Европа
Третиот учесник во нападот на аеродромот во Брисел, најверојатно е приведен

Сојузното обвинителство на Белгија го потврди во саботата во соопштение апсењето на третиот осомничен за терористичкиот напад во Брисел, кого медиумите го идентификуваат како новинар и осомничен дека бил лидер на групата која ги изврши вторничните напади во кои беше убиен 31 човек, како и дека врбувал терористи.
„Обвинителството подигна обвинение против Фејсал Ш. за учеството во терористичка група и убиство со цел тероризам“, се наведува во соопштението на белгиското сојузно обвинителство.Претходно телевизијата RTBF објави дека станува збор Фејсал Шефу кој бил приведен во четвртокот и бил идентификуван како третиот напаѓач кој учествувал во терористичкиот напад на терминалот за полетување на меѓународниот бриселски аеродром Завентем. Според обвинителството во неговиот стан не е пронајдено никакво оружје ниту експлозиви, но тој е лицето кое на снимките од надзорните камери се гледа на аеродромот во светла јакна и темна шапка.Според дневниот весник Le Soir, Шефу ги идентификувал таксистот кој ги возел напаѓачите на аеродромот и кој претходно изјави дека биле многу нервозни, поради тоа што не можеле целиот багаж да го однесат со една кола, кому му биле покажани низа фотографии. Се претпоставува дека уапсениот бил водач на терористичката група и регрутирал можни терористи. Според белгиските медиуми, Фејасал Шефу е слободен новинар.Полицијата ги очекува резултатите од ДНК анализата за да потврди дали станува збор за истото лице од снимките на надзорните камери кое било со двајцата бомбаши самоубијци кои се разнесоа на аеродромот. Вториот осомничен, идентификуван како Рабах Н., уапсен во рамките на одвоена истрага за план за неуспешен напад оваа седмица во Франција, исто така е обвинет за учество терористичка група, се прецизира во соопштението на обвинителството. Третиот маж уапсен во четвртокот во Брисел, Абубакар А., исто така е обвинет за учество во терористичка група, но без директна поврзаност со атентатите и тој ќе биде задржан во притвор уште 24 часа. Тафик А., кој бил приведен во петокот на испитување, во саботата е ослободен, соопшти обвинителството. Во петокот портпаролот на сојузното обвинителство на Белгија, Ерик Ван Дер Сипт, во изјава за медиумите истакна дека тројца осомничени биле притворени додека се вршела проверка на сомнително возило „буквално пред вратата на сојузното обвинителство“, во самиот центар на Брисел, во близина на Палатата на правдата. Од терористичките напади врз аеродромот Завенетем и станицата на подземната железница Малбек на 22-ри март, во кои се убиени според досегашните известувања 31 човек а 316 се ранети, уапсени се вкупно девет лица во Белгија и две во Германија.Претходно полицијата врз основа на ДНК анализа го утврди идентитетот на двајцата бомбаши самоубијци на аеродромот во Брисел. Тие се иднетификувани како Ибрахим Бакрави и Наждим Лахрави, барани и претходно во врска со париските атентати од ланскиот 13-ти ноември. Сепак, лицето во светла јакна кое ги придружувало, засега не е познато./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Сојузникот на Фицо ја спореди Украина со Хамас: „Ова е ист вид провоциран конфликт“

Тибор Гаспар, заменик-претседател на словачкиот парламент и пратеник од владејачката партија Смер, ја спореди Украина со милитантната група Хамас.
„Роберт Фицо постојано зборуваше за тоа како ги перцепира дејствијата на Русија. Тој верува дека почетокот на војната е кршење на меѓународното право, но… ова е провоцирана агресија“, рече Гаспар.
Пратеникот отиде подалеку, изедначувајќи ја Украина со Хамас и неговиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. „Ова е ист вид провоциран конфликт како кога терористите од Палестина го нападнаа Израел. Војната се разви на потполно ист начин“, тврдеше тој.
„Киев Индепендент“ пишува дека оваа споредба „ја искривува реалноста со тоа што ја изедначува Украина, суверена држава која се брани од руска инвазија, со Хамас, милитантна група прогласена за терористичка од неколку земји, која масакрирала цивили и земала заложници“.
Откако се врати на власт во 2023 година, Фицо и неговата партија Смер ја прекинаа воената помош за Украина и ги оспорија европските санкции кон Русија. Дополнително, Фицо објави дека ќе го блокира пристапот на Украина во НАТО.
За време на состанокот со Фицо во Пекинг минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го пофали ставот на Братислава како „независна надворешна политика“ која дава „позитивни резултати“. Словачка, заедно со Унгарија под премиерот Виктор Орбан, се соочува со растечки критики од европските сојузници за продлабочување на врските со Москва.
фото: принтскрин
Европа
Сè е подготвено за воената вежба „Запад 2025“; Европа ја очекуваат неколку нервозни денови

Соседите на Русија се подготвуваат за неколку нервозни денови, бидејќи Русија и Белорусија ја одржуваат воената вежба „Запад 2025“, прва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Вежбите, што ќе се одржат од 12 до 16 септември, ќе вклучуваат неколку маневри во близина на Полска и Литванија, бидејќи Кремљ вежба за можен судир со силите на НАТО.
„Мораме сериозно да ги сфатиме вежбите во близина на границите на НАТО и ЕУ. И соседните земји и самото НАТО се однесуваат кон нив со најголема сериозност. Литванија и нашите сојузници се подготвени, обединети и внимателно ќе го следат развојот на настаните, подготвени да одговорат доколку е потребно“, рече заменик-министерот за одбрана на Литванија, Томас Годљаускас.
Членките на НАТО организираат свои вежби
Како одговор на воената вежба „Запад 2025“, земјите од НАТО што се граничат со Русија одржуваат свои воени вежби. Во вежбата „Tarassis 25“ учествуваат 10 северноевропски земји од НАТО, додека Литванија ќе одржи своја национална одбранбена вежба „Thunder Strike“.
Полска оваа недела ја одржува својата вежба „Iron Defender-25“, во која учествуваат 30.000 војници. „Полска соодветно ќе одговори на вежбите „Запад 2025“, изјави заменик-министерот за одбрана Чезари Томчик за полската телевизија RMF.
Русија ги одржува вежбите „Запад“ на секои четири години од 1999 година, а загриженоста за нив стана традиција. Иако формално дефанзивна, вежбата од 2009 година симулираше нуклеарен напад врз Варшава, а вежбата од 2021 година доведе до масовно зголемување на силите во Белорусија кои беа искористени месеци подоцна за напад врз Украина, објавува Политико.
„Поради растечката загриженост дека Русија би можела да нападне членка на НАТО, веројатно во Балтикот, НАТО многу внимателно следи дали воената вежба му дава на Западот некаква индикација за идна руска офанзива“, забележа Томас Јанелиунас, професор на Институтот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот во Вилнус.
Белорусија покани набљудувачи од НАТО и ОБСЕ
Западните набљудувачи ќе ги користат вежбите за да ја проценат подготвеноста на руската војска три години откако таа ја нападна Украина. „НАТО многу внимателно ги следи руските воени активности. Не гледаме никаква непосредна воена закана против кој било сојузник на НАТО. Сепак, остануваме будни“, соопшти воениот сојуз.
Организаторите на „Запад“, тврдат дека нивните вежби нема да надминат 13.000 луѓе, а Белорусија соопшти дека поканила набљудувачи од земјите на НАТО, како и од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Русија, исто така, спроведува три одделни вежби со земјите од Организацијата на договорот за колективна безбедност, прикривајќи ја вистинската големина на вежбите. Се очекува сценаријата на овие вежби да укажуваат на видот на војување за кое Русија се подготвува против Западот“, објави Германскиот совет за надворешни односи.
Помалку војници отколку пред четири години
Вежбата „Запад“ ќе ги опфати руските воени области Москва и Ленинград, енклавата Калининград, арктичкиот регион, Балтичкото и Баренцовото Море и Белорусија.
Некои вежби, во близина на белоруското село Гожа и во Доброволск во Калининград, ќе се одржат само неколку десетици километри од Полска и Литванија. Војници ќе бидат распоредени и од двете страни на превојот Сували, коридор од 70 километри помеѓу Белорусија и Калининград, кој се смета за еден од најранливите одбранбени тесни грла во Европа.
Литванското воено разузнавање очекува до 30.000 војници да учествуваат во вежбата „Запад“, многу помалку отколку во 2021 година, кога учествуваа околу 200.000 војници. „Ова е далеку од она што би му било потребно на Русија за да нападне членка на НАТО, особено затоа што војната во Украина сè уште трае“, тврди Јанелиунас.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Украинци: Ослободивме уште едно село во регионот Донецк

Украинските сили го ослободија селото Зарично во Донецката област и таму го кренаа националното знаме, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Силами 425 окремого штурмового полку "Скеля" повністю взято під контроль село Зарічне на Донеччині.
Слава Україні! pic.twitter.com/j1c1OIr24L
— Генеральний штаб ЗСУ (@GeneralStaffUA) September 8, 2025
Зарично се наоѓа во источна Украина, во близина на административната граница со Луганската област. Стратешката важност на селото произлегува од неговата локација во близина на клучните транспортни патишта што ги поврзуваат Славјанск и Лиман. Според украинската група за следење на бојното поле, ДипСтејт, поголемиот дел од селото е под украинска контрола, а руските сили се потиснати назад.
Генералштабот објави дека операцијата ја извршиле војници од 425-от ударен полк Скала. Претходно овој месец, истата единица објави дека ги исчистила Новоекономична и Удачна, две села западно од Покровск.
фото: принтскрин