УСВ може од далечина да ги нишанат и лансираат тие проектили.
Fighterbomber шпекулира дека украинските автономни пловила сè уште не ги лансирале своите проектили, но вреди да се напомене дека УСВ, што екипажот Камов го уништи во неделата или понеделникот, имал два ракетни фрлача, но само еден проектил.
Со опремувањето на УСВ со ракети „Р-73“ украинските сили додадоа уште една улога на нивните сè повеќе разновидни автономни пловила. Повеќето од нив се еднонасочни: тие се натоварени со експлозиви и удираат во руски воени бродови. Постои и верзија на поморскиот дрон Sea Baby, кој може да лансира ненаведувани проектили за напади со долг дострел, а можно е и најголемите УСВ во Украина да имаат и радиопопречувачи.
Постои шанса дека овие нови УСВ сепак веќе ги лансирале своите проектили. Најмалку еден, а можеби и два руски хеликоптера наидоа на неволја над Црното Море на 9 и 10 април. Портпаролот на украинската морнарица, Дмитро Плетенчук, тврди дека рускиот „камов ка-27“ бил соборен на 9 април, а повеќе извори потврдуваат дека еден ден подоцна бил соборен уште еден хеликоптер „мил ми-24“.
Падот на „камов“ не е потврден, но интересно е тврдењето на Плетенчук дека руското летало „барало нешто“ и „го нашло“. Ако Русите навистина го загубија „ка-27“ на 9 април и ако тој хеликоптер навистина бараше УСВ, дали е можно дека пронашол УСВ вооружен со ракети „земја-воздух“?
Европа
Бебе почина по операција на крајниците: имало интервенција пред само една недела, се истражува причината за смртта
Седуммесечно бебе од Милано било пронајдено починато во креветчето само една недела по тонзилектомија.
Италијанската полиција веднаш почна да утврдува дали операцијата на крајниците, на која бебето било подложено непосредно пред смртта, има врска со смртоносниот исход.
Родителите на 6 мај го пронашле бебето во своето креветче и веднаш повикале помош, но веќе било доцна.
Медицинскиот персоналнал направил сѐ за да го реанимира бебето, дури го пренеле и во најблиската болница „Форнароли“ во Магента, но не можеле ништо да направат за да го спасат детето.
Момчето починало во истата болница во која било оперирано пред една недела, а обдукцијата ќе ја покаже вистинската причина за неговата смрт, пренесуваат локалните медиуми.